за

Шефот на Renault вели дека Еуро 7 ѝ пречи на електрификацијата

Лука де Мео, шеф на Renault, испрати критика до европските законодавци, за предложената нова регулатива за штетна емисија за моторите со внатрешно согорување.

Првиот човек на групацијата Renault, Лука де Мео, цени дека нормата Еуро 7 ѝ го одвлекува вниманието на браншата од нејзиниот пат кон целосна електрификација на понудата од модели.

Лука де Мео, извршен директор на групацијата Renault, вели дека нормата за емисијата на штетни материи Еуро 7 што ја предлага Европската Унија, ќе ѝ го одвлече вниманието на автомобилската индустрија, додека таа се движи во насока на целосна електрификација на своите модели. Директорот во исто време ѝ се заблагодари на италијанската влада, за нејзиното противење за нормата.

Членките на ЕУ и законодавците во текот на годинава ќе преговараат околу предложената нова норма Еуро 7. Таа воведува уште построги граници за емисијата на штетни материи од возилата, вклучувајќи ги азотните оксиди и јаглеродниот моноксид. Таа треба да стапи на важност за патнички автомобили и доставни возила во јули 2025 година. Нормата ќе ги опфати и камионите и автобусите, две години подоцна.

Европската Комисија воедно постави рок за престанок на продажбата на возила што користат фосилни горива во 2035 година. Постои исклучок од забраната за регистрирање нови возила со мотори со внатрешно согорување, којшто дозволува користење е-горива.

„Тие сакаат да воведат нова норма што ќе ни го одвлече вниманието од нашата мисија да ја трансформираме индустријата“, порачува де Мео. „Тоа ќе нé услови да вложиме многу пари во нешта што немаат иднина, затоа би сакал Европската Унија да ги преиспита своите намери“, за нормата Еуро 7 да не се дозволи во формата што се предлага во моментов.

Де Мео, италијански државјанин, кој воедно е претседател на здружението на европски производители на автомобили ACEA, зборуваше преку видео врска на настанот што во минатата недела се одржа во Тренто, Италија.

Де Мео вели дека ACEA во борбата против нормата Еуро 7 се сложува со ставовите на италијанската влада. „Италија зазеде многу јасен став во тој поглед и благодарни сме за поддршката“.

Италијанскиот министер за транспорт Матео Салвини, во претходна пригода кажа дека Италија и сојузниците во ЕУ „ја имаат бројноста“ за да ја блокираат нормата Еуро 7.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen планира уште бројни модели во семејството ID

Mercedes ќе произведува со струја добиена од ветер