Министрите на ЕУ одобрија нормата Еуро 7 да не биде толку строга

Министрите на ЕУ во понеделникот се сложија за ублажување на предлогот на Европската Комисија за емисијата на штетни материи според нормата Еуро 7. Осум држави, меѓу кои Франција и Италија, ценат дека промените што се предлагаа претходно, може да ги натераат производителите да вложуваат помалку во електричните возила.

Државите на ЕУ се сложија да не ги менуваат постоечките услови за тестирање и ограничувања за емисија за патнички автомобили и доставни возила. Наспроти тоа, нормите ќе бидат построги за автобусите и за камионите. Усвоени се нови лимити за емисија на неразградливи честички PM од сопирачките и гумите.

Шпанија, којашто во овој круг претседава со Европската Унија, претстави компримисна содржина на текстот, со којашто се сложи Советот на Европската Унија, главниот орган за донесување одлуки во Унијата.

Советот, Европскиот Парламент и Европската Комисија понатаму мора да преговараат околу конечниот договор за новите правила.

„Веруваме дека со овој предлог постигнавме поширока поддршка, рамнотежа во инвестициите за марките што се произведуваат и дека ги подобруваме придобивките за животната средина, коишто произлегуваат од овој закон,“ кажа Хектор Гомез Хернандез, актуелен министер за индустрија, трговија и туризам.

Италија, Франција, Чешка и уште пет држави, притискаа да се воведат поблаги правила, загрижени дека предложените лимити за штетни материи, како што се азотните оксиди во моторите со внатрешно согорување, ќе го одвлечат развојот и инвестирањето од електричните возила и место тоа ќе се вложува повеќе во моторите.

Италијанскиот министер за индустрија Адолфо Урсо ја поздрави одлуката да се ублажи Еуро 7.

„Новата регулатива, на барање на Италија, помага да се осигура синџирот на набавки за производителите со помала продукција на возила од висока класа, коишто се својствени за италијанската автомобилска индустрија, како што се Ferrari, Lamborghini, Maserati, симболи на ‘Made in Italy’ коишто произведуваат 50.000 возила годишно,“ кажа италоијанскиот министер.

Европските производители ценат дека воведувањето на Еуро 7, коешто треба да стапи на сила во 2025 година, ќе биде премногу скапо, а придобивките за животната средина ќе бидат незначителни.

Извршниот директор на Stellantis, Карлос Тавареш, вели дека првично предложената регулатива би водела кон повисоки цени за помалите автомобили, со што би се ограничила слободата на движење за домаќинствата со пониски приходи.

ЕУ прогресивно ги ограничува вредностите на штетните материи во издувните гасови од возилата, уште откако првиот пакет мерки Еуро 1 стапи на сила во 1992 година.

Претходна објаваMercedes-Benz и Роџер Федерер ја продолжуваат соработката
Следна објаваKia EV6 GT при сопирање произведува 320 киловати

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here