за

Volkswagen планира уште бројни модели во семејството ID

Volkswagen во следните години значително ќе ја прошири својата понуда од електрични автомобили. Планирани се и модели над ID.7 и под ID.3.

Седумката од семејството ID на Volkswagen, заменичката на традиционалниот и безмалку култен Passat, почнува со продажба веќе кон завршетокот на годинава. Еден кус преглед за електричните модели ID што ги планира европскиот број 1 во следните неколку години.

Влезот на Volkswagen во електромобилноста не беше пловидба по мирно море. Кога Волфсбург во 2019 година стартуваше со ID.3, како свој прв модел од новоформираното семејство ID, критиките беа насочени кон кокпитот, каде што беа премногу забележливи намерите на стратезите на марката да заштедат и да постигнат поконкурентна цена. Тоа беше и единствената критика, затоа што компактниот електромобил вози фантастично. Наскоро и таа тема ќе стане минато. Летово во салоните ќе се појави преработениот ID.3, којшто ќе остава многу посилен впечаток околу изработката на кокпитот.

Голем новитет доаѓа кон завршетокот на годината, со почетокот на продажбата на ID.7. Комбилимузината со впечатливо аеродинамична форма е долга 4,96 метри и доаѓа како заменичка за лимузинската изведба на Passat. Во второто тромесечје во 2024 година е ред за комби-изведбата од ID.7. Во моментов се нагаѓа името што ќе го користи новиот модел. Извесно е дека Волфсбург нема да го користи традиционалното име Variant за своите комби-модели.

Летово се очекува и премиера на ID. Buzz со продолжено меѓуоскино растојание. Таа ќе се одржи во САД, затоа што Volkswagen за овој модел главно го има предвид американскиот пазар. Љубителите на Buzz можат да се надеваат и на изведба со два електромотори, а тоа значи со погон на сите тркала.

Над електричниот наследник на Passat има простор за ID.8 и ID.9. Првата ознака ќе ја добие идниот електричен Touareg. Тоа ќе се случи во 2028 година, затоа што мора да се чека да заврши развојот на новата платформа SSP (Scalable Systems Platform). Оваа платформа ќе се користи за најпрестижните модели во германскиот концерн. Истото се однесува и на ознаката ID.9. Таа веројатно ќе се користи за купе изведбата од ID.8.

Volkswagen ID.3 снимен во соларниот парк на ЕВН во Неготино

Еден сегмент пониско и исто така за 2028 година се планира серискиот модел од проект Trinity. Според првичните замисли, моделот требаше да биде конструиран во форма на лимузина по пример на Tesla Model 3. плановите сега се менуваат во насока на Model Y, којшто е бестселер на американскиот пионер со електрични автомобили. За Trinity би можело да се користи ознаката ID.6. Дотогаш, денешниот СУВ-модел што Volkswagen го нуди во Кина под таа ознака, веќе ќе го заврши својот век на производствените ленти.

Има простор и под ID.4, кого што во 2026 година ќе го пополни ID Tiguan. Маркетиншките експерти во концернот сакаат да ги користат големите моделски имиња во семејството модели ID. Подоцна ќе се придружат ID Golf, ID Polo и GTI.

За средината на деценијата е планирано да се почне со продажба на ID.2. Првиот дизајн не успеа и беше вратен од менаџментот. Во вториот обид, малечкиот електричен автомобил ќе добие поголема препознатливост на марката Volkswagen. Голем е предивикот за моделот навистина да се понуди во продажба по цена од 25.000 евра. За тоа да се постигне, ќе помогнат батеријата со нова хемија и пониските трошоци за производство во фабриката на Seat во Марторел.

Во план е мал автомобил по цена под 20.000 евра

Проширувањето на понудата уште нема да биде завршено со ID.2. Во план е СУВ-модел со ознака ID.2 X. Оваа буква во следните години ќе ја добие и ID.3, поаѓајќи во потрага по купувачи во еден сегмент повисоко.

Има планови дури и за класата на мини автомобили. Нормално дека тој модел
ќе се означува како ID.1. Целта е моделот да се понуди во продажба по цена под 20.000 евра. Тоа веќе би бил народен автомобил, како што впрочем и гласи името на марката.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel силно напредува на автомобилскиот пазар во Турција

Шефот на Renault вели дека Еуро 7 ѝ пречи на електрификацијата