Станува сé поинтересно откривањето на вистинската страна на електричниот погон, а во исто време станува сé позабавно да ѝ се најдат нови предизвици на електричната Toyota bZ4X, во овој историски проект во којшто ќе извозиме вкупно 3.000 километри со електро-првенчето на марката, што еднаш веќе го смени светот со хибридниот погон.
Проектот во којшто во најразлични услови и мисии ќе извозиме 3.000 километри со електричната Toyota bZ4X, почна со загревачката тура на Водно, како запознавање со возилото пред големата тура долга 750 километри, во којашто ја извозевме цела географска ширина и должина, од Пехчево и Берово, до Охрид и Кичево, и од Гевгелија и Струмица, до Гостивар и Скопје. Потоа следеше уште една откривачка тура, кога со енергијата добиена при спуштањето од Попова Шапка, извозевме до Скопје, со речиси ист досег во батеријата, како горе на Шар Планина.
Од тоа што е стекнато како искуство досега, најважното е чувството на сигурност во досегот на електричната Toyota bZ4X – сигурност во смисла на „тоа што го гледаш, тоа го добиваш“. Со полна батерија, електричната сестра на Toyota RAV4, минува околу 460 километри во реални услови на возење. Сигурноста дека ќе се поминат толку километри, можеби нешто повеќе или помалку според условите, помага многу, за да се предвиди патувањето и да се знае однапред, дали по пат ќе има потреба да се дополнува батеријата, или тоа ќе може да се направи по враќањето дома.
На големата тура, на релација Скопје – Куманово – Кратово – Пробиштип – Кочани – Македонска Каменица – Делчево – Пехчево – Берово – Струмица – Валандово – Богданци – Гевгелија, батеријата ја полневме на станицата за горива на Макпетрол, на преминот Богородица, по извозени 326 километри, со преостанат досег за 146 километри.
Со просечна потрошувачка од 14,9 киловатчасови на сто километри на возењето до Гевгелија, вкупниот досег би изнесувал 472 километри. По 45 минути полнење на батеријата до 80 проценти, на единствениот јавно достапен брз полнач во земјата (Порше Македонија нуди користење на своите турбо полначи од 320 kW како услуга), со моќност од 100 киловати, имавме досег за уште 405 километри.
Страница со сите објави од проектот со електричната Toyota bZ4X
[the_ad id=”73735″]
Следното полнење беше во Охрид, со преостанати 155 km досег, на обичен приклучок во хотел, преку ноќ. Рано следното утро, батеријата беше наполнета за 322 километри, речиси двојно повеќе отколку што е долг патот до Скопје. Во Сарај, електричната Toyota покажа дека има енергија за уште 162 километри. Толку е непотребна целата „драма“ околу полнењето.
За новата тура што ја водиме како домаќинска, и за секоја следна тура, грижа околу досегот, не постои. Веќе си ја познаваме bZ4X, се знае што може да се очекува и колку може да постигне електричниот крстосувач
Во видеото на јутјуб правиме мала неизвесност околу одредиштето што е цел на патувањето, на во оваа објава на порталот, јасно кажуваме кое ни е одредиштето. Целта е Росоман, поточно пазарот во селото што е во централна Македонија, во самото срце на земјата. Но, зошто се решивме за познатото село во кавадаречко?
Во електромобилноста, сé e околу домашното. Европа и Америка се натпреваруваат за брзо и масовно да изградат фабрики за батерии. Се даваат масивни субвенции, се вложуваат милијарди во суштината на електромобилноста. На државно ниво, Франција, Шпанија, Германија, Шведска, градат гигафабрики што ќе ги снабдуваат производителите на автомобили со батерии за вградување во стотици илјади електрични возила.
Електромобилноста е дел од државната стратегија во земјите коишто се научени да создаваат сами, место да чекаат некој да им каже, како што е вообичаено на Балканов.
Важно е домашното производство на батерии, уште е поважно користењето обновлива енергија – сонце, вода, ветер. Приказните за наводното загадување на животната средина од производството на батерии, потекнаа главно од големите нафтени компании, државните економии што зависат од нафтата, државите со масовно производство на мотори со внатрешно согорување и илјадници погони на добавувачите што ги снабдуваат фабриките со делови. Тоа беше обид да се спаси вложеното во постоечкото производство и да се избегнат нови вложувања. Таа приказна веќе одамна заврши во средините каде што брзо се осознава вистината.
Видеото со шарпланинската тура го објавивме на инстаграм
View this post on Instagram
Значи, домашно производство. Двапати го посетивме Росоман, прво во мај, кога родот уште не беше стасан и на пазарот се продаваше главно домашна конзервирана храна. Вториот пат веќе сé беше поинаку. Праски, прочуените праски од Росоман, кајсии, домати од типот „можеш три дена да ги чуваш во ладилник“ затоа што се непрскани и органски се речиси да имаат душа, лубеници и дињи на коишто од петелките уште им излегува течност, пипер, лук, грав, но и ракија, слатка, природен оцет, сé што може да роди божјата земја со вреден човечки труд, може да се добие на пазарот во Росоман.
Симболиката за „домашното“ и асоцијацијата со електричните возила и со домашното производство на електрична енергија, најверно што може се осознава на ова вредно место, на осумдесетина километри од Скопје
Реалноста е нешто сосем спротивно. Зарем може во средина во којашто не функционира ниту економија, ниту индустрија, а најмалку здравство и право, па не ниту постојат државност и патриотска болка кога се уништува своето, и дури се остава домашниот род да пропаѓа, за некој да увезува храна и да им плаќа на некои странци, може реално да се очекува таа средина да се разбуди за промените што го зафатија светот, со електромобилноста?
Видеото од вториот дел од долгата тура
Во деновите кога го посетивме Росоман, мештаните стравуваа дека родот ќе им пропадне, затоа што каналот за наводнување на нивите беше нефункционален. Тие чесни и вредни луѓе шпто заслужуваат повеќе од почит, тогаш ни кажаа дека праските што ги купивме, може да бидат и последните праски годинава. Во меѓувреме се појавија вести дека проблемот е надминат, но во тоа ќе можеме да се увериме единствено при нова посета на Росоман.
Досегот, значи, воопшто не е прашање на оваа и на која било следна тура. Со 460 километри досег, односно веројатно повеќе, ако се внимава малку повеќе на динамиката, може да се извози од Куманово до Битола, и од Тетово до Струмица, и назад, без потреба од полнење.
Страница со сите објави од проектот со електричната Toyota bZ4X
[the_ad id=”73735″]
Тоа што дополнително нé увери оваа тура со сосем домаќинска мисија, тоа е слободата на патувањето, кога трошоците се буквално занемарливи. За околу 170 километри од Скопје до Росоман и назад, Toyota bZ4X трошеше во просек 20,2 киловатчаови на сто километри – со вклучена климатизација и со возење со максимално дозволената брзина. Тоа значи дека електричната Toyota за патувањево потрошила 34,34 киловатчасови. По ноќната тарифа, еден киловатчас чини 1,3193 денар. Не земајќи ги предвид надоместоците за пренос и дистрибуција, ДДВ, комунална такса, за батеријата на електричната Toyota да „наполни“ 34,34 киловатчасови, цената е 45,30 денари. Толку чини патувањето. Реално треба да се земат предвид и 10% губитоци при полнењето, што пак дава околу 50 денари.

Реално, ако се земе пример домаќинство што месечно троши 300 kWh по дневна тарифа и 400 kWh по ноќна тарифа, месечната сметка за струја (јуни 2023), вклучувајќи ги сите надоместоци, даноци и такси, би изнесувала 4.429 денари.
Доколку на оваа сметка се додадат 35-те киловатчасови за полнењето на Toyota за патувањето до Росоман и назад, месечната сметка би изнесувала 4.579 денари. Според тоа, возењето 170 километри во набавка на свежи, домашни, врвни намирници, чини точно и само 150 денари. Тоа се 2,11 литри дизел (28-ми јуни ’23), доволни во најдобар случај за триесетина километри.
Toyota bZ4X со 150 денари минува 170 километри, петметарска лимузина со дизел мотор од 2000-те како репер, за толку пари може во најдобар случај да мине триесетина километри
Човек едноставно седнува во електричен автомобил, еве нека биде токму Toyota bZ4X, „електричен RAV4“, патува по автопат осумдесет, сто, двесте километри, брзо, најкомотно, најбезбедно и најрелаксирано во тивката кулиса, си набавува домашни, македонски намирници, оди некаде да пие кафе, да посети пријатели, роднини, оди да се нурне „в езеро“ колку да се излади, се враќа – и сето тоа ќе чини стотина денари.

Има само еден проблем. Со избегнување на патарината кај Петровец и патување до Катланово, но затоа со патарина на Сопот/Отовица и Градско, ова патешествие нé чинеше 280 денари. За струја 150 денари, за патарина 280 денари? Во земја каде што кешот од патарината е многу „корисен“ и каде што следи 7% попуст доколку на картицата за наплата се надополнат над 300.001 денари, зарем може да се очекува друго.
Остануваат уште бројни тури. Километражата досега:
- 20 километри на Водно
- 750 километри на Големата Тура
- 140 километри од Шарпланинската Тура
- 170 километри од Домаќинската Тура















