Во врнежливите денови, опасноста од незгода се зголемува за два до четири пати. Посебна опасност е аквапланингот, односно создавањето воден клин под гумите
Многумина возачи реагираат погрешно кога гумите ќе го изгубат контактот со подлогата. Уште поголема опасност е кога аквапланингот ќе настапи на браздите по должината на патот, кои што ги создаваат тешките товарни возила. При посилен дожд, овие бразди се целосно покриени со вода. Место неколку милиметри, длабочината на водениот слој во овие бразди може да изнесува и повеќе од еден сантиметар. Од голема помош е ако напред има друго возило и ако се следат трагите што тоа ги остава на водениот пат. Ако трагите се губат брзо, тоа е знак дека на патот има дебел слој вода, на кој што постои опасност од појава на воден клин под тркалата. Кога тркалата од возилото што е напред оставаат траги од пена на патот, тоа е знак дека патот е мошне лизгав, по подолг сушен период.
Како што се зголемуваат брзината и дебелината на водениот слој, така под тркалата почнува да се создава воден слој, затоа што профилот на гумата не може да ја потисне преголемата количина на вода. Современите профили можат да потиснат до 25 литри вода во секунда при брзина од 80 km/h. За четири до пет секунди, една гума истиснува исто толку вода колку што собира во домашната када. Кога профилот не може да се справи со водата, контактот со подлогата се губи, и тоа многу побрзо отколку што сметаат повеќето, по што возилото буквално плива на патот.
Возачот може сам да процени дали во одредени услови постои опасност од аквапланинг. Честото заплискување на подот и олеснувањето на воланот ја најавуваат опасноста. На крајот, управувањето го губи дејството. Кај возилата со преден погон, тркалата за миг почнуваат да пролизгуваат во водата, моторот ги качува вртежите, а стрелката на бројачот на вртежи потскокнува. Возилото е без контрола, во тој случај само физиката и божјата среќа решаваат како ќе мине опасноста.
Првото што треба да се направи при аквапланинг е да се поднамали темпото. На силен дожд и на пат со надолжни бразди, дури и 100 km/h се премногу. Секако е потребно да се зголеми и растојанието од возилата напред. Неопходни се зголемена претпазливост и следење на однесувањето на возилата напред.
Наглото и панично вртење на воланот е убиец на стабилноста и на контролата над возилото. Ако возилото не реагира на мали вртења на воланот, треба да се почека брзината да се намали и гумите да го повратат контактот. Најопасно е ако со завртени тркала се лизга по дебелиот слој вода. Во тој случај, кога тркалата повторно ќе воспостават контакт со подлогата, возилото се извртува за миг.
Со нови гуми со профил длабок осум милиметри, во услови кога се вози во слој вода дебел исто така осум милиметри, аквапланингот се јавува веќе при 80 km/h. Во истите услови, ако профилот на гумите е дебел само три милиметри, пливањето почнува веќе при 68 km/h, а ако се работи за профил со длабочина од само 1,6 милиметар, тогаш аквапанингот треба да се очекува при само 54 km/h. Затоа се препорачува гумите да се сменат кога профилот ќе се истроши до 4 милиметри.