Податоците за продажбата за македонскиот пазар и натаму се водат неофицијално и без вистинска потврда за веродостојноста на истите. Забелешките на увозниците се однесуваат главно на непотрдувањето на веродостојноста на податоците. Уличната слика во дел се разликува од тоа што статистиката некогаш го пријавува. Од друга страна, за податоците за одредени марки и модели нема место за сомневање. Kia е најпродавана марка во април со 47 возила, пред Volkswagen и Toyota, напродаван модел бил VW Polo.
Во првите четири месеци од годината, на македонскиот пазар се продадени вкупно 1.606 лесни возила, од кои 1.303 се патнички автомобили и останатите 303 примероци се доставни возила. Лани во истиот период биле продадени 1.365 патнички и 318 лесни товарни возила, односно вкупно 1.683 возила. На одржувањето на пазарот на ниво од 4,7 проценти во минус можат да ни позавидат и најголемите пазари во Европа, каде што продажбата неретко е смалена за третина.
Априлската продажба регистрирала 394 нови патнички автомобили и 84 нови доставни возила. Шампион е Kia со 47 продадени возила, пред Volkswagen со 44 и Toyota со 43 возила. Во крајно ограничениот преглед на продажбата, водечката петорка ја комплетираат Skoda со 38 возила и Hyundai со 28 возила. Меѓу товарните возила води Fiat (23), пред Renault (16) и Citroen со 12 возила. Отсуствуваат податоци за продажбата на повеќе марки, вклучувајќи ја и марката Suzuki, којашто традиционално постигнува висок удел на македонскиот пазар, меѓутоа од увозникот не добивме податоци за продажбата во април.
Според непотврдената статистика, најпродаван модел во април 2022 година е VW Polo со 26 примероци, со напредок од 9 места во однос на март и со вкупно 49 продадени возила во периодот од јануари до април. Пријатно изненадување е Fiat Panda на второто место, со 20 возила, со напредок од 4 места во однос на март и 43 продажби вкупно годинава.
Моделите на Kia се менуваат постојано на пиедесталот, марката на македонскиот пазар не се потпира врз месечни феномени, туку „произведува“ продажба
Од Kia секогаш има изненадувања. Овојпат не е во прашање Ceed или актуелниот хит-модел на марката, новиот Sportage, туку шампионот на Kia е кросоверот Stonic. Тоа е менаџерската вештина во тимот на увозникот. Стилскиот кросовер со техниката од Rio, во април постигнал 19 продажби.
Промените во тимот на Citroen вродуваат плод. C3 повторно е високо, на 4-то место, со 17 примероци. Во споредба со април лани, C3 напредувал за 112,5 проценти. Априлскиот резултат е дури за едно место под март, кога францускиот градски модел бил трети најпродаван модел. Вкупно 55 промероци годинава.
Првиот модел на Toyota се појавува на 5-то место, тоа е Yaris со 15 примероци и за 50% подобрен резултат од лани. Статистиката не прикажува детални податоци според останатите показатели. Corolla го дели 7-то место, со 13 продадени примероци, вкупно 72 годинава. Лани во април, евергринот на јапонската марка бил најпродаван модел.
Kia Sportage e 7-ми најпродаван модел во Македонија во април. Со вкупно 44 примероци, наследникот на најпродаваниот автомобил на нашиот пазар лани, веќе го престигна Hyundai Tucson, којшто заостанува со 36 примероци, иако Sportage стартуваше со продажба дури кон крајот на февруари. За Sportage важи истото како за повеќето модели што предизвикуваат посебен интерес на пазарот. Од моделот се продаваат толку примероци, колку што ќе се обезбедат, залиха не постои.
Уште една пријатна глетка е Peugeot 301 со 12 примероци во април. Француската лимузина во март се искачила до 5-то место. Вкупно 36 примероци. Нецелосниот статистички преглед не ни ги прикажува останатите модели на Peugeot, посебно моделите 208, 308 и СУВ-бестселерите 2008 и 3008, коишто секако дека постигнуваат висока и рамномерна продажба без големи падови и искачувања.
Прегледот го завршува Mitsubishi Space Star, вистинска ѕвезда на македонскиот пазар, со 50 продадени примероци до април, практично повеќе и од априлскиот шампион Polo.
Најпродавани модели на македонскиот пазар во април 2022 година
Април ’22 |
2022 |
|
Volkswagen Polo | 26 | 49 |
Fiat Panda | 20 | 43 |
Kia Stonic | 19 | – |
Citroen C3 | 17 | 55 |
Toyota Yaris | 15 | – |
Fiat Ducato | 14 | – |
Dacia Duster | 13 | 57 |
Hyundai i30 | 13 | 48 |
Kia Sportage | 13 | 44 |
Toyota Corolla | 13 | 72 |
Peugeot 301 | 12 | 36 |
Mitsubishi Space Star | 6 | 50 |
Hyundai Tucson | 5 | 36 |