за

Mercedes ќе произведува со струја добиена од ветер

Во кругот на центарот за тестирање возила на Mercedes во Папенбург ќе се постават 20 ветерници, од кои што во иднина ќе се покрива петина од вкупната потрошувачка на струја на целата групација Mercedes-Benz AG.

Нов парк од ветерни електрани со моќност од преку 120 мегавати, од 2026 година ќе покрива 20 проценти од годишната потреба од струја на Mercedes-Benz Group AG во Германија.

Во поставувањето и управувањето со дваесетината ветерни електрани од страна на специјализираната компанија UKA, којашто го доби тендерот, Mercedes ќе вложи сума од преку 100 милиони евра. Во моментов се обезбедува документацијата, планот е изградбата да започне в година.

Mercedes-Benz уште лани најави дека во својот комплекс за тестирање возила во Папенбург, на северот на Германија, ќе постави ветерен парк. Плановите веќе почнуваат да се остваруваат.

Со германската компанија за енергетика UKA (Umweltgerechte Kraftanlagen GmbH & Co. KG) потпишан е повеќегодишен договор во вредност од преку сто милиони евра.

До средината на деценијата, во рамките на т.н. договор за откуп на струја (Power Purchase Agreements, PPA), во прочуениот комплекс во Папенбург ќе се постават дваесетина ветерни електрани со вкупна моќност од преку 120 мегавати. Со нив ќе се покриваат околу 20 проценти од годишната потреба од енергија на Mercedes-Benz Group AG во Германија.

Се размислува и за поставување фотоволтаици. „До 2039 година, целта ни е енегетската потреба на наша севкупна глобална мрежа од фабрики целосно да ја покриваме од обновлива енергија, и со тоа без емисија на СО2“, порачува Јерг Бурцер, член на управниот одбор на Mercedes-Benz Group AG, со надлежност за производство и управување со ланецот добавувачи.

Комплексот за тестирање Папенбург располага со површина од 800 хектари (за споредба, Градски Парк во Скопје покрива површина од 48,6 хектари) и од 1998 година е главен центар за истражување и развој на нови технологии и модели.

Од почетокот на 2022 година, сите фабрики што се во целосна сопственост на Mercedes-Benz се целосно неутрални во поглед на СО2. Тоа се постигнува и со договори за компензирање, но и со директни зафати. Денес 45 проценти од струјата што се троши во производство се обезбедува од обновливи извори. До 2030 година, уделот ќе се зголеми на 70 проценти. Во меѓувреме, до 2025 година, Mercedes-Benz во своите објекти ќе постави фотоволтаички централи со вкупна моќност од 140 мегават пик (MWp). Тоа соодветстува со површина од еден милион квадратни метри под соларни панели.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шефот на Renault вели дека Еуро 7 ѝ пречи на електрификацијата

Новиот дизајнер на Bentley доаѓа од Volvo