за

Nissan ќе го забрзува пулсот на голф-класата

На оваа марка никако да ѝ успее да направи обичен автомобил. Таа ги има Juke, Qashqai, 370Z, GT-R, X-Trail, но обичен автомобил како Golf нема ниту за лек. Последниот Tiida не се прослави. Каков ќе биде Pulsar?

Nissan никогаш немал среќа со компактните автомобили. Кој уште се сеќава на Almera или Tiida? Затоа, пак, марката речиси целосно владее со пазарот на кросовер моделите како Qashqai. Јапонците прават нов обид со комбилимузина од компакт класата, со моделот Pulsar. Според Nissan, најсилни страни на новиот модел се впечатливиот дизајн, просторната кабина и техничките иновации.

Со должината од 4,39 метри, Pulsar е околу средината во компакт класата. Најдолгиот Cruze има 4,51 метри, најкусиот Leon мери 4,23 метри. Затоа, пак, Pulsar се издвојува со меѓуоскиното растојание од 2,70 метри, што го поставува рамо до рамо со Toyota Prius, Mazda 3 и класата А на Mercedes. Долгото меѓуоскино растојание навестува просторна кабина, а тоа го ветуваат и во Nissan. Според нив, не постои модел со поширока кабина и со повеќе простор за колената. Во последнава големина, Pulsar би требало да е подобар и од некои модели од средната класа. Околу зафатнината на багажникот уште нема податоци.

Системите за асистенција се познати од новиот X-Trail, вклучувајќи самостојно запирање при опасност од судир, препознавање на подвижни објекти околу возилото и сензори за надгледување на мртвите агли. Новиот навигациски систем овозможува поврзување со паметни телефони и нуди пристап до функциите Send-to-Car на Google Maps, како и до разни апликации. Од X-Trail се познати и диодните предни светла што се добиваат со доплата и трошат половина помалку струја од обичните светла.

Сите мотори во Pulsar имаат турбонатполнње. Основниот бензинец е познат од Qashqai, со зафатнина од 1,2 литар и 115 КС, додека прв кај дизелите е 1.5 dCi со 110 КС. Во следната година понудата ќе се прошири со 1,6-литарски бензинец со 190 КС. Pulsar се произведува во фабриката на Nissan во Шпанија, во близина на Барселона. Продажбата ќе стартува наесен, а тогаш ќе бидат познати и ценитена моделот што е позициониран под Qashqai.

nissan pulsar 2

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota има нови чипови за поштедлив хибриден погон

Дубаи не ги измисли полициските суперавтомобили