за

Прашајте го бензаџијата, дали народот помалку троши гориво

Безмалку трипати е зголемена потрошувачката на дизел во патниот транспорт од 2005 до 2020 година. Приливот од акциза на властите им е зголемен повеќе и од тоа.

Со одлука на РКЕ од 13.06.2022 година, цените кај бензините се зголемуваат за 1,50 денар од литар, додека цената на дизелот се зголемува за три денари од литар. Според сликата што може да се види секојдневно, никому не пречи тоа што бензинот не само што веќе чини повеќе од 100 денари, туку од полноќ ќе чини и 111,50 денари од литар, а и возачите на возила со дизел не пропуштаат многу од забавата, со цени од 107,50 денари од литар.

Статистиката некогаш може да биде многу корисна. Во 2005 година, во Македонија биле потрошени 182.075 тони дизел во патниот транспорт. Динамиката на зголемување на потрошувачката се одвива речиси рамномерно до 2012 година, кога следи вистинската пресвртница, еден од најголемите „бумови“ што го има доживеано оваа божја почва. Од некогашните двеста илјади тони, македонските автомобили, комбиња, камиони, од 2013 година веќе почнуваат да трошат над тристотини илјади тони. Пред на планетата да ѝ се посреќи пандемијата, предизвикана „од пазарот во Вухан“, значи во 2019 година, Македонија го има историскиот врв, со 569.746 тони дизел.

Не е проблем и бензинот, иако кај него се бележи негативен тренд и силен пад од 2011 година наваму. Секако дека и од бензинот се служува соодветно масивен прилив во буџетот, од наплата на акциза. Во 2005 година биле потрошени 116.527 тони бензин, во 2020 година количината е сведена на само 75.031 тони. Пикот кај бензинот исто така следи во претпандемиската и засега последна среќна 2019 година, со 102.965 тони бензин.

Колку гориво ќе изгори во Македонија во 2022 година?

Многу е веројатно дека количината ќе биде незначително помала во споредба со 2021 година, за којашто статистиката уште се нема произнесено. Горивото е скапо, но задоволството е големо. Мора да е посебно тоа задоволство, кога човек знае дека непотребно троши пари, на нешто што ќе му донесе само мала корист. Тоа би било нешто слично како воајер во јавна куќа.

Автомобилите секако дека се корисни, па дури и неопходни, посебно во денешно Скопје, што за повторно да биде вистински град, првенствено му е потребен градски превоз. Зошто велиме дека парите се трошат непотребно? Обидете се на момент да излезете од автомобилите и погледнете ја вистинската слика околу себе. Ниту брзината со којашто се вози е намалена, а уште помалку е намалена масата возила што е излезена на улица.

Продолжува и трката. Додека возите како нормален граѓанин, со темпо 50 низ град, во истиот момент кога ќе се ослободи простор, дури и без да погледнете во ретровизор, бидете сигурни дека некоја лимузина довлечкана од бугарските отпади ќе профучи покрај вас. Таквите испади ни влијаат на сите. Ни го разбиваат единството, коешто и тоа како ни е потребно, како за сите останати и многу посуштински нешта, така и за возењето.

Тоа што сите копнееме да ѝ се случи на Најубава Македонија, тоа е единството. Ако секоја возачка и секој возач, бидат свесни дека со забавено возење и внимателно одржување на темпото, може да се постигне, не само значителна, туку и драстична разлика во потрошувачката на гориво, тогаш и целиот сообраќај ќе забави и ќе добие повеќе лик на културно градско движење. Но, зошто да го забавуваме возењето?

Масовно побавно возење води кон масовно намалена потрошувачка, а тоа пак, води кон масовно намален прилив од акциза

Заради акцизата. Тоа што Македонија мора да ѝ го покаже на оваа „неилинденска“ влада, тоа е единство во секој поглед. Летово сите да го забавиме возењето. Намалена потрошувачка, значи и намален прилив на акциза. Тоа што прави овој недржавен систем да опстојува, во голема мерка произлегува и од масивниот прилив на акциза. Како автомобилски медиум, да не посочуваме што сé „функционира“ од таа масивна акциза што се влева во буџетот. Можеби некои од „големите“ национални медиуми ќе се сетат да извршат анализа и на нацијата да ѝ спомнат што се случува со парите, што на пумпа за точење гориво ги оставаат за властите.

Нека се покаже, колку нацијата може да биде силна и единствена. Конечната цел од тоа бавно возење, нека биде поттик за намалување на акцизата. Нека штедат „неилинденците“, место народот да трпи.

Возам 30, скапо ми е горивото!

Многу е едноставно да се спроведе оваа, да речеме, акција. Нека се организираат повештите и нека испечатат налепница за на ветробран и за задно стакло, на којашто ќе пишува, на пример, „Возам 30, скапо ми е горивото“. Сите да возиме 30 во град, 80 на автопат. За тие пет минути што ќе ни требаат подолго, за да стигнеме до целта, добиваме нешто што можеби не е толку вредно колку времето, но пак е ценето и се нарекува граѓанско достоинство.

Нека паѓа акцизата, нека се научат „неилинденците“ да штедат, нека вежбаат вистински развој на економијата. Сé што ние треба да направиме, за нив барем во минимална мерка да ги научиме на ред, тоа е да возиме бавно. Да штедиме гориво, ако ништо друго, од инает.

Според Член 33, став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, „Возачот е должен брзината на движењето на возилото да ја приспособува кон својствата и состојбите на патот, видливоста, прегледноста, атмосферските услови, состојбата на возилото и товарот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, на начин да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка што под дадените услови може да ја предвиди.“

Од истиот член, став 4, дознаваме колку побавно смееме да возиме: „Возачот на возилата од ставот (3) на овој член, кој се движи со помала брзина од половината на најголемата дозволена брзина определена според видот на патот или дел од патот, е должен да ги вклучи сите покажувачи на правецот или жолтото ротационо светло.“

И бучавата повеќе нема да биде како на селски панаѓур, а фалшираните мерни станици ќе почнат да покажуваат 0

Генерално, темпо 30 е сосем во ред. Тоа е огромна разлика со темпото 80, колку што реално се вози по „автопатиштата“ низ Скопје. Како придобивка, и пешачењето низ градот, а посебно возењето велосипед или електричен скутер, ќе станат уште поголемо задоволство и достоинство. Бучавата повеќе нема да биде како на селски панаѓур, а хронично фалшираните мерења од мерните станици за загаденоста на воздухот, веројатно ќе покажат 0, нереална и таа, секако.

Автомобилите не мораме да го откажуваме. Нашата Најубава Македонија е прекрасна за патување. А, се патува на отворено. Потрошувачката таму е многу пониска, и реално, се ужува во возењето. Да уживаме, ако од ништо друго, од инает за неилинденците.

Во Аутомедиа не зборуваме напамет, во продолжение е одличен пример за тоа како брзината влијае врз потрошувачката, проверено во Македонија

Тест на Аутомедиа: Колку корист од брзото возење?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW M2 се остри на тркачката патека Салцбургринг

Русија вложува во фабрики за делови за автомобили