
Тоа е бројка каква што може да постигне единствено моделска серија што постои 60 години. Тојота во меѓувреме има надминато 57 милиони произведени примероци од својата Корола. Во знак на одбележување на шесте децении на моделот од светски глас, Тојота пушти специјална серија од Корола.
Според Јапонците, причина за успехот е почитувањето на истата формула, уште од првата Корола во 1966 година. Тоа се висок квалитет, практичност во секојдневието и добра противвредност, односно повеќе автомобил за парите. Дванаесет генерации на Корола се сменија оттогаш.
Корола денес се произведува во 12 фабрики ширум светот и може да се купи во 150 држави и региони. Европа е меѓу најголемите пазари за моделот. Со гласот што ја следи за квалитетот, издржливоста и долготрајноста, таа и денес е меѓу најпродаваните модели во Европа.
Поширокиот европски пазар се покрива преку фабриката во Турција, каде што Корола се произведува од својата седма генерација наваму, почнувајќи во 1994 година. Оттаму денес доаѓаат лимузинските изведби на Корола, вклучувајќи го секако и македонскиот пазар, каде што моделот од компакт класата во тековната генерација веќе со години е бестселер.
Четири години подоцна се придружи фабриката во Велика Британија, од каде што денес се испорачуваат комбилимузинската и комби изведбата Туринг Спортс, коишто за разлика од нашиот пазар, речиси целосно ја сочинуваат продажбата на моделот на западноевропските пазари.

Посебно нагласени белези во изгледот на славеничката Тојота Корола „60тх Аниверсари“
Специјалната серија за големиот повод има посебни детали во изгледот, амблеми на серијата и збогатена сериска опременост. „Англиските“ Короли се лакирани во ексклузивна бореал сила металик боја, со црн покрив и столбови. Може да се нарача и металик платина бела со бисерен ефект и пепелно сива.
„Турските“ Короли од славеничката серија, односно лимузината, лакирана е во друга боја, во лунар скај блу. Кај неа има и дополнителна лајсна на вратата на багажникот.
Посебни се и тркалата од 17 инчи со 10 краци и полирана површина, со црно хромирани завртки на тркалата.

Спортски дух додаваат мат сребрената лента долу во предниот браник и на праговите. Магленките се поставени на темна површина, а додадени се и украси на вратата на багажникот и на браникот. Моделот јасно се распознава и по мат сребрениот натпис „60тх Аниверсари“ на задните врати.

Во кабината пречекуваат плочки на праговите со логото за 60-годишнината и црни патосници со соодветни детали во мат сребрена боја.

За погонот може да се избира меѓу 1,8-литарски хибрид со 140 КС или 2,0-литарски хибрид со 180 КС.
Нарачките за славеничката Корола стартуваат во септември, а испораките ќе следат во октомври.
Така почна поглавјето на Тојота Корола во содржините на Аутомедиа
Хибридна тура со Toyota Corolla: Со 30 литри бензин низ цела Македонија (Дел 1)















