за

Колку возниот парк ни се електризираше во 2020 година?

Годинава мина во знак на корона, а од гледиште на автомобилската индустрија, главно во знак на неочекувано брзиот пазарен напредок на електричните автомобили. Во Македонија се одвиваа некои други трендови.

Прашањето што е беспредметно да се постави до увозниците на автомобили во Македонија во овие времиња: Колку возила со електрифицирана погонска спрега купија македонските граѓани во 2020 година? Наспроти тоа, околу истото прашање се одвиваа главните трендови во автомобилската бранша во Европа, во оваа чудна година. Затоа би било многу пореално, прашањето да се формулира поинаку: Колку возниот парк во Македонија ни назадуваше во 2020 година?

Една куса ретроспектива на годината во којашто никој не сака да се навраќа. „Дваесет-дваесет“ за автомобилската бранша во Македонија започна уште од првата минута во новата година. Од 1-ви јануари, место претходниот закон за акцизи, во неговиот дел што се однесува на моторните возила, стапи на сила новиот данок за возила. Разликата беше во тоа што новоформираната давачка содржеше т.н. еколошка компонента, односно давачка во зависност од видот на моторот и количината на СО2 во издувните гасови, декларирана од фабрика.

Иницијативата за воведување еколошка компонента имаше првенствено за цел да се стави поголема контрола врз увозот на автомобили со висока емисија на штетни материи. На тој начин ќе се „одбранеше“ животната средина од нови загадувачи, покрај веќе катаклизмичните степени на загаденост, по коишто нашата држава е прочуена во светот. Покрај трикратно зголемената потрошувачка на дизел во Македонија, како факт што еко-хобистите и фејсбук-професионалците не умеат да го перцепираат реално ниту по половина деценија, исто така.

За дизел со 200 g CO/km се наплаќа еко-давачка во висина од 810 евра, за бензинец што вреди исто, но испушта 120 g CO/km давачката е само 96 евра – овој ЕУ-кредибилен начин да се намали увозот на автомобили со висока емисија на штетни материи резултираше со масовно практикување на возење под бугарски регистерски таблици – но, тоа не значи дека овие автомобили престанале да загадуваат

Со новата давачка, користен автомобил со дизел мотор, со 5.000 евра царинска основица и емисија на СО2 од 200 грами на километар, подлежи на дополнителни 810 евра. Користен автомобил со иста висина на царинска основица, значи 5.000 евра, но со бензински мотор и со емисија на СО2 од 120 грами на километар, со новата давачка се оптоварува со само 96 евра. Не може да биде појасно. Тоа е истиот систем според којшто Европа го регулира возниот парк од аспект на заштита на животната средина и воедно е истиот систем што овозможи големи стари лимузини со моќни мотори и од луксузни марки да чинат под 5.000 евра на тамошните плацеви за користени автомобили.

Со овој чекор, Македонија конечно и првпат во својата автомобилска историја воведе систем што поригорозно ги разликуваше повеќе еколошките од помалку еколошките автомобили. Како што се испостави подоцна, Законот во неговата конечна форма имаше претрпено неколку отстапки од појдовната верзија, главно и единствено во интерес на делот што треба да го наплати „државата“. Меѓутоа, моментот беше важен, затоа што со него се изгради рбетот на системот што понатаму требаше да ни овозможи да преоѓаме на возен парк што е втемелен врз заштитата на животната средина – и на нас самите.

Властите беа убедени дека добрата продажба на хибридите, поради нивното ослободување на акциза, ќе им ја наполни касата набрзина, откако воведоа давачки и за хибридите; Последиците од групер-економијата останаа до денес

Бесмисленоста на „2020“ се покажа кај хибридните автомобили. Повеќе од една деценија, автомобилите со две срца беа ослободени од плаќање акциза во Македонија. Зависно од вредноста на возилото, ослободувањето се движеше меѓу 250 и 6.000 евра. Условно „ослободување“, затоа што хибридните автомобили во основа се поскапи од автомобилите со обичен погон.

Колку се точно 3,3 литри гориво? Кога ќе се погледне колку навистина е количината на гориво што Toyota Corolla ја минува со сто километри, поинаку се цени штедливоста на хибридот

Постојат најразлични варијанти на тема, „кој издејствува хибридните автомобили да ја изгубат привилегијата?“ Но, факт е дека без разлика за која варијанта точно станува збор, на државата ѝ изгледала мошне примамливо идејата да почне да им наплаќа редовна „акциза“ на хибридите. Дотогаш, продажбата на автомобилите со хибриден погон се одвиваше сосем пристојно. Во тогашната ура-атмосфера во владините кругови, веројатно некој се понадевал за ним логичната врска – хибриди се продаваат добро во Македонија, тоа значи дека државата ќе може солидно да инкасира кога нивната продажба ќе ја оптовари со дополнителна давачка. Таква е генетски пренесуваната логика на владејачкиот апарат на овие простори – секоја мерка што ти дозволува да извлечеш повеќе од граѓаните е добра мерка. Веројатно никој во тие кругови не бил свесен дека со нивната мерка можеби ќе се попречи продажбата на хибридните автомобили.

Колку беше анахрона, дилетантска и контрапродуктивна идејата на властите да го применуваат механизмот за наплата на „еко-давачки“ и за самите хибриди, покажува следниот пример.

Модели со чисто хибриден погон што се достапни на пазарот во 2020 година:

  • Ford Kuga (од 04/20)
  • Ford Mondeo (од 02/19)
  • Ford Mondeo Turnier (од 02/19)
  • Honda CR-V (од 10/18)
  • Honda Jazz (од 07/20)
  • Honda Jazz Crosstar (од 07/20)
  • Honda NSX (II) (од 10/16)
  • Hyundai IONIQ Hybrid (од 08/19)
  • Hyundai Kona (од 11/17)
  • Hyundai Santa Fe (од 12/20)
  • KIA Niro (од 07/19)
  • KIA Sorento (од 10/20)
  • Lexus CT (од 10/17)
  • Lexus ES (од 03/19)
  • Lexus IS (од 12/16)
  • Lexus LC Coupé (од 06/17)
  • Lexus LS (од 01/18)
  • Lexus NX (од 11/17)
  • Lexus RC (од 01/16)
  • Lexus RX (од 10/19)
  • Lexus RX L (од 10/19)
  • Lexus UX (од 03/19)
  • Renault Clio (од 09/19)
  • Suzuki Swace (од 12/20)
  • Toyota Camry (од 03/19)
  • Toyota C-HR (од 12/19)
  • Toyota Corolla (од 04/19)
  • Toyota Corolla Sedan (од 04/19)
  • Toyota Corolla Touring Sports (од 04/19)
  • Toyota RAV4 (од 01/19)
  • Toyota Yaris (од 09/20)

Тоа се сите автомобили чиишто потенцијални купувачи буквално се оштетени, затоа што државата реши годинава да наплаќа „акциза“ за хибридните автомобили. Toyota уште од старт реагираше џентлменски и не дозволи купувачите да бидат „оштетени“, преземајќи ја екстра давачката на сопствен грб. Јапонскиот пионер на хибридниот погон и вооопшто на електрификацијата на погонската спрега, сепак е „татко“ на целиот овој пазарен сегмент.

Во исто време, со новиот закон за возила се овозможи за автомобилите со приклучен хибриден погон да се наплаќа само половина од данокот што би следувал редовно. Во време кога цела Европа масивно и масовно воведуваше субвенции, со цел да го поттикне преоѓањето на почист погон и постигнување поголема независност од нафта, Македонија реши да им наплаќа екстра давачка на автомобилите со електромотор во погонот. Најблизок термин за тоа би бил панаѓур-ароганција.

Браншата моментно нуди 103 модели со приклучен хибриден погон – додека „цел свет“ ги субвенционира овие возила, македонските власти наплаќаат екстра давачки

Списокот на модели со приклучен хибриден погон, чиишто потенцијални купувачи се оштетени поради воведувањето екстра давачка, предолг е да се наведе, но за ориентација: Станува збор за вкупно 103 (сто и три!) модели и моделски изведби со приклучен хибриден погон што автомобилската индустрија ги нуди моментно на европскиот пазар. Истите во голем дел се достапни и во македонската дилерска мрежа. Во повеќето држави, продажбата на овие возила се поттикнува со субвенции во висина и до три или четири илјади евра, додека во Македонија за нив треба луѓе да се „жртвуваат“ и да возат еколошки коректни возила – заради сопствени идеали.

toyota prius phv plugin hybrid amblem

Претходно беше направено уште едно простодушно одземање на привилегиите на возилата што се „фер“ кон животната средина. Со години, некои автомобилски марки во Македонија успеваа продажната цена на своите модели, главно од ценовно најчувствителната градска класа, да ја намалат за 200 до 300 евра. Секако станува збор за благите хибриди, првата жртва на неукоста на локалните „властоносци“ на тема автомобили.

Властите се тие што треба да им овозможат на граѓаните полесно да дојдат до нов автомобил со ниска емисија на штетни материи – од увозниците не може да се очекува автомобилите да ги продаваат под цената со којашто автомобилите излегуваат од фабрика

Во разговори што деновиве ги водевме со неколку увозници при изработката на оваа ретроспектива, точно се потврди уверувањето во нашата редакција, дека институциите што учествуваат во донесувањето и спроведувањето на законите што се однесуваат, ниту располагаат со познавање на трендовите што повеќе од десет години наназад го одредуваат развојот на автомобилската бранша, ниту пак имаат разбирање за суштинската потреба на граѓаните, да дојдат поевтино до нови автомобили и воедно до автомобили што не се штетни за животната средина.

Така се случувало, нашите државни институции да покажат елементарно непознавање на проблематиката. Тарифен број за модели со којшто на истите им се признава припадност во одредена привилегирана категорија, како благи хибриди, на пример во Велика Британија или Германија, единствено кај нашите државни службеници станувал нерелевантен. Неколку увозници беа „казнети“, односно мораа дополнително да ѝ уплатуваат десетици илјади евра на државата, затоа што по повеќе од три години, некоја државна институција решила дека благите хибриди повеќе не се хибриди, па увозниците ги „враќаа“ парите кон државата.

Реалната слика во домашната автомобилска сцена е далеку поразлична од таа што ја прикажуваат бројните тралала-блогери кои парадираат со автомобилите на „тест“ – тоа е воедно и најголемиот проблем на сцената, непостоењето на реални и кредибилни медиуми од областа на автомобилизмот

Понатаму следат решенија на Уставен суд, па тужби, жалби, вистински правни вратоломии со коишто за жал мораат да се соочуваат нашите увозници. Тоа секако дека заслужува посебна тематска разработка, но бидејќи тука само резимираме: Не се увозниците тие што им наметнуваат екстра давачки на македонските граѓанки и граѓани, туку реакциите за актуелните политики мора да се насочуваат единствено и исклучиво кон државните институции. Проблемите и несихронизираноста со автомобилската бранша во целина – и посебно со реалноста на македонските граѓани – произлегуваат единствено од незаинтересираноста и од неукоста во државните институции.

Како и многупати досега, така и во оваа ретроспектива ќе нагласиме: Автомобилите не се дел од општата култура и законите поврзани со автомобилите не се донесуваат на кафеанска маса, туку се неопходни врвна експертиза, одговорност, компетенција.

Пред да го достигнеме стадиумот на електрични автомобили, прво треба (повторно) да се привилегираат моделите со благ хибриден погон, чист хибриден погон, приклучен хибриден погон, со цел да се поттикне нивната продажба… екстра субвенции се неопходни и за „обичните“ автомобили со емисија под 100 g CO2/km

Одржлива електрификација на возниот парк во Македонија ќе започне во истиот момент кога ќе се постават основните начела за автомобилска стратегија, според којашто обновата на возниот парк понатаму ќе се одвива според јасни критериуми и барања, усогласени со актуелните европски регулативи, кои претставуваат темел и за самото производство на автомобили.

Под електрификација, не се подразбираат само „батериски“ електрични возила, туку и благи хибриди, чисти хибриди, приклучни хибриди, но и генерално автомобили со ниска емисија на штетни материи. Веќе со децении, европските држави следат принцип на бонус и малус. Не може да биде повеќе фер од тоа. Кој сака да вози голем и тежок автомобил со моќен мотор и со соодветно висока емисија на штетни материи, ќе биде упатен на дополнителна давачка на име на заштита на животната средина. Затоа, пак, од средствата од наплатата на таа давачка ќе може се привилегираат автомобилите што имаат ниска емисија на штетни материи и истите да се направат подостапни за граѓаните. Така одамна фунционира автомобилскиот свет, не мора да се измислува нешто ново.

Suzuki годинава испорача 179 автомобили со благ хибриден погон на македонскиот пазар

Значи, прашањето до нашите увозници беше: Колку возила со електрифицирана погонска спрега купија македонските граѓани во 2020 година? Првиот одговор со конкретни бројки од продажбата ни пристигна од Миркат, увозникот за Suzuki. Како од топ: 35 примероци од Ignis, 76 примероци од Swift, 56 примероци од Vitara и 12 примероци од S-Cross во изминативе 12 месеци. Сите овие автомобили располагаат со благ хибриден погон. Тоа дава вкупно 179 автомобили со благ хибриден погон од Suzuki, со емисија на СО2 меѓу 88 g/km (Swift 1.2 DualJet Hybrid) и 111 g/km (Vitara 1.4 BoosterJet Hybrid 4×4).

Како што ни соопшти директорот Љубе Нешовски, целата гама на Suzuki од почетокот на годинава се состои строго од модели со благ хибриден погон. Единствено е исклучок култниот теренец Suzuki Jimny, што користи 1,5-литарски мотор без поддршка од стартер-генератор, односно електромотор. Јапонската марка веќе со години се има збогувано со дизел моторите, а првиот модел со електрифициран погон беше Baleno 1.2 SHVS. Компактот постигна одлични резултати во продажбата, по неговата премиера на македонскиот пазар во летото 2016. Со четирицилиндарец од 1,2 литар и 90 КС, Baleno според фабрика троши 4,7 литри во град. Дополнителна привилегија беше ослободувањето од акциза во висина од околу 300 евра, поради благиот хибриден погон.

Suzuki в година стартува со продажба на верзија на RAV4 со приклучен хибриден погон, со досег на струја од преку 70 километри и 306 КС

За в година, Нешовски го најавува пристигањето на компактното комби Suzuki Swace и СУВ-моделот Across, што би требало да се случи веќе напролет. Двата модели се резултати од стратешката соработка со Toyota. Комбито Swace во основата е Toyota Corolla Touring Sports 1.8 Hybrid, додека Across е идентичен со RAV4, но носи и важна новина. Компактниот СУВ се нуди исклучиво во изведба со приклучен хибриден погон. Тоа ќе биде интересна новина во понудата на јапонската марка, а како што се покажува во продажбата во Европа, веќе во третиот месец од своето пазарно присуство, во ноември Across има близу 800 испораки на европскиот пазар.

Брзо по преоѓањето во следната година, во салонот на Suzuki ќе пристигнат изведби на Vitara и S-Cross 1.4 Boosterjet Hybrid со автоматски менувач. Потоа ќе следат и верзии на двата модели со чисто хибриден погон со 1,5-литарски мотор.

Suzuki одлично го наоѓа патот до македонските возачки и возачи иако моделите подлежат на 5% царина, што во случајот на Vitara учествува со околу 900 евра во крајната цена. Иако се произведува во Унгарија, Vitara подлежи на царина, затоа што над 60% од вредноста на деловите што се вградуваат во возилото се испорачуваат директно од Јапонија. Според законите на ЕУ, Vitatra поради тоа се води како јапонски автомобил. Од друга страна, Swift и Ignis комплетно се произведуваат во Јапонија, и тоа во голем дел ги привлекува купувачите дополнително за овие модели.

На прашањето, што посебно ги импресионира купувачите по пробното возење, Нешовски ни открива: „Ние инсистираме на тоа, заинтересираните купувачи да направат пробно возење, да го почувствуваат возилото“. Посебен впечаток на македонските возачи во моделите на Suzuki им остава безбедносната опрема, вклучувајќи радарски контролирано самостојно запирање при опасност од судир, понатаму високата противвредност што произлегува од богатата опрема, и секако, името Suzuki што се поврзува со издржливост и ниски трошоци за одржување. Четирицилиндарските мотори се клучен аргумент, а на тоа следи уште и хибриден погон. Тоа е победничката комбинација.

Сите марки нема да напредуваат исто, како што ќе напредува електрификацијата на браншата; Марките што се на глас дека произедуваат неквалитетни или неиздржливи автомобили, уште од старт биднуваат „прескокнати“ од купувачите

Факт е дека сите марки нема подеднакво да напредуваат во електро-бранот, односно марките што пазарот ги познава по бројните дефекти и пропусти во квалитетот на изработка, уште повеќе ќе паѓаат во сенка, откако и тие марки ќе понудат одреден вид на електрификација на погонската спрега. Со 4 проценти удел на македонскиот пазар, Suzuki си обезбедува одлични позиции за натамошниот напредок на електрификацијата на пазарот.

Возачите на електричен Volvo со пристап до 200000 полначи во Европа

Од Тојота Авто Центар не добивме информации за продажбата, исто како и од Порше Македонија, Волво Македонија, Мак Аутостар, М Кар, Аутомотив Груп. Водечките компании во авто-бизнисот во Македонија главно ги комуницираат бројките од продажбата само со државни институции. Тоа укажува на реалните состојби на домашната автомобилска сцена, кога одредени субјекти во браншата доставуваат или објавуваат продажби што се далеку од реалноста, во обид тоа да се злоупотреби пред купувачите, како дополнителен аргумент за купување на возило од нивниот бренд.

Порше најавува мини офанзива на електричен план со бројни новини на македонскиот пазар во 2021 година

Затоа, Порше Македонија има што да најави за в година, од своите електрични пулени: Porsche Taycan Cross Turismo, Audi e-tron, Volkswagen ID.3 и ID.4, Skoda Enyaq. Маркетинг менаџерот Дејан Ѓоргиевски најавува „мини-офанзива на електричен план“. Сите модели со погон на струја за коишто Аутомедиа објавуваше редовно годинава, веќе в година ќе станат реалност и во понудата на македонскиот пазар, без исклучок.

Volkswagen ID.4

Едно големо поглавје за електромобилноста во Македонија одбележа Mini Cooper SE, на првата тура низ Македонија со електричен автомобил. Вториот дел од историското патување следи наскоро.

Mini ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 1)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia Sorento

За завршница на годината: Kia K5 и Sorento имаат „Good Design“

Mini Cooper SE ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 2) носечка

Mini Cooper SE ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 2)