Дубаи не ги измисли полициските суперавтомобили

Светот се запали по полициските суперавтомобили во Дубаи, но како и сé друго во таа пародична цивилизација, идејата е украдена – први беа Италијанците. Тие сега добија Huracan.

Италијанската жандармерија го доби новото суперслужбено возило, Lamborghini Huracan LP 610-4 Polizia. Штефан Винкелман, шеф на марката со разбеснетиот бик, го предаде возилото на свеченост во „Музејот на историјата на автомобилите на државната полиција“ во Рим. Huracan ќе ги замени обата модела на Gallardo, што се на служба во Рим од 2004 и во Болоња од 2008 година. Новиот полициски Lambo вози со мотор V10 со 610 КС и постигнува преку 325 km/h.

Во потери по италијанските автопатишта и во неколку медицински транспорти, римската полиција помина преку 140.000 километри до 2008 година со првиот Lambo, а по замената со втората генерација на Gallardo уште 110.000 километри – без дефекти, нагласува италијанската полиција.

Во кабината на Huracan Polizia се наоѓа видеосистем, кој се состои од камера покрај внатрешниот ретровизор и компјутер зад седиштата. Кога полицајците ќе регистрираат сообраќаен прекршок тие го активираат системот којшто преку сателитска навигација ги одредува локацијата, правецот на движење и брзината на следениот автомобил. Снимките веднаш се пренесуваат до централата, од каде што се добиваат податоци за сопственикот на возилото врз основа на регистерските ознаки.

Во последно време, приказните за скапите и брзи суперавтомобили на полицијата во Дубаи се продаваа како светска сензација. Нема сомнежи дека таа располага со најголем и најскап возен парк од автомобили од типот на Huracan. Но, во светот на реалната процена на вредностите, не е подобар тој што повеќе ќе ја примени идејата, туку тој што прв ќе дојде до истата. Не копирање, туку иновација. А, се сеќавате на полицискиот Ford Falcon од „Лудиот Макс“?

331211

Претходна објаваNissan ќе го забрзува пулсот на голф-класата
Следна објаваНеоданочен викенд за тестирање на Ford

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here