Германската агенција за патен сообраќај оцени дека автопилотот на Tesla Model S претставува сериозно загрозување на сообраќајот. Агенцијата дојде до овој заклучок по илјадници километри тестирање на возилото. Можно е калифорнискиот електромобил да ја изгуби хомологацијата за продажба на германскиот пазар.
Според германскиот магазин Шпигел, Сојузната агенција за патен сообраќај издала предупредување за таканаречениот „автопилот“ во Tesla Model S. Агенцијата смета дека тој претставува сериозно загрозување за сообраќајот и бара на електричниот автомобил да му се одзеде хомологацијата за негова продажба на германскиот пазар. Останува уште министерството за сообраќај да реагира соодветно на барањата на експертите и да воведе забрана за калифорнискиот електромобил.
Експертите на агенцијата го тестирале Model S и критикувале неколку точки. Прво, самото именување на системот како „автопилот“ ги доведува возачите во заблуда. Возилото воопшто не сигнализира кога системот за автономно возење се наоѓа во ситуација што компјутерите не можат да ја совладаат. Како што наведуваат експертите, „возилото едноставно продолжува да вози небезбедно“.
Автопилотот не може да се соочи со брзините од преку 200 km/h на „аутобанот“
При престигнување, сензорите во автомобилот надгледуваат само 40 метри од просторот зад возилото. Тоа е премалку за германските автопатишта, кадешто на повеќето делници се вози со брзини од преку 200 километри на час. Покрај тоа, тест-возачите на агенцијата се соочувале со големи потешкотии да го вратат возилото во средната лента кога компјутерот почнувал да го префрлува електромобилот во лентата за престигнување.
Самостојното запирање во случај на опасност исто така функционира незадоволително. Системот не е во состојба да ги распознава жолтите ленти за означување на градежните зафати на патот. Место тоа, возилото и натаму се раководи според белите ленти што остануваат на патот.
Веќе се регистрирани два смртни случаи предизвикани од автопилотот на Tesla
Дебатата за системот за асистенција во возењето се води неколку месеци, откако во САД и Кина беа пријавени два смртни случаи предизвикани од автопилотот на Tesla. Во близина на германскиот град Хамбург исто така се случи незгода поради автопилотот на американскиот автомобил.
Браншата вложува многу во технологијата за автономно возење, но главното прашање во поглед на оваа технологија секогаш е безбедноста. Од Tesla веќе реагирале на пријавата од германската агенција со објаснување дека автопилотот функционира само како асистенција за возачот, којшто мора постојано да го надгледува системот. Според нив, системот за запирање при опасност од судир исто така ги исполнува постоечките стандарди.
















