
- Построгите норми за емисијата на ЦО2 што ги постави ЕУ помогнаа за цените на електирчните автомобили во 2025 година да бидат 4% под цените во претходната година.
- Најголем пад во цените од 13 проценти имаше кај малечките електрични автомобили, откако се појавија нови и подостапни модели на пазарот.
- Половината од производителите веќе ги исполнуваат целите што ЕУ ги постави за емисијата за ЦО2 за периодот од 2025 до 2027 година.
Цените на електричните возила во Европската Унија во 2025 година се намалија за 1.800 евра во просек, откако производителите на автомобили се најдоа под притисок од построгите норми за штетна емисија. Тоа е првпат во последните пет години, цените да бележат пад, заклучува студијата на лобито на европските здруженија за заштита на животната средина Транспорт енд Енвајронмент.
Намалувањето на цените за околу 4 проценти, на просечна вредност од 42.700 евра по електричен автомобил, сведочи дека се менува трендот на постојан раст на цените на електричните автомобили во периодот од 2020 до 2024 година и укажува дека браншата преоѓа на модели за најширокиот пазар, порачува студијата објавена на 12-ти март.
Цените лани паѓаа најмногу во сегментот на малечките електрични автомобили, со 13 проценти, како резулат од воведувањето нови и подостапни модели со цена од околу 25.000 евра. Такви модели се Ситроен е-Ц3 и Рено 5. Транспорт енд Енвајронмент очекуваат дека цените ќе продолжат да паѓаат во следните пет години, како што ќе пристигаат нови електрични модели во подостапните сегменти, од концернот Фолксваген и други производители.
„Целите на ЕУ им донесоа поевтини електрични автомобили на европските возачи,“ порачува Лусјен Матје, директор за автомобили во Т&Е. „Индустријата не сака да го признае тој факт, но тајмингот на достапните нови модели што се појавија лани го укажува токму тоа. Доколку не ги ублажиме целите за 2030, купувањето нов ЕВ наскоро ќе биде поевтино од бенцинец.“
Падот лани е спротивен на периодот од 2020 до 2024 година, кога просечната цена на ЕВ порасна за 5.000 евра. Пазарот расте за 25 проценти годишно од 2020 наваму, откако производителите добија можност лесно да ги исполнат таргетите за штетната емисија и се насочија да продаваат поголеми ЕВ, коишто им носат повисока заработка.
Студијата предвидува дека во 2027 година, продажбата на достапни ЕВ што се наменети за најширокиот пазар, првпат по 2021 година ќе ја надминат продажбата на големите и премиум ЕВ.
Во САД, каде што електричните автомобили имаат далеку пониска застапеност, просечната продажна цена во јануари изнесуваше околу 52.000 долари.
Најголема пречка за купувачите да се решат за ЕВ се повисоките цени на автомобилите, а не стравувањето дека е ретка мрежата од полначи или дека е мал досегот, открива понатаму студијата на Т&Е.
„Ако сакаме купувачите да бидат подготвени, најдоброто што можеме да го направиме е да ги спуштиме цените на електричните автомобили,“ порачува Матје. „Откако ќе се спушти цената на електричните автомобили и ќе стане доволно достапна за најширокиот пазар да се префрли на струја, пазарот ќе забрза релативно брзо.“
Производителите на добар пат да ги исполнат нормите за 2025-2027 година
Производителите на автомобили се на добар пат да ги исполнат целите за емисијата за периодот 2025-2027, утврдуваат Т&Е. Европската Комисија ги ублажи нормите во март 2025 година и место да им ја пресметува емисијата на ЦО2 на завршетокот на годината, одредувајќи им високи казни при надминување на лимитите, реши да им го пресметува просекот за тригодишниот период 2025-2027, за да го смали притисокот врз нив.
Според анализата, производителите што покриваат половина од продукцијата на автомобили, веќе се под лимитот за ЦО2 за периодот 2025-2027, две години порано. Единствено Рено и Фолксваген заостануваат, иако се очекува и тие да ги исполнат нормите до завршетокот на 2027 година.
Од 2030 година ќе важат уште построги норми за издувни гасови, што ќе го спуштат лимитот за 55% за патнички автомобили (во споредба со нормите од 2019 година) и за 50 проценти за доставни возила, за по 2035 година да важи нулта вредност, односно целосна забрана за нови возила што испуштаат ЦО2.
Тоа ќе ги поттикне производителите да пуштаат во продажба модели со подостапни цени, а тоа значи дека ЕВ во сите сегменти ќе достигнат ист паритет со автомобилите со бензински или дизел мотор, стои во студијата.
„ЕВ се на пат да достигнат ценовен паритет со моторите со внатрешно согорување, освен ако не се ублажат нормите за ЦО2,“ порачува Матје. „Ублажувањето на целите за 2030 година сега испраќа сигнал да се запре со достапните модели и на тој начин да се саботира планот за 2030 година.“
Просечната цена на автомобил со внатрешно согорување, вклучувајќи обични хибриди, изнесуваше околу 30.000 евра, открива студијата.
Европската Комисија во декември предложи да се ублажат целите за нулта емисија за 2035 година, за на производилите да им се дозволи 10 проценти од емисијата на ЦО2 да се надомести преку т.н. зелен челик или горива од одржливо производство, како е-горива или биогорива. За предлогот се чека одобрение од Европскиот Парламент.
Големите и премиум ЕВ веќе достигнаа ценовен паритет со моторите со внатрешно согорување, открива студијата. „Воочивме дека преоѓањето на поголеми возила е главниот причинител за растот на цените на ЕВ од 2020 година,“ вели Матје.
Доколку се ублажи таргетот за 2030 година, производителите веројатно ќе се насочат повеќе кон својата маржа и со тоа ќе го одложат ценовниот паритет на БЕВ за две години или повеќе, заклучува експертот.















