Најавите за температурите што ќе надминат 40 степени Целзиусови се главните вести, сé останато станува помалку важно. Повторувањето на советите, за секојдневието со автомобилот при овие летни жеги да се издржува полесно, секако дека и во „новата сезона“ нема да биде на одмет.
Час или два во природа, во овие жеги стануваат недоволни, за освежувањето да држи цел ден. Се бара подолготрајно решение, заминување барем неколку денови во планина, на езеро или на море. Автомобилот и натаму е неопходност, но потребно е да се имаат предвид неколку совети, што ќе помогнат да се намали стресот, и возењето и патувањето да биде попријатно.
Внимание е потребно уште при полнењето гориво. Обично при полнење бараме горивото да биде буквално до врв. Еден до два литри гориво повеќе во резервоарот што ќе се дополнат по исклучувањето на пиштолот, многу се „важни“. Но, токму таа количина вишок, може да предизвика прелевање на горивото. Како и сите течности, горивото при висока температура се загрева и се шири. Вишокот гориво може да прелее од чепот за полнење и да истече по каросеријата. Тоа од една страна е лошо за лакот, затоа што го оштетува, но претставува и опасност од пожар. Литар или два повеќе, сепак се важни, за зачувување на безбедноста, но и на вредноста на возилото.
Советот над сите совети: Пред да седнете зад волан, проветрете ја кабината
Две до три минути, обично нема да сменат многу, и да донесат нова работа или пари. Толку време треба да се почека, кога на овие жеги се поаѓа кон автомобилот. Во таа брзаница, честопати забораваме да ја проветриме вжештената кабина и веднаш седнуваме зад волан и поаѓаме. Затоа: Отворете ги вратите, задниот поклопец, оставете жешкиот воздух да излезе и температурата во кабината барем малку да се спушти.
Свеста за животната средина, а уште помалку за луѓето околу, кај нас уште не се дојдени до тоа ниво, возилата да не се оставаат со вклучен мотор. Но, дајте добар пример, а направете си добро и на себе, заштедувајќи гориво, и во тие две до три минути додека чекате да се излади кабината, не оставајте моторот да работи. Моторот стартувајте го кусо пред поаѓање и пуштете вентилацијата да работи на најсилно, за и жештината во системот за проветрување да се испушти.
Кога ќе го вклучите клима уредот, не насочувајте го воздухот од отворите да струи директно на гола кожа или кон лицето. Студениот воздух секогаш насочувајте го кон покриените делови од телото. Лекарите предупредуваат дека студениот воздух може да предизвика грчење на мускулите. Во полошите случаи, може да се здобие настинка со температура, кивање и кашлање.

Во основа треба да се внимава температурата да не се мести на најниско и дувањето да не биде на најсилно. Секое нагло преоѓање од жешка во студена средина, претставува напрегање за организмот. Доколку растојанието е помало, честопати е подобро автомобилот да се остави и да се појде пеш или со велосипед, токму заради избегнување на тие нагли температурни промени.
Децата не ги оставајте сами во автомобилот
Тоа е голема негрижа: Многумина практикуваат набрзина да скршнат до супермаркетот и да се вратат за „минута“. Притоа, децата се оставаат во возилото, исто и милениците. Опасноста е огромна. Високите температури во кабината можат во најлош случај да доведат до смрт. Затоа, мора да се внимава крајно одговорно. Децата не ги оставајте во автомобилот, дури ни на минута. Исто и милениците.
Температурата во кабината може за миг да се искачи до 60 степени Целсиусови. Кога децата или домашните миленици се оставаат во паркиран автомобил на директно сонце, тоа може да доведе до опасност по животот.
Не менува многу ако се подотворат прозорците. Направени се тестирања, кога при надворешна температура од 28 степени Целзиусови, на автомобилот се оставени подотворени прозорци. Мерењата не покажуваат разлика.
По десет минути, температурата во кабината со затворени прозорци се искачила на 38 степени. Десет минути подоцна, веќе биле 45 степени Целсиусови. Со подотворени прозорци, температурата во првиот случај била 36, во вториот 42 степени. Тоа е практично незначително. По еден час, воздухот во кабината во автомобил паркиран на сонце се искачува далеку над 50 степени Целсиусови.
Оставањето на автомобилот на директно сонце е лошо и за електрониката. Во сервисните работилници се случува наплив од возила со дефекти, чијашто електроника е оштетена токму за време на екстремните топлотни бранови. Во екстремен случај, компонентите може да се загреат на преку 90 степени, а во голем број од случаите, тие не се проектирани за толку високи температури.
Паркирање во сенка и поставување штитник за сонце е класика и тоа секако дека треба да се практикува безусловно. Сончевите зраци се одбиваат и се спречува тие да доспеат до кабината.