за

Против загадувањето со иста компетенција како за учебник за историја за петто

Што е полошо од загаден воздух? Има и од тоа полошо. Ликови што се нашле за повикани да нé спасуваат од катастрофата, само уште да дознаат како да го сторат тоа.

Дождот слабо го изми воздухот…. Децата да се носат надвор од град на чист воздух… Скопје од шесто падна на 26-то место во светот… Не излегувајте од дома, воздухот е загаден – Тоа што звучи како поезија на Бора Чорба, не е друго, освен поплаки и совети како да се реши загаденоста. Европа, унијо, со кого тоа ќе си дружела.

Најлесно ќе беше ако и тоа можеше да се препише од некаде. Но, нема. Поминало. Нашата несудена Унија одамна ги решаваше тие проблеми. Тогаш дури ни интернет не постоеше, па и тие немаа од каде да препишат, туку мораа да работат. Или уште подобро, мислеа и размислуваа. Додека во Смакедонија десет години се плаче за пеем-честичките, светот веќе зборува за одржливост, затворен еко-систем, нулта емисија на СО2, ограничување на глобалното загревање на 1,5 степен. Тие се борат на планетарно ниво, овде уште не можат да се свестат од каде им доаѓа загаденоста.

Неколку факти за писмени луѓе:

Во 2005 година, според Државен завод за статистика, во патниот транспорт биле согорени 182.000 тони дизел. Во 2021 година, количината на дизел што согорел во моторните возила, изнесува 582.000 тони дизел. Тоа е 3,2 пати повеќе. Првото дуплирање на количината на дизел се случува уште во 2014 година.

Во 2005 година, во истата статистичка обработка, моторните возила согореле 116.527 тони бензин, додека во 2021 година, количината на потрошениот бензин дури се намалила на 84.397 тони.

Во 2012 година, во државата биле регистрирани 92.700 патнички автомобили со дизел мотор, за нивниот број да се зголеми на 271.394 возила во 2021 година.

Во 2012 година, бројот на патнички автомобили со бензински мотор изнесува 199.329, нивниот број во 2021 година се намалува на 194.393 возила.

Исто така во 2012 година, регистрирани се 9.501 автомобил со погон на автогас, за според најновите податоци, нивниот број во 2021 година да се искачи незначително, на 11.762 возила.

Товарни автомобили, со дизел мотор: 17.804 во 2011 година, 36.958 во 2021 година.

Автобуси, дизел: 2.327 во 2012 година, 2.787 во 2021 година.

Во 2003 година, во земјата имало регистрирани 300.000 патнички автомобили. Во 2021 година, бројноста е зголемена на 478.000 возила. Тоа се 59% возила повеќе.

Почнувајќи од 2003 година, бројот на возила стари до две години ширум државата расте прогресивно, од 7.000 возила, на дури 25.000 возила во 2008 година. Во 2021 година, во возниот парк зголемен за 59%, бројот на возила стари до две години изнесува 7.000 возила, исто како во 2003 година.

Од вкупно 300.000 патнички автомобили во 2003 година, 203.000 се постари од 10 години. За 2021 година: 424.000 возила од вкупно 478.000 возила се постари од десет години.

Од вкупниот број регистрирани патнички автомобили во 2003 година, 67,7% се постари од 10 години. Во 2021 година, 88,8 проценти од возилата се постари од десет години.

Просечната старост на возилата била најмала во 2008 година, значи кога се продавале најмногу нови возила, со 15,4 години. Во 2021 година, автомобилите во просек биле стари по 19,5 години.

Просечната старост на патничките автомобили од 19,5 години, одговара на нормата Еуро 3. Според нормата Еуро 3, дозволената количина неразградливи честички изнесува 50 милиграми на километар. Количината на канцерогените честички се огранилува на 4,5 милиграми на километар уште од нормата Еуро 5б, којашто е обврзувачка за сите нови автомобили почнувајќи од 1-ви јануари 2013 година. Тоа е повеќе од десеткратно намалување на количината на PM-честичките.

Тоа се факти, непобитни факти, што укажуваат повеќе од јасно, дека кобната загаденост на воздухот, не само во Скопје – што е посебно важно – туку во цела држава, доаѓа главно и во најголем дел од возниот парк

Тука доаѓа прашањето: Каква стратегија има државата за обновувањето и управувањето со возниот парк? Всушност, многу прашања: Какви автомобили ќе се возат по 10 години? Каква норма треба да исполнуваат возилата? Како ќе се поттикнува купувањето почисти и понови возила? Какви повластици ќе уживаат возачките и возачите на автомобили со ултраниска или нулта емисија на штетни материи? Како ќе се спречи регистрирање и користење возила што се штетни за животната средина? Како ќе се регулира сообраќајот, за граѓаните да бидат поштедени од изложување на издувните гасови и силната бучава од сообраќајот?

Единствената стратегија што се почитува во земјава се раководи според плацевите за користени автомобили во Бугарија, а не менува многу и кога користените автомобили се донесуваат од плацеви во Германија или Швајцарија? Еуро 4, толку е доволно, друго е неважно.

Долго време сцената се замајуваше дека во земјата се увезуваат евтини користени автомобили, затоа што куповната моќ и стандардот не ни дозволувале повеќе. А, како тоа никој по улиците не ги виде тие евтини користени автомобили, освен оние домашните, купени во Македонија во годините пред да се дозволи увозот на отпадот. Евтини автомобили, секако да, но не најголемите лимузини и најтешки „џипови“ што може да се купат за малку пари, коишто видовме дека не служат за друго освен во ставање во филм дека со седнувањето во такво автомобил се стекнува еден чин повиоко во аристократската хиерархија. Точно од тоа се угушивме, од големите и тешки автомобили што некогаш пред дваесет години ги возеле директори и професионалци во Германија, а сега се евтини на тамошните плацеви, затоа што за нивно регистрирање треба да се двојно повеќе од цената по којашто се продава автомобилот.

Мерките против загадување? Забавување на сообраќајот, драстично на 30 километри на час, одземање една лента од широките булевари и нивно резервирање за т.н. бавен превоз, за велосипеди, тротинети. Отворање простор за пешаците да се движат достоинствено, место да се собираат на пешачки острови што се сведени како за девојче и кутре. Јавен превоз – со чисти сметки, многу автобуси, тролејбуси. Нови паркови, мали и големи, секаде каде што е можно, воведување денови без сообраќај, освен на неколку главни сообраќајници, на коишто секако дека ќе биде ограничена брзината. И, најважното, строго ограничување на користењето возила со странски регистерски ознаки – возила што се префрлувааат на такви ознаки, затоа што имаат превисока емисија на штетни материи, и доколку се регистрираат на МК-таблици, за нив треба да се плати повисока еко-такса, отколку за возила што имаат ниска емисија.

Да не беше трагично, ќе беше смешно колку малку се познаваат темите околу загадувањето од сообраќајот и начините на коишто се надминуваат катаклизмичните состојби како во македонските градови. Европа и поголемиот дел од светот веќе го решија проблемот со честичките PM. Без милиони пари од народот, брзо и со образ пред граѓаните.

Пред да шират невистини и заблуди околу вистинскиот извор на загадувањето во Смакедонија, оние што потсеќаат на вицот со „ај само уште еднаш удри го да те видам дали смееш“, нека поминат пред некое училиште, да ги видат тие здрави и среќни деца, што ги чека. Нека отидат во викендите во парк, пеш или со велосипед, не со бугарските џипови со велосипеди на опаш и делфин на покрив, да ги видат тие радосни и весели фамилии како уживаат во природата, што на сите ни е неопходна. За да живееме.

Автомобилите пак ќе си ги сакаме. Никој нема да ни ги земе. Но, нив ќе ги користиме за да отидеме во природа, да си ги видиме пријателите и роднините, да видиме странство, да бидеме луѓе. Никој не е „сељак“, ако посака да го посети и запознае Мариово, ако отиде на риба во Радожда, ако направи излет покрај Радика, да се качи на Пелистер. Македонија е ова, земјата со најубавата природа во светот. Света Македонија, далеку од Смакедонија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia останува партнер на тениското првенство во Австралија до 2028 година

Концептот Suzuki eVX вози 550 km на струја, доаѓа во 2025