Голем успех за целиот концерн Стелантис на овогодишниот избор за Авто Европа. Покрај тоа што носечката титула му припадна на Џип Авенџер, победи постигнаа уште два модели на концернот на Фиат и Пежо.
Годишниот собир на Здружението на автомобилски новинари на Италија се одржа на 23-ти 24-ти октомври во седиштето на Бош Италија во Милано. Седумте финалисти беа достапни за тест возења, за членовите на здружението да можат да понудат најверодостојни оцени.
Плодна година за марките на коцернот Стелантис на овогодишниот избор за Авто Европа. Покрај Џип Авенџер, којшто е севкупен победник, уште две марки му донесоа триумфи на концернот: Фиат 600е и Пежо 408.
Наградите ги доделува Здружението на автомобилски новинари на Италија, со поддршка од 150 личности од јавниот живот како членови на жирито и жири од љубители на автомобили, коишто гласаа со логирање на вебсајтот www.premioautoeuropa.it.
Во рамките на изборот што постои 38 години, се одржа и конференција со експерти на тема на еколошка транзиција.
Најважната победа ја понесе Џип Авенџер, прв целосно електричен модел на американската марка, сега носител на наслов Авто Европа 2024. Моделот со слична големина со Ренегејд е воедно и прв модел на марката што е дизајниран во Европа, во Торино.
Погонската техника потекнува од Пежо Е-2008 и Опел Мокка Електрик, што значи досег до 400 километри во просек, односно до 550 километри при возење само во град. Доколку се користи брз полнач, енергија за 30 километри пат се полни за само три минути. Тоа е воедно и просечната дневна километража на европските возачи. Авенџер се произведува и во изведба со бензински мотор од 1,2 литар со 100 КС.
Наградата од публиката ја освои Фиат 600е, чијашто продажба штотуку стартува. Моделот е од големо значење за италијанската марка, затоа што со него Фиат се враќа во Б-сегментот, каде што некогаш царуваа Уно и Пунто. Денес и во оваа класа се бара СУВ, така што е сосем веродостојно за 600е да се смета за наследник на Пунто со „унапредени возачки способности“, како што порачува Торино.
Новиот СУВ, којшто ќе се нуди паралелно со Фиат 500 Икс, долг е 4,17 метри, електромоторот постигнува 156 КС, батеријата располага со 54 киловатчасови. За в година се најавува верзија со благ хибриден погон, прво во Италија, а мошне е извесно дека моделот кусо потоа ќе се појави и на македонскиот пазар.
Наградата од „создавачите на јавното мислење“ му припадна на Пежо 408. Кросоверот се одликува со мошне впечатлива и несекојдневна појава, со нагласок на динамиката. Долг 4,69 метри и со меѓускино растојание од 2,79 метри, Пежо 408 располага со изобилство простор на задната клупа, што е изненадување, затоа што би се претпоставило дека закосениот опаш одзема од просторноста.
Гамата се состои од две изведби со приклучен хибриден погон со моќност од 180 или 225 КС, како и бензинец со моќност од 130 КС. Автоматски менувач со осум степени е стандард во целата гама. Наскоро пристига целосно електрична изведба.
















