Како што ќе заврши сезоната за зимски гуми, така веднаш почнува сезоната на чекачи во автомобили, што се оставаат да работат во место со пуштена клима, оти надвор е многу топло. Додека се чека, ако некој неупатен во градското живеење на овие простори, случајно остави отворен прозорец, не само што ќе мора половина час да го трпи брмчењето, туку за сето тоа време, секој стан до петти кат ќе се наполни со штетни издувни гасови. Сé што ќе помине долу на земја, веќе одамна е испотруено.
Во средина во којашто е забрането макар да се помисли на можноста, дека автомобилите испуштаат штетни материи во издувот, најмалку може да се очекува, дека некој надлежен или ненамерно надлежен орган, ќе преземе нешто за да се спречи масовната и веќе традиционална практика, автомобилите да се користат како улични разладни комори.
Еден километар изоден пеш, што е здраво и умно покрај хронично заглавеното „градско паркиралиште“ во скопскиот и не само скопскиот центар, значи дека човек мора да очекува најмалку десетпати да мине низ облаци од штетни гасови што се создадени од возачи, кои решиле да уживаат во комоцијата на клима уредот и го оставаат возилото по половина час да работи со пуштен мотор и клима на најјако.
Колку зачудувачки, таа практика е казнива во нормалниот свет
Првото што човек ќе го почувствува кога ќе појде на Запад, било да е тоа Барцелона, Виена, Берлин или Париз, секако е чистиот воздух и тивката средина, со сообраќај што се одвива незабележливо и некаде далеку од патот на движење на луѓето. За тоа да се постигне, поставени се стотици правила на однесување, коишто се основа за тоа што светот одамна го познава како квалитет на живеење.
Пример за такво правило, едно од стотиците, дава германскиот законик. Во нивната „Штрасенферкерсорднунг“, односно во законот за патен сообраќај, во членот 30 во делот за животна средина, стои следното:
При користењето возила, забранети се непотребна бучава и создавање издувни гасови што можело да се избегне. Посебно се забранува, моторите на возилата да се оставаат да работат непотребно и вратите на возилата да се затвораат со прекумерна бучава. Забрането е бескорисно возење натаму наваму во населени места, кога тоа ги вознемирува останатите.
За овој прекршок поради „загрозување на животната средина“ со пуштен мотор и создавање издувни гасови и бучава, следи казна во висина од 80 евра. За вториот случај, што патем е секојдневие кога ќе се појде кон периферијата на градот, и пред кола секогаш ќе ви се препречи некој отстрана, за по дваесетина метри да се исклучи, следи казна од 100 евра.
Безбеден Град е најверодостојниот пример колку е неопходно да се почитуваат правила
Така функционира светот, и функционира. Ова нашево, не функционира. Колку менува и значи донесувањето и почитувањето на правилата за однесување, најдобро сведочи Безбеден Град. Пред да бидат пуштени камерите, се случуваше целосен хаос, впрочем исто како и во секој друг случај, кога еуфоријата сосила ќе се претвори во систем, и од тоа ќе се изроди фанатизам.
Неуменуваниот херој од планинарската патека на Водно, кој го враќаше велосипедистот на кој никој не му кажал дека не смее удолу да се залетува кон луѓе, повеќе е вреден од кој било закон. Неопходно е сите да научиме да се однесуваме така заштитнички кон нашиот квалитет на живот, па и на чекачите во пред куќна разладна комора да им ги објасниме работите. Нема да бидат на одмет и толку често спомнуваните „позорникари“, чијашто служба се плаќа од казни. Точно заокружен систем.
















