за

Дали новиот Lincoln навистина е дрска копија на Bentley?

Голема кавга се води меѓу двајца автомобилски дизајнери. Главниот дизајнер на Bentley го обвинува креаторот на Lincoln Continental дека направил дрска копија на неговиот Flying Spur.

Кинеските и производителите од останатите региони во Источна Азија се познати по тоа дека прават дрски копии на автомобили и со гордост ги прикажуваат на салоните. Еден од последните примери во автомобилската историја е Kia Opirus, којашто беше речиси пресликана Е-Class на Mercedes, исто како и SsangYong Chairman, „непризнаен“ близнак на Mercedes W124. Уште е свеж и примерот со Landwind X7, како кинеска верзија на Range Rover Evoque.

Но, сега и благородната марка на Ford се чини дека се инспирирала од тоа што го прават другите, со концептната верзија на Lincoln Continental од салонот во Њујорк, чијшто продажен старт е најавен за в година. Лук Донкерволке, главниот дизајнер на Bentley, тврди дека Continental е дрска копија на Flying Spur. Британската марка е една од оние што живеат од ексклузивноста на изгледот на нејзините автомобили.

Донкерволке постирал на фејсбук-профилот на колегата Дејвид Вудхаус, дизајнер во Lincoln: „Дали веднаш да ви ги испратам сите калапи за производство?“. Постот веднаш бил избришан. Главниот цртач на Bentley препознал копија на неговиот концептен автомобил Flyuing Spur во идниот крстосувач на Lincoln, којшто деновиве е во центарот на вниманието на автомобилската јавност на салонот покрај Хадсон Ривер.

Вистина, кога оригиналот и плагијатот ќе се споредат, сличноста е запрепастувачка. Моќно обликуваните страници на каросеријата и профилираните задни крила се речиси идентични, како да потекнуваат од ист дизајнер. Од напред се забележува дека и пропорциите си одговараат. Разлики постојат единствено во светлата. Lincoln користи издолжени светла, додека Flying Spur ги има двата чифта светла, како препознатлив белег на Bentley. Задните светла исто така се разликуваат, како и позициите на рачките на вратите.

Мала е веројатноста дека британската марка ќе поднесе тужба за плагијат, токму поради разликите во деталите меѓу двете возила. Од друга страна, Lincoln Continental официјално се води како концептен автомобил и може да претрпи измени во сериската верзија.

Се чини дека дизајнерите пречесто се „инспирираат“ од Bentley. Пред десетина години, Chrysler го прикажа моделот „300“, чијашто маска беше очигледна копија на британската благородна марка.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Citroen C4 Cactus и вистината за автомобилите со стил

Volvo достигна 24.000 нарачки за новиот XC90