Автомобилите растат и стануваат сé потешки, просечната тежина на нов автомобил во Германија изнесува 1,6 тон. Возачките и возачите во земјата ценат дека треба нешто да се менува. Во истражување по нарачка на германскиот неделник Дер Шпигел, речиси половината од испитаниците кажале дека тешките СУВ возила не смее да се управуваат со обична возачка дозвола.
Во средината на октомври, германскиот влијателен неделник Дер Шпигел, со тираж од преку 700.000 примероци, спроведе истражување за тоа што народот цени дека треба да се смени во законите за издавање европска возачка дозвола. Близу половината од испитаниците, значајни 48 проценти, кажале во анкетата дека се сложуваат новите возачки дозволи за почетници да бидат ограничени на тежина до 1,8 тон.
Тоа значи дека за некои од најпродаваните модели во земјата, како што се Фолксваген Тигуан, Тесла Модел Ипсилон или БМВ Икс 1, во иднина би било потребно да се полага посебен возачки испит. Само 34 проценти се против тоа. Преостантите 18 проценти немаат став.
Со дозволата за управување со возило од категорија Б, границата е 3,5 тони. Предлогот да се постави граница на 1,8 тон и да се воведе нова, посебна возачка дозвола за категорија Б+, доаѓа од Карима Дели. Француската политичарка од редовите на зелените и претседателка на комисијата за сообраќај во Европскиот Парламент, предлага возачите да минат посебна обука, како и две години пробен период и возраст од најмалку 21 година.
Предлогот е една од многуте идеи на Дели за реформата што ја планира Комисијата на ЕУ, за издавањето возачка дозвола. Европскиот совет за безбедност во сообраќајот го поздрави предлогот и укажа дека опасноста по животот расте заедно со тежината на возилата.
Колегите на Карима Дели реагираат бурно на овие предлози и зборуваат за „масивно посегнување по слободата на граѓанките и граѓаните“.
Жешки теми во европската автомобилска политика се и предлогот да се воведе задолжителен тест за возачката способност за повозрасните лица, како и да се ограничи брзината на возење за младите и забрана за нив за возење ноќе, и уште бројни други теми.
BREAKING: New large-scale Belgian study shows shocking impact of vehicle weight increases on road death and injury.
e.g. When a cyclist or pedestrian is hit by a pick-up, the risk of serious injury increases by 90% compared to a car. The risk of death increases by 200%.
They… pic.twitter.com/GVk6Pn49sG
— European Transport Safety Council (@ETSC_EU) August 30, 2023
Комисијата на ЕУ во март излезе со предлог, возачите над 70 години возраст да мораат на секои пет години да отидат на лекарски преглед за утврдување на нивната возачка способност, или евентуално сами да направат процена за тоа колку се способни да учествуваат во сообраќајот со моторни возила. Дели прелага и редовни проверки на видот и слухот, што патем е редовна постапка во Италија, и не само за повозразните возачи.
Големо единство околу забраната за пушење во автомобил
Уште една идеја наиде на жестока дискусија: Забрана за пушење во автомобил. Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах бара таква забрана во случај кога во возилото патуваат бремени жени или малолетници. Во анкетата на Шпигел, дури 75 проценти од испитаниците се сложуваат за таква забрана, додека 15 проценти се против (10 проценти без став).
Комисијата за сообраќај на ЕУ во декември треба да донесе конечна одлука што и како ќе се менува во законите за возачка дозвола.

















