за

Логистиката на Toyota ќе користи камиони со водороден погон

Камиони со горивни ќелии што користат водород ќе бидат вклучени во логистиката на Toyota во Европа. Техниката исто така доаѓа од Toyota.

Европскиот огранок на Toyota Motor воспостави соработка со холандската групација VDL, којашто има за цел да ја прошири примената на тешки камиони со погон на водород во Европа. Камионите ја користат погонската технологија, што Toyota меѓу другото ја вградува во својата лимузина Mirai.

Соработката во подрачјето на тешкиот патен транспорт има за цел да се намали емисијата на СО2 во патната логистика на Toyota во Европа. Големата цел на јапонскиот концерн е да постигне целосна неутралност во поглед на СО2 до 2040 година, од сите свои активности, во и надвор од производството на автомобили.

Покрај предностите што ги нуди водородниот погон во заштитата на климата, користа се огледува и во тоа што поради пониската тежина на „горивото“ се зголемува носивоста на камионите. Секако дека клучната предност е во тоа што за разлика од батерискиот електричен погон, кај водородниот погон, којшто исто така спаѓа во категоријата на електричен погон, нема потреба од чекање за батеријата да се наполни. Место тоа, водородот се полни слично како обичните горива, па дури и времетраењето на полнењето е слично.

Во холандскиот VDL се големи ентузијасти за отпочнатиот проект со Toyota, за камиони со погон на водород да се користат во поширок обем.

VDL Groep ќе го комплетира својот прв камион со водороден погон веќе во текот на летово. Потоа ќе продолжи монтажата на поголем број возила, коишто наесен ќе бидат пуштени по патиштата на логистиката на Toyota во Европа.

Логистиката превезува компоненти од добавувачите до фабриките на Toyota, готови возила и делови за сервисните работилници. Посебно е важно транспортот со тешки камиони да се ослободи од емисијата на СО2 на овој начин, затоа што камионите од тешка и средна категорија се неизбежни во работата на автомобилските компании.

Камионите со погон со горивни ќелии ќе имаат клучна улога и во развојот и проширувањето од мрежата од станици за полнење на водородот на поголема територија. Секако дека тие станици ќе бидат наменети за користење и од сите останати компании и проекти што вклучуваат возила со погон на водород.

Toyota досега има остварено соработки околу водородниот погон во најразлични подрачја. Во основа тоа е погонската техника од сериската лимузина Toyota Mirai, којашто се приспособува (скалест ефект) заради користење во лесни товарни возила, глисери, возови и автобуси.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот дизајнер на Bentley доаѓа од Volvo

Fiat и Французите најмногу искористија од растот на рентакар-продажбата