Тојота, Лексус, Хонда, покажуваат вештина за електричен погон на авто-салонот во Токио

Концептен автомобил Тојота ФТ-СЕ на салонот во Токио во 2023 година

Некогаш познат како Токио Мотор Шоу, важниот настан се враќа на автомобилската сцена за првпат по 2019 година, сега како Јапан Мобилити Шоу. Организаторите се трудат да ја вратат возбудата, на тоа што некогаш беше главна сцена на којашто јапонските производители на автомобили ги прикажуваа своите новитети и визии. За публиката да се врати помасовно, на настанот присуствуваат и други компании, освен производители на автомобили и камиони, па оттаму доаѓа и новото име Јапан Мобилити Шоу.

На големиот настан годинава ќе присуствуваат 475 изложувачи, што е рекордна бројка. Тоа се должи на присуството на голем број стартап компании од областа на високата технологија, што се специјализирани било за вештачка интелигенција или за урбана мобилност. Сé што се поврзува со движење, не го пропушта Шоуто годинава. Дури и локалните производители на автомобили се охрабрија да покажат како тие ја замислуваат иднината.

Во новиот дух на салон за мобилност, главни експонати кај Хонда се директорски авион и возило што слетува и приземјува вертикално. Тојота допатува со електричен мотоцикл со три тркала, заедно со макета од внатрешноста на Лунар Крузер, возило наменето за идни мисии на Месечината коешто користи погон на водород.

Здружението на јапонските производители на автомобили сепак имаше мака да ја врати некогашната слава на Токио Мотор Шоу, како задолжително одредиште во кругот од најважни салони за автомобили во светски рамки. Единствените не-јапонски производители што учествуваат годинава се БМВ, Мерцедес-Бенц и кинескиот Би-Уај-Ди.

Јапонските производители ќе внесат возбуда со низа од впечатливи автомобилски концепти. Големата разлика годинава е во тоа што домашните производители, што главно се посветени на хибридниот погон, првенствено Тојота и Лексус, сега ставаат нагласок на електричните возила. На тој начин, моќната национална автомобилска индустрија се пријавува за борбата за водечките места во производството и развој на електрични автомобили.

Јапан Мобилити Шоу се одржува од 25-ти октомври до 5-ти ноември.

Кус преглед за тоа што ќе биде прикажано на шоуто во Токио

БМВ

Втората генерација на БМВ Икс 2 ќе го доживее своето светско деби, како кросовер со изглед што е сменет од корен во споредба со претходничката и што додава значително повеќе коњски сили под хаубата. Моделот ќе се појави во европските салони во март. БМВ изврши преправки во дволитарскиот твин-турбо бензинец на Икс 2.

Дизајнот прикажува стил на купе, со исправен нос, долга хауба, накосени предни столбови и покрив што меко се спушта кон опашот. Страничниот појас е висок и Икс 2 со тоа го следи стилот на поголемите модели Икс 4 и Икс 6. Напред се забележува редизајнирана верзија на маската со „бубрезите“.

Хонда

Хонда сака да привлече внимание со три светски премиери, вклучувајќи спортски модел со електричен погон што е наречен Специјалистички Спортски Концепт и што треба да биде духовен наследник на легендарниот Ен-Ес-Икс.

Извршниот директор Тошихиро Мибе лани најави дека Хонда сака во средината на деценијата да лансира два спортски модели со целосно електричен погон. Едниот од нив ќе биде „специјалистичкиот“ модел, додека вториот ќе биде знаменосец на марката. На најавните слики се прикажуваат автомобили под плашт, со силуета што потсеќа на Ен-Ес-Икс.

Останатите експонати исто така се дел од стратегијата за електрификација. Едниот е концепт на малечок автомобил со име Састејниа-Це, што е произведен од рециклирана акрилна смола, како најава за технологиите што Хонда сака да ги користи за своите идни модели, во согласност со начелата за одржливост на животната средина.

Вториот експонат е микро електрично возило со две седишта, со ознака ЦИ-МЕВ. Возилото користи „кооперативна интелигенција“ и вози автоматизирано, осмислено како средство за конечен превоз до одредиштето.

Лексус

Лексус планира да ги покаже своите амбиции со електричниот погон, преку концептни модели што ја најавуваат следната генерација целосно електрични модели, базирани врз новата платформа што стартува во 2026 година.

На најавната слика се гледа силуета од концептен автомобил со издолжен и спортски изглед. Можно е тоа да биде духовен наследник на хиперавтомобилот ЛФА. Исто така е можно дека станува збор за унапредена изведба од ултра-аеродинамичниот автомобил со клинеста форма, чијшто цртеж го прикажаа менаџерите на настанот за електрични возила во мај.

Тој автомобил имаше нос прилепен до земја, долг и заоблен покрив и издолжена кабина. Директорите кажаа дека тој го претставува новиот бран електрични возила со сменет концепт.

Лексус ќе биде водечката марка во рамките на матичната компанија Тојота Мотор за платформата што ќе ја користат идните модели со електричен погон. Концептите ќе прикажуваат автомобили што се блиску до сериско производство, како во поглед на дизајнот на надворешноста и внатрешноста, така и за батериската технологија.

Мазда

Кај Мазда сé ќе се врти околу иконската Ем-Икс-5. Покрај штандот што ќе биде преполнет со низа моделски изведби и специјални серии од првата генерација на родстерот на Мазда од 1989 година, ќе се најде и концепт што прикажува како овој модел ќе опстојува во ерата на електричниот погон.

Во минатата година, тогашниот извршен директор Акира Марумото кажа дека Мазда има план да го префрли лесниот и темпераментен родстер на електричен погон. Пред да започне шоуто, Мазда објави слика со препознатливите задни светла на Ем-Икс-5 со два круга.

Електричниот МПВ Концепт се повикува на традицијата на Митсубиши со теренски возила, пренесена во ерата на погонот без емисија на карбон. На објавената слика се гледа возило со кутиест профил, со форма што потсеќа на Делика Д:5. Митсубиши ги издвојува големото растојание од подлогата и електричниот погон на сите тркала што е способен за секакви услови.

Светска премиера ќе доживее и концепт на малечок четирицикл со име Ласт 1 Мајл Мобилити. Елеткричното возило во стил на баги е развиено во соработка со Лајфхаб, токиска компанија што работи на следна генерација „подвижни столици“.

Нисан

Еден од пионерите во електромобилноста, Нисан, којшто почна со продажба на својот Лиф уште во 2010 година, ќе се обиде да го возобнови својот дух за електрификација и ќе прикаже дури пет концептни возила со погон на батерија. Три од нив се кросовери, со иновативна внатрешност и со мошне впечатлив дизајн што се темели на правоаголни форми – тоа се Хајпер Урбан, Хајпер Авантура и Хајпер Панк.

Четвртиот концепт е Хајпер Турер е осмислен како ван со изобилство од простор, во којшто е вградена батерија со цврст електролит, што Нисан ќе почне да ја користи во своите возила, почнувајќи од 2028 година. Покрај способностаза автономно возење има смисла и тоа што предните седишта се свртуваат наназад, за да се создаде средина на салон.

Петтиот концепт ќе остане во тајност сé до премиерата на салонот во Токио.

Субару

Спорт Мобилити Концепт, визија за спортски автомобил со високи перформанси, ќе биде доказ дека Субару планира да ја задржи возбудата на марката и во време кога возењето ќе биде на батерија. Субару го напоменува погонот на сите тркала, а го спомнува и рели-наследството, опишувајќи дека возилото минува секаде, во секое време, во „вонредни услови“. Со робусни браници, концептот веројатно го најавува идниот Ве-Ер-Икс, за којшто се шпекулира дека ќе се појави во елеткрична верзија во 2027 година.

Тојота

Најголемиот производител на автомобили во светот на својот штанд во Токио ќе прикажува исклучиво електрични возила. Марката на тој начин сака да увери дека работи забрзано на следната генерација возила со погон на батерија, коишто освен погонската техника, ќе се разликуваат и во начинот на производство.

Главното место ќе го заземе ФТ-Се со секси изглед, како спортски автомобил со широка трага на тркалата и со ниска силуета, што става сé на картата на врвна возна динамика и возачко уживање.

Важна улога има и концептот на кросовер ФТ-3е, со издолжена силуета и остри линии на каросеријата. Тојота преку овој автомобил ќе ги прикаже и онлајн-дигиталите услуги што ќе ги нуди во своите идни возила.

Уште два идни модели на Тојота со електричен погон ќе бидат меѓу главните ѕвезди на салонот: ЕПУ е пикап со двојна кабина, со име што доаѓа од Еколошки Пикап, додека Ланд Крузер Се уште со името кажува дека тоа е електрична верзија на иконскиот теренец на Тојота. Ознаката Се стои за Спорт Електрика.

Марката го потрдува својот статус на светската сцена со уште два електрични концепти.

Кајоибако е компактен повеќенаменски ван, што е способен за секаква задача, од достава на стока до авантуристичко возило за преку викендите. Јапонските марки по традиција посветуваат големо внимание на лицата со отежнато движење, па така и Кајоибако е погоден за лица во инвалидска количка.

Името доаѓа од приспособливите бродски контејнери, што се користат за безбеден и ефикасен превоз на делови и производи од една до друга фабрика. Тојота вели дека дизајнот е „ултра-експандирачки“.

Истата идеја ја применува и ИМВ 0, како пикап наменет за пазарите во развој, а посебно за Југоисточна Азија. Бројката 0 означува дека возилото е наменето за основниот сегмент, еден број под тековната понуда од ИМВ-пикапи на Тојота. Ознаката ИМВ доаѓа од Интернационално Мултинаменско Возило, како што се нарекува глобалната серија од рабтони пикапи, миниувани и СУВ-модели на Тојота. Возилотo е замислено за достава на храна, за пренос на стока, за спасување или за совладување тежок терен. ИМВ 0 се нуди со класични мотори со внатрешно согорување.

Го следите нашиот видео канал на YouTube?

Претходна објаваЏип Авенџер освои титула на автомобил на годината во Италија
Следна објаваПорше преку високата маржа надоместува за падот во продажбата во Кина

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here