Во автомобилот на иднината се сé врти околу интернетот: Проверка на пошта, постирање на интернет, добивање информации за проодноста на патиштата. Прашањето е, кој вози?
Каде е најблиската станица за точење гориво? Дали има слободни места на паркиралиштето? Што постирале пријателите на фејсбук? Одговорот на овие прашања во иднина ќе може да се добива зад воланот, затоа што интернетот ќе се пробива со несопирлива брзина и во автомобилите – иако работите засега не изгледаат така.
Производителите на автомобили досега го гледаа интернетот повеќе како закана, отколку како шанса. Интернетот денес е достапен дури и во автобусите, кај нас, а веќе долго време во светот. За тоа е сосема доволен кој било смартфон. Но, зад воланот е поинаку. За пристап на интернет денес се плаќа скапо дури и во автомобилите од највисоките класи.
На браншата ѝ е јасно дека повеќе не може да се откажува од интернетот. За купувачите е неприфатливо да немаат пристап на интернет по седнувањето во автомобилот. Консултантите од Capgemini предвидуваат дека во 2016 година, вградениот пристап на интернет ќе биде решавачки за купувањето на возилото.
Производителите од премиум сегментот влегоа во трка. Системот Connected Drive на BMW може на возачот да му ја чита добиената пошта. Mercedes стартуваше со продавница за апликации. Притоа, корисникот не се поврзува со инфраструктурата на Apple или Google, затоа што неговите податоци се наоѓаат на облак на Daimler. Поевтините модели, како Audi A1 или класата А на Mercedes исто така нудат мобилен пристап на интернет.
Интеграцијата на WhatsApp, Facebook и E-Mail е неминовна. Расте бројот на модели на автомобили кои што со доплата се опремуваат со екрани чувствителни на допир, чии што кориснички интерфејси личат на смартфон. За само неколку години повеќето од новите автомобили ќе бидат опремени со повеќефункциски екран, кој совршено ги спојува возилото и смартфонот.
Но, мобилниот интернет може производителите на автомобили да ги чини скапо. Премиум производителите како Mercedes, Audi и BMW ги нудат интернетот и мултимедијата за најмалку 2.000 евра. Повеќето клиенти сметаат дека тоа е прескапо. Затоа, поврзувањето на интернет во автомобилот се врши на наједноставниот начин. Смартфонот се зема во раце и се користи највообичаено. Тоа е опасно, и поради тоа е забрането.
Секако дека постојат и евтини решенија, со кои што смартфонот се поврзува преку адаптер или блутут. Производителот на прибор Parrot ги нуди овие решенија веќе за 200 евра, дури и за постари автомобили. Дополнителни трошоци не постојат, затоа што корисникот веќе има договор за мобилниот телефон. Продавниците за апликации се познати и отворени за сите, а соодветно на тоа и конкуренцијата е голема. Цените на програмите и на обновените карти се неспоредливо пониски од цените што ги бараат производителите на возила. Тоа е предизвик со кого што мораат да се соочат автомобилските куќи.
Извесно е дека автомобилот ќе стане мобилен кориснички уред. Прашањето е само дали авто индустријата ќе успее да се одржи во трката со производителите на електронски уреди и со интернет услугите, или пак, ќе претставува само сложен, но прост адаптер со екран, копчиња и звучници, на кого што се поврзуваат смартфоните и го преземаат царувањето со интернетот.
Тоа би било вистинско хорор сценарио за авто производителите. Секоја апликација која што ќе се преземе од Play-Store или iTunes значи губиток на пари за нив. Покрај тоа што ќе ја пропуштат заработката од апликациите, производителите ќе ги изгубат и податоците за клиентите и за нивните возила.
Индустријата мора да реагира, но и ситуацијата не е толку безизлезна за нив. Смартфоните не се наменети за користење во автомобилите, дури и практичното ракување со покажување со прст не е оптимално зад воланот. Тоа што автомобилите го имаат како предност е комбинираното ракување преку говорни команди и копчиња на воланот. Користењето на мултимедијата во автомобилот мора да биде едноставно, односно мора да е попаметно од паметните телефони.