Секој корисник остава траги, без разлика дали при онлајн купување, при сурфање или при користење на мобилниот. Една студија открива каква корист имаат компаниите од овие податоци.
Цвета бизнисот со личните податоци, открива една студија на институтот за истражување Cracker Labs од Виена. Бизнисот со собирањето, поврзувањето и искористувањето на личните податоци вреди милијарди евра, а негова цел се потрошувачите. Први на удар од јавноста се Google и Facebook, но во реалноста постојат уште голем број други претпријатија што заработуваат од податоците од потрошувачите. Институтот наведува многубројни примери за тоа.
Препознавањето на одделни корисници денес функционира на сите уреди и платформи. „Data Mining“ ги анализира обемните количини на лични податоци и во нив бара шаблони или меѓусебни зависности. Од тоа може да се стекнат одделни заклучоци и да се предвидат идните постапки. Некој синџир супермаркети, може од постапките при купување на бремените жени, на пример, да предвиди кога е нивниот термин за пораѓање и во соодветно време да им понуди бебешки колички или облека.
Корисниците може да ги чини скапо кога потенцијалниот продавач знае премногу за нив. Во зависност од тоа во која категорија на купувачи се ставени, какви им се навиките при купувањето и кои уреди и пребарувачи ги користат тие, разликата во цената за еден производ може да изнесува и до 166 проценти. Просечната разлика во цената кај американскиот трговски синџир за канцелариска опрема Staples изнесува осум проценти.
Уште повеќе лични податоци протекуваат од паметните телефони и преносните уреди. Голем број апликации посегнуваат по личните податоци, иако нема потреба за тоа. Некои осигуреници доброволно се подложуваат на контрола, затоа што осигурителните компании им ветуваат попусти. Осигурениците што ќе вградат сет за телематика во своето возило, на пример, добиваат попуст од 5 проценти, но под услов да возат дефанзивно. Во случај корисникот почесто да вози брзо, да сопира нагло, да вози ноќе или претежно во град, попустот повеќе не важи.
Компаниите не ги користат нивните бази со податоци само за оценување на платежната способност на корисниците, за наплата и за финансиски услуги, туку имаат и бонус програми или програми за здравствена заштита и тргуваат со адреси коишто ги користат за директен маркетинг. Американската фирма Acxiom поседува досиеја од околу 700 милиони лица, со 3.000 различни податоци по лице. Во нив спаѓаат и мошне доверливи информации, на пример за етничката припадност, за пушачките навики, за болестите, омилените медиуми или за политичката ориентација.
Студијата ги анализира и општествените последици на собирањето податоци, констатира преоѓање во контролирана заедница и укажува на опасноста од злоупотреба или бришење на податоците. На цели групи од народот им се заканува дискриминација или лишување од одредени услуги. На тој начин, преку повисоки цени или поскапи осигурувања им се ограничуваат шансите и можностите за избор на единките.
















