Кинескиот техно-производител Huawei пушта сé повеќе корени во автомобилската бранша. Партнерството со Volkswagen ќе биде клучен момент на настапот на компанијата на салонот IAA.
Откако САД му воведоа големи санкции, Huawei сега цели на европскиот пазар. Кинезите им се посветуваат сé повеќе на автомобилите. Пред две години, кинеската техно-компанија го понуди апликацискиот софтвер HiCar, како конкурентски производ за Android Auto и Apple CarPlay. Потоа следеше апликацијата за навигација Petal Maps, како алтернатива на Google Maps, којашто содржи информации што се неопходни за автономните возила. Кон крајот на минатата година беше претставен и првиот сопствен електричен погон Drive-One.
Huawei пролетоска си соедини сите автомобилски технологии во еден сериски автомобил, во Seres Huawei Smart Selection SF5. Станува збор за електричлен СУВ со деклариран досег до 1.000 километри. Основата за автомобилот на Huawei потекнува од САД, од SF Motors. Од компанијата отсекогаш нагласуваа дека повеќе ја гледаат својата идна улога како добавувач, отколку како производител на автомобили.
Следно е партнерството со концернот Volkswagen. Кинеската компанија склучи договор за лиценцно производство со добавувач на концернот од Волфсбург. Договорот се однесува на лиценца за патентот на Huawei за стандардот 4G, а во него е содржано и поврзување со мобилната мрежа за возилата на Volkswagen.
Тоа е најголемиот договор за лиценцно производство што Huawei досега го има склучено во автомобилската бранша. Компанијата очекува дека со договорот ќе бидат лиценцирани повеќе од 30 милиони возила.
Можно е Huawei на салонот во Минхен да објави соработка и со останатите автомобилски куќи. За разлика од нив, конкурентот Apple не изложува на салонот што првпат се одржува во Минхен, место во Франкфурт.
















