за

Новиот дизајнер на Bentley доаѓа од Volvo

Робин Пејџ се врати за повторно да работи за луксузната марка на концернот Volkswagen, откако го загуби местото на главен дизајнер во Volvo.

Bentley го именува Робин Пејџ за нов директор за дизајн, кој претходно работеше за шведскиот проиводител на премиум автомобили Volvo.

Пејџ доаѓа на местото на Тобијас Зилман, кој заминува од британската марка на групацијата Volkswagen и ќе им се посвети на други предизвици, пишува во денешното соопштение од Bentley.

Пејџ, 51, ќе биде одговорен за одредувањето на дизајнерскиот јазик на Bentley, во периодот додека марката се посветува на целосно преоѓање на електричен погон до 2030 година.

Пејџ започна слична трансформација во Volvo. Во минатиот ноември дебитираше СУВ-знаменосецот со целосно електричен погон EX90, по него следеше C40, како купе-изведба на компактниот СУВ-модел XC40. Од цртачката даска на Пејџ доаѓа и идниот EX30, малечок СУВ со целосно електричен погон, чијашто премиера е закажана за 7-ми јуни.

Volvo уште во јануари најави дека Џереми Офер, 55, ќе стане нов главен дизајнер на шведската марка, како наследник на Пејџ, кој требаше да биде поставен на функција на постар советник. Тоа ќе значеше дека Пејџ треба да му рапортира на Офер.

Офер пристигна во Volvo од стартап компанијата за електрични возила Arrival, каде што работеше како постар потпретседател и главен дизајнер.

Џим Роуен на светската премиера на Volvo EX90

Извршниот директор на Volvo, Џим Роуен, претходно изјави дека Офер е избран за местото на дизајнер поради неговите широки познавања од сферата на индустрискиот дизајнер. Офер претходно нема работено како автомобилски дизајнер во традиционална автокомпанија.

„Искрено, имаме толку многу луѓе во нашиот бизнис кои навистина го разбираат автомобилскиот дизајн, луѓе што имаат децении и децении искуство. Тоа што сакаме да го направиме сега, е да го внесеме тој индустриски дизајн во поголем обем“, кажа Роуен.

Пејџ ќе започне со работа на 1-ви септември и ќе одговара пред извршниот директор Ејдријан Холмарк. Ова е вторпат тој да работи за британската марка. Тој беше главен дизајнер за внатрешноста на моделите на Bentley во периодот меѓу 2001 и 2013 година.

За време на својата работа во Bentley, Пејџ работеше на внатрешниот дизајн на првата генерација на Continental GT и на Bentley Mulsanne.

Во седиштето на Bentley, во англиски Кру, Пејџ ќе раководи со тим од околу 50 дизајнери, со надлежност за надворешниот и внатрешниот дизајн, за боите и материјалите.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes ќе произведува со струја добиена од ветер

Логистиката на Toyota ќе користи камиони со водороден погон