Концернот Volkswagen и американската компанија Ford потпишаа нови договори во рамките на постоечката соработка. Со нив се потврдува заедничкиот развој на три доставни возила, како и можност Ford да го користи електричниот погон на германскиот гигант. Преку соработката треба да се произведат повеќе од осум милиони возила.
Алијансата меѓу Volkswagen и Ford предвидува американскиот партнер да развие и да произведува пикап со средна големина, кого Volkswagen од 2022 година ќе го вклучи во сопствената моделска понуда, како наследник на Amarok. За второто доставно возило во соработката, како основа ќе се користи најновата генерација на Volkswagen Caddy. Изведбата на овој модел под логото на Ford ќе ја развие Volkswagen, кој ќе биде задолжен и за производството. Третиот доставен модел ќе го развива Ford, како наследник на Transit и на VW Transporter, во сегментот со носивост до еден тон.
Соработката понатаму предвидува Ford во 2023 година да стартува со продажба на сопствен модел со електричен погон за европскиот пазар, којшто како основа ќе ја користи платформата MEB на Volkswagen.
Само во рамките трите заеднички проекти во сегментот на доставните возила ќе се произведат околу осум милиони возила. Според шефот на Volkswagen, др. Херберт Дис, „соработката ќе ги намали развојните трошоци и ќе овозможи помасовно ширење на електричните и доставните возила на светскиот пазар, во исто време зајакнувајќи ја позицијата на двете компании.“
Ford и Volkswagen имаат развиен бизнис со доставни возила и пикапи, вклучувајќи ги Ford Transit и Ranger, како и Volkswagen Transporter, Crafter, Caddy и Amarok. Американскиот партнер предвидува во следните години да произведе повеќе од 600.000 електрични автомобили врз основа на платформата MEB на Volkswagen.
Уште еден важен дел од соработката се системите за автономно возење на специјалистот Argo AI. Компанијата Ford поседува удел во акциите на фирмата од Питсбург, а неодамна и Volkswagen го комплетираше откупот на соодветниот пакет акции. Со алијансата не се предвидува меѓусебна размена на сопственички удели меѓу двете автомобилски компании, кои и понатаму ќе си конкурираат на светскиот пазар.

















