за ,

Citroen C4 Cactus и вистината за автомобилите со стил

„Кактусот“ на Французите е ѕвезда на сцената на автомобилскиот дизајн и може да се стекне впечаток дека целиот тој стилски настап следува по цената со којашто настапува Citroen. Но, што навистина се добива за таа цена?

Титулата на најдобар автомобилски дизајн во светот за 2015 година е само последна во низата одликувања за стилот на Citroen C4 Cactus. Дизајнерите го ценат моделот, купувачите се интересираат за него. Секако дека прашањето околу цената е неизбежно. Колку автомобилот и да изгледа неодоливо, разумот сепак мора да се задржи. Но, колку навистина чини Cactus? Според ценовникот, 13.490 евра за изведбата со основното ниво на опрема Live и 1,2-литарски бензинец со три цилиндри и 82 КС. Важна напомена уште на почеток. Иако во името на Cactus фигурира и ознаката C4, моделот не се базира на компактот на Citroen, туку на помалечкиот модел C3. Логиката зад тоа е едноставна: Ако купувачот потсвесно го гледа Cactus како модел во семејството на С4, тогаш и цената ќе му изгледа попривлечна.

За 13.490 евра, францускиот кросовер изгледа како чесна понуда. Опремата вклучува радио со дисплеј на допир, централна брава, електрика на прозорци и ретровизори, диодни дневни светла, темпомат … Недостига единствено клима уред. Но, Cactus не е „конфекциски“ автомобил, туку е јасно конципиран како дизајнерско парче, како возило на коешто сопственикот може да му даде личен печат, како автомобил што треба драстично се разликува од останатите. Во тој случај, треба да се погледнат и некои други аспекти.

Основниот модел што чини колку обичните компакти, вклучувајќи го и самиот C4 во чиешто моделско семејство се шмугнува Cactus, од стилот што Французите го прикажуваат во промоцијата на моделот има одвај едно „с“. Место впечатливо дизајнирани бандажи, Cactus Live има обични раткапни, нелакирани рачки на вратите, исто како и „голи“ ретровизори или наједноставен финиш на предните и задните столбови. На тоа следуваат уште „воздушните браници“, коишто наспроти безбројните варијанти на бои во фабричките фотографии, во основното ниво се достапни исклучиво во црна боја, без разлика на бојата на каросеријата. Носачите за багаж на покривот отсуствуваат во Live, исто како и магленките. Можност за доплата за алу-бандажи или каква било стилска надоградба не постои.

Кој сака да вози стилски автомобил на когошто му е отстранет стилот?

Очигледно дека од стилот што Citroen сака да го прикаже во Cactus, само малку останува во моделот за 13.490 евра. Овие „пропусти“ во изгледот се коригираат дури во второто ниво Feel, поскапо за 1.500 евра од основното. Во овој случај, столбовите и рачките на вратите се лакирани, воланот е обложен со кожа и изработен е повнимателно, и најдоброто, следува клима уред. Доаѓаме, значи, до цена од 14.990 евра за Cactus со колку толку коригиран стил. На тоа треба да се додадат уште 200 евра за „воздушните браници“ да бидат во кафена, сива или беж боја. Но, уште недостигаат алуминиумски бандажи. Зарем смее да се допушти „светскиот шампион во дизајн“ да вози со обични раткапни?

citroen c4 cactus 620150405
За посебен стил е потребна и посебна доплата: 1000 евра за стилските бандажи Cross

Тука купувачот може да доплати 600 евра за бандажи од 16 инчи од списокот на дополнителна опрема или да доплати 500 евра за меѓунивото Leisure, кадешто бандажите следуваат заедно со магленки. За оние највпечатливите бандажи за Cactus треба уште посолена доплата, дури 1.000 евра. Последното ниво на опрема Shine, инаку, не се нуди со моторот 1.2 со 82 КС. За тоа е неопходно да се посегне по посилните мотори. Секако дека бојата на каросеријата е основа на индивидуалноста. Тука е следното изненадување. Четирите уникатни бои – арден црвена, маслинесто кафена, тиркизна и жолта чинат дополнително 490 евра, исто колку и металик лаковите, додека бисерната боја Citroen ја цени на 790 евра. Колку сме сега далеку од основната цена? Колку што Cactus е авангарден со дизајнот на каросеријата, толку повеќе е различен и во внатрешноста. И тука има многу „но“.

Дури и за изгледот на арматурната табла мора да се доплати за „стил“ во стилскиот автомобил

Четиристотини евра се потребни за доплата за пакетите Habana и Purple, за арматурната табла да изгледа исто како во проспектите. Со овие стилски надградби следуваат и посебен дизајн на штофот на повеќе позиции во кабината, подетална изработка на преградата пред совозачот, патосници, потпирач за раце и хромирани прстени околу предните звучници. Дисплејот во средишната конзола нема да ги подржува сите седум функции – клима, системи за асистенција, мултимедија, навигација, конфигурација, апликации за мобилен, телефон – освен ако се доплати 800 евра за навигација.

Citroen C4 Cactus за 13.490 евра? Не, туку за 18.330 евра. Тоа се речиси 5.000 евра повеќе. Уште малку, па друга класа на возило. Стилот сепак не се добива бесплатно.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Продадени 15.000 примероци од електричниот двосед на Renault

Дали новиот Lincoln навистина е дрска копија на Bentley?