Уште колку народ треба да загине од и во автомобили за да се јават виновниците?

Утрото по големиот празник, не почнува убаво. Веста е дека во Аеродром, автомобил удрил во човек на велосипед, кој од силината на ударот бил фрлен во човек што туркал количка со дете, минувајќи на пешачки премин. Тука ќе заврши и ова поглавје на општото лудило во оваа земја. Неколку реченици објавени по порталите за веста да им биде прва на агрегаторите, пет шест коментари долични за лудилото и дваесетина лути фаци на друштвените мрежи. Нема друг да дојде некаде од туѓина и да ги учи овие дека така не одат работите.

Главното прашање, кој е виновникот? Возачи што се оставени да јурат колку што држи патот и што ги гледаме дека се слободни да го прават тоа, секогаш кога ќе појдеме со автомобил до местото каде што треба да стигнеме? Или можеби треба да се впери прстот кон сообраќајните контроли што секогаш се наоѓаат на истото место, на десетина локации низ цел град? Или можеби се виновни едикојси преспански и малоречански намесници, што кутрите не ни знаат дека им е задача да се грижат за сообраќајот и за луѓето да не гинат на улица?

Возачите не се виновни. На некои толку им држи умот, иако по правило би требало барање за возачка дозвола да се поднесе со навистина важечко лекарско уверение. Тие треба да се спречат да го прават тоа што го намериле. Зошто ние, граѓанки и граѓани, селанки и селани, возачки и возачи, вакви и такви, секогаш ги гледаме овие возачи како лудуваат по улица, единствено тие што треба да ги видат, не ги гледаат?

Тогаш, полицијата е виновна. А, кој знае па каква „онкологија“ и „бехтеленковина“ се случува таму. Едно време луѓе знаеја дека причината за тоа што полицијата не излегува во патрола, е немањето пари за полициските возила да се наполнат со гориво. Од друга страна, каква заштита има функцијата на полицијата, кога разноразни заслужници и предавници ќе им спомнат некое звучно име, што ги ослободува од секаква одговорност и вина? Дали и полицијата доби покачување на платите за 78 проценти?

Од тие што си зедоа народен грев и навистина си ги покачија заслугите за 78 проценти, можеби ќе беше подостоинствено и поблагородно, ако вишокот пари од даноци и поткупи од народот, го дадеа за камери и сензорски системи, што во оваа 23-та година од третиот милениум, се толку секојдневни, што ги има и во секој нов автомобил.

Значи, ниту се виновни возачите, ниту полицијата, туку се виновни единствено овие неранимајковци на највисоки државни функции на коишто не им се дораснати, и што народот одамна ги брка оттаму, но тие немаат ниту основен човечки морал, за да умеат да реагираат на тоа

Господа во министерства за семки и боза, во институции за пиење кафе и играње топка со честа на македонскиот народ, во грешнички влади и парламенти, народот гине и трпи од вашата неспособност и незаинтересираност. Постојат луѓе што учеле наука за сообраќајот и за урбаното уредување и живеење, тие нека ни го средуваат движењето и живеењето во градот, место вашите малоречански заслужници и преспански предавници.

Место вашите смрдени булевари што истераа цел жив свет наоколу, погледнете две улици во градот – не повеќе, за срамота – дел од улицата Орце Николов и дел од Аминта Трети. Така изгледаат нормалните градови денес, во коишто не се утепуваат луѓе со автомобили од бугарски отпади, туку се почитува достоинството на човекот.

Во нормалниот свет, луѓето се најважни, а не автомобилскиот крш што со децении ни се довлечкува

Таму не се вози колку што држи колата или колку што му држи паметот на возачот, туку се вози толку брзо колку што треба, за луѓето да можат да се движат достоинствено. Колку ли живот се изроди по тие улици! Кафулиња, ресторани, луѓе излезени да прошетаат, велосипеди, нема врева, будалите не можат да дојдат до израз, затоа што брзината им е ограничена. Затоа што луѓето во нормалниот свет се најважни, а не автомобилскиот крш што со децении ни се довлечкува.

Барцелона, светски град, има само една улица по којашто може да се вози побрзо, Диагонал. На сите останати улици, автомобилите не ги ни забележувате. Париз, Виена, Хамбург, Лисабон, секаде истото. Само во оваа земја, што и најголемите патриоти, од револт почнаа да ја викаат така, може некој со неговата голема кола да се симне од планина во град и да јури по широки градски автопати, за да се изнавози и изнаживее. Каква селендра ни станаа градовите, не само Скопје, општо.

Ниту на половина од темата, мора да се направи заклучок, затоа што ова требаше да биде само еден коментар за денешниот застрашувачки настан по улиците на градот. Ни требаат радари по улиците, со камери што ја снимаат регистерската таблица и фацата на возачот, секогаш кога техниката ќе регистрира повисока брзина од дозволената – под услов народот да не плаќа милијарди евра и за тоа.

Потребна ни е полиција што ќе има гориво и ќе биде достојно платена за да го воочува и казнува тоа што сите го гледаме дека се случува во сообраќајот. Најпотребно ни е физичко ограничување на брзината на движење низ градовите, со фантастично делотворните лежечки острови што еден од сто знае да ги мине правилно.

Не жртва секој ден, туку ниту еднаш

Истото важи и за пешачки премини што се обележани јасно и свежо, со знаци што ќе истераат око, осветлени максимално. А, за сето тоа да се заокружи, тргнете ги проклетите турски и шпански и којзнае уште чии серии од телевизиите, направете кампања за безбедноста на сообраќајот (без да ја ангажирате „фирмата“ за безбеден сообраќај на госпоѓата со бундата) и за културата на движење, обезбедете спонзорства од фирми и помош од кој знае какви сé фондови постојат, ангажирајте ни ги нашите најдобри глумци, сценаристи, режисери што постојат во светот, да се направи „бушав сообраќај“.

Затоа што допрво треба да учиме да се движиме низ градот. Светот веќе работи на Визија Зеро. Тоа значи свет без ниту една жртва во сообраќајот. Не жртва секој ден, туку ниту еднаш.

 

Претходна објаваГерманците бараат посебно полагање за дозвола за тешки СУВ
Следна објаваВикендов пробно возење на СУВ-моделите на Хавал во Сити Мол

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here