Ситроен Саксо ВТС пред 30 години, култот што живееше и тука

Спортската изведба на Ситроен Саксо беше голем автомобил во средината на 1990-те, кога секој производител што држи до своето име, мораше да се докажува со таков модел.

Ситроен во 1996 година го лансираше Саксо ВТС, со 1,6-литарски бензинец без турбонатполнење, но со тогаш свежата 16-вентилска техника и со моќност постигната преку вртежи. Со 120 КС и тежина од 935 килограми, ВТС беше меѓу најценетите малечки спортски автомобили во тоа време.

Моќната машина во Саксо ВТС, со зафатнина од 1,6-литар што денес е луксуз и две класи погоре, добиваше смисла затоа што Французите изработија примерно и добро балансирано подвозје, како база за лесна управливост и предвидливи возни својства.

Токму високата резерва што ја поседуваше подвозјето, и секако моќниот мотор со здрави 120 КС, наведоа бројни ентузијасти да го тјунираат малечкиот ВТС. Дистанцијали, издув, скапи спортски амортизери и крути пружини, попречни зајакнувања во кошот за мотор и меѓу задните крила, тоа беше речиси стандард кај овој несомнено култен автомобил.

Саксо се тркаше во сите дисциплини, во рели, рели-крос, на кружни патеки. Големи тркачи почнаа оттука, сцената ја обожуваше француската тркачка.

Саксо ВТС беше чиста спротивност со основната изведба на моделот, што стартуваше со мотори од 1,0 литар со 45 КС и од 1,1 литар со 54 КС. Ситроен го планираше ВТС како вистински автомобил за ентузијасти, што бараат возни својства како на го-карт, но со достапна цена и едноставен за одржување.

Големо наследство од Виза и А Икс ГТИ

Тоа не беше првпат Ситроен да направи брз малечок автомобил. Истото го понуди претходникот А Икс ГТИ од 1986, ултралесен и сосем задоволен со 1,4-литарец со 100 КС, а пред него Виза ГТИ, со 1,6-литарец со 105 или 115 КС.

Спортот тогаш продаваше, па Ситроен прво понуди подостапна и послаба изведба, но пак со спортски изглед, тоа беше Саксо ВТР со 9-вентилец и 90 КС. Кусо потоа следеше и ВТС-от со омилениот мотор ТУ54Ј.

Дизајнерот на ВТС денес е ѕвезда

Дизајнот на Саксо е дело на Италијанецот Донато Коко, а спортската изведба му беше доверена на тогаш младиот дизајнер Жил Видал, што подоцна ќе стекне голема слава. ВТС-изведбата беше неговата прва работна задача во Ситроен. Изгледот беше погоден, со нагласени крила и со хармонична форма, како топче.

Натписот 16В на задните крила, хромираната издувна цевка и специјалните тркала, откриваа дека не се работи за обичен Саксо. Моторот сака вртежи, со максимална моќност при 6.600 вртежи, но со дозвола да продолжи до 7.300 вртежи.

Петстепениот менувач имаше скусен краен пренос, заради поагилно забрзување. Со 935 килограми и 120 КС, ВТС постигнуваше 205 км/ч и забрзуваше до 100 км/ч за 8,7 секунди.

Ситроен знае како се прави добар спортски автомобил

Тоа што вистински го изгради името на ВТС сепак беше подвозјето, со совршено дотерана геометрија на предната оска, вешто калибрирано серво, опаш што провоцираше да се подлизга. Вентилирани дискови напред беа завршница на сериозниот пристап.

Кон завршетокот на 1997 година, Ситроен направи големи зафати во својата понуда од спортски модели, во чест на З Икс 16В со дволитарец со преку 160 КС. За да одговори на еуфоријата, Ситроен ги понуди изгледот и подвозјето на кралскиот ВТС и во комбинација со 1,6-литарецот со 90 КС (подоцна 100 КС) од ВТР, а на некои пазари се нудеше и со 1,4-литарец со 75 КС.

Во 1999 година следеше фејслифт на целата гама на моделот, со светла во форма на бадем, заоблена хауба и маска со големи шеврони. ВТС се произведуваше до јуни 2003 година во фабриката во Олне-су-боа. Неговиот наследник беше Ц2 и нормално дека и од него постоеше изведба ВТС.

Французите изградија цела сцена околу своето спортски малечко: Саксо Куп, Саксо Челинџ, Саксо Реликрос, Саксо Глејс, сé со цел мотоспортот да се донесе до најширок круг ентузијасти.

Големи имиња во релито ја почнаа славата во Саксо

И уште еден важен момент. Легендарниот Себастиен Леб и Даниел Елена, станаа светски шампиони во јуниорското рели со Саксо Супер 1600.

Саксо денес е ценет јантрајмер и не треба да зачудува ако на сцената тешко се наоѓа примерок за продажба. Луѓе си ја сакаат оваа машина.

Претходна објаваПочна сезоната на автомобили престорени во пред куќни разладни комори
Следна објаваФорд Пума мора да оди во сервис, проблеми со зглобовите

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here