Малечките автомобили веќе одамна исчезнаа, затоа што со сите норми за безбедност и системи за асистенција по автопат што се неопходни, на производителите не им останува заработка. Единствено спасува големо име. На сцената преживеа само Мини, откако ЕУ со строгите норми лани го избрка Чинквеченто да се произведува во Алжир за тамошни пазари. А, Мини е БМВ. Тоа е најдобриот спој на две марки. Овој автомобил е БМВ до каде заслужува да биде БМВ, и целосно е Мини таму каде што треба да биде Мини. Во основа, возењето ја прави разликата.
Целата суштина на Мини може да се сведе на една таква секојдневна работа каква што е „одење на кафе“. Ќе се погоди денот сончев, ќе се погоди друштвото, и одиш на кафе, меѓутоа не до кај првиот семафор, па лево, туку патуваш до местото коешто ти се чини дека е најубаво за таму да се помине еден таков ден. Сето тоа има смисла, затоа што кај Мини патувањето е важно, не само одредиштето. Мини е Мини поради доживувањето.
Кривулести патишта најмалку се проблем, впрочем тоа ѝ е природна средина, и докажано ѝ лежи на британскава марка, уште откако првпат победи на релито Монте Карло во 1964 година. Уште ако одговара и комфорот, а и потрошувачката не е казна, не постои нешто што ќе спречи, да се извози цел пат до Охрид, Дојран, во Берово, Маврово, само заради една таква чиниш банална работа, како што е пиење кафе и коешто патем го има и на автомат. Но, какво е навистина Миниво?
Покрај денешнава автомобилска сцена, на којашто сé е поинакво или е изместено, човек би поверувал дека и времето на малечкиве и скапи автомобили им изминува. Но, бројките ќе изненадат многумина. Во првите осум месеци од годинава, според најверната статистика на Датафорс, во Европа се продадени 188.042 премиум мини-автомобили, за 3,1% повеќе од лани. Од нив, дури 50.027 се Мини. Со нагласок на премиум автомобили. За споредба, премиум малечките автомобили од А- и Б-сегментите се продаваат повеќе од премиум модели од компактна (БМВ серија 1) или средна класа (Серија 3). Речиси неверојатно. Но, кога ќе се погледне уличната слика во европските градови, сé станува јасно.
Мини се продава повеќе од кој било друг малечок премиум автомобил – најмалечок и најскап
Никој не продава повеќе премиум мини од Мини. По него се Ауди А1, електричниот Волво Е Икс 30, изненадувачки добро продаваната Алфа Ромео Јуниор, Лексус Л Б Икс (на база на Јарис Крос), уште еден Мини и тоа на струја – Ејсмен, Ланчиа Ипсилон (односно Опел Корса), електрична Алпин А290 (Рено 5) и ДС3. Од нив, наскоро заминуваат Ауди и ДС3. Ланчиа нема да пркне со некогаш големата Ипсилон, така што Мини уште толку ќе се издвојува на сцената. Најмалечкиот, па уште и најскапиот меѓу нив, се продава најдобро. Мини реално е за класа помал од сите овие соперници, но мора да се стави во некаква конкуренција, затоа што не личи во извештаите од пазарот да стои само Мини во премиум А-сегментот.
Првото нешто е изгледот. Сите обележја што се провлекуваат уште од првиот Мини на Сер Алек Исигонис, присутни се без пропуст и кај најновава генерација. Заоблен покрив и класични жлебови за дожд, низок и исправен ветробран, рамна линија на прозорците, крила „со облини“, впуштена хауба, и нормално, тркалезни светла напред и малечки и исправени светла назад.
Дизајнот се збогува со украсите и се враќа на формата
Изгледот не е толку накитен – иако Мини никогаш не изгледал кичесто – меѓутоа браншата како да се договори да престане со китењето и се врати на основната дизајнерска поента, а тоа се формите. Секако дека е важно човек да се увери и однадвор дека ова е скап автомобил и посебен автомобил, не само поради тоа што е скап и малечок.
Мини-светот почнува веднаш штом се отвори врата. Тоа е заедничко својство на Мини и на Ферари, Ламборгини, Астон Мартин, Порше, Лотус – пред и тие да се по-СУВ-ат. Мини и сите овие славни марки оригинално имаат две врати.
Вратите мора да бидат дебели, затоа што мора да се обезбеди заштитна зона при страничен судир, а Б-столбовите се подалеку назад
Напред има во исто време пристојна просторност и пријатна стеснетост, со тоа што второво важи за блиското поставување на предните седишта. Кога би било поинаку, не би било Мини. Ако човек се запраша, зошто се толку блиску седиштата, кога колава е широка преку 1,7 метар, одговорот е во масивната заштитна структура во самите врати и во рамката околу нив, што штити при страничен судир.
На големо изненадување, назад се седи попристојно од кој било Мини Купер досега. На багаж најдобро да не се мисли, затоа што покрај зафатнината од 210 литри, не останува нешто многу да се понесе со себе, меѓутоа тука не е важно со што патуваш, туку со кого патуваш. Добрата страна во багажникот е тоа што целосно е обложен и што подлогата држи повеќе товар отколку во некои компакти со двојно поголем багажник. Функционалноста не е најсреќна страна, и тоа ќе се искуси кога ќе треба да се исправа задната клупа – но, во спротивно, Мини нема да биде Мини.
Во занимавање со средишниот дисплеј ќе заборавите дека треба да појдете
Кокпитот се сведува на тркалезен дисплеј во средина, по пример на оригиналниот Мини. Арматурната табла во тест-примерокот е обложена со техно-материјал, што личи како плетка на скапа летна маица и му личи на Мини. Кога ќе се фати воланот во раце, човек сфаќа каде е седнат. Тоа секако дека е БМВ-волан, дебел, изработен со баварски „хандферк кунст“, човек е среќен кога ќе седне тука. Седиштата се исто така БМВ и апсолутно врвни. Во средишната конзола се очекуваните преклопни прекинувачи – исто во стилот на првиот Мини – со ротациски прекинувач за контакт и кип-прекинувач за избор на степени на пренос.
Во изработката на кокпитот се вмешале луѓе што се разбираат во рационално искористување на просторот, затоа што прегради има веројатно две дузини, вистина мали, но затоа има една и вредна, во средината меѓу седиштата, којашто се нарекува Мини Бокс, за затвора со поклопка и секако е обложена со истиот техно-материјал како кокпитот и вратите. Боксов е важен, затоа што со него е избегнато гребенот меѓу предните седишта да биде превисок и да го стеснува чувството. Многу има работа во ова Мини, што не се гледа на прв поглед.
Тврдата пластика во долната половина од кокпитот веќе е беспредметно да се спомнува. Наспроти тоа, светот што во себе го крие тркалезниот дисплеј е невозможно да не се спомне. Додека во „обичните“ автомобили има режими за возење спорт, еко, нормал, во Миниво има „експериенес“, значи искуства, коишто носат имиња вивид, тајмлес, баланс, и секако, го карт. Вкупно седум искуства во тест-моделов, коишто се дел од посебен пакет, додека стандардно доаѓаат четири. Во секој од овие начини на работа се менува графиката и содржината на дисплејот. Дел од пакетот е заднинското осветлување низ претходно невидливи отвори во арматурната табла, секако во боја на соодветниот режим на возење.
Моторот е БМВ и се чувствува дека е БМВ
Три погонски варијанти ја сочинуваат гамата на Мини Купер. Основната е Купер Ц, како на тестов, со 1,5-литарски турбо бензинец со 3 цилиндри и 156 КС, заедно со 7-степен менувач со двојна спојка, по него е Купер С, со дволитарец со 211 КС и на врвот е Џон Купер Воркс со 231 КС.
Ако постои мотор што ќе ги разубеди „познавачите“ дека трите цилиндри не ја вршат работата добро, тогаш ова е тој мотор. Овој трицилиндарец повеќе е мотор на БМВ, отколку што е трицилиндарец. Работната зафатнина од 500 сантиметри кубни менува многу, и тоа е патем основата на модуларниот моторен концепт во цело БМВ.
Ретко постои модел со толкава моќност, на должина под 4 метри
Моторот не само што влече рамномерно до 6.500 вртежи, туку и навистина влече. Сето тоа има објаснување, кога човек ќе се присети дека тука сепак работат 156 КС и тежина од само 1,3 тон. Тоа денес е лесен автомобил. Повлекувањето е уште поубедливо при ниски и средни вртежи, каде што трицилиндарците во принцип влечат посилно од 4-цилиндарец со истата работна зафатнина.
Многу изненади ниската потрошувачка. Дури и на рутата од Страцин до Пробиштип, на којашто другите модели на тест покажувале вредности од преку 8 литри, Мини ја заврши работата со 6 литри просек. Во видеото од тестот се детално прикажани сите вредности во поглавјето за „Погон и перформанси“.
Целиот инженеринг е во „проектирањето“ на чувството во возење
Возните својства се уметноста во Мини. Инженерите се посветуваат до најмалата ситница, за да се посредува чувството во возење Мини. Познавачите и искусните возачи ќе уживаат кога ќе почувствуваат како во остри свијоци се појавува мало, но сосем предвидливо подрачје на влегување во гранична стабилност, коешто е лесно за контрола. На спортските возачи ќе им недостига можноста за рачна контрола на степените на пренос, но Мини затоа го нуди Џон Купер Воркс, каде што сé e подредено на врвни возни својства, плус далеку напросечни перформанси. Во основа, и со Мини Купер Ц може човек да се пушти по Нордшлајфе на Нирбургинг и да не биде престигнат од сите.
Неочекуваната зимска слика во Маврово уште рано во октомври
Големо изненадување беше и комфорот во возење. Не само што амортизацијата меко ги придушува нерамнините и се појавува одвај осетно потскокнување на каросеријата – поради кусото меѓуоскино растојание – туку и звучниот комфор одговара. Ова Мини вози покомфорно од кое било 3-вратно Мини досега.
Мини не завршува на градските улици, со овој комфор и оваа моќност може да се патува многу далеку
Тоа е важно, затоа што Мини не оти не е градски автомобил, туку е гран туризмо во зипуван формат, со коешто човек ќе посака да патува подалеку и да не жали за тоа. Според тоа што го покажа на тестот, ова Мини навистина има карактер на крстосувач. Одговараат и перформансите: Спринт под 8 секунди и крајна брзина од 225 километри на час.
Мини Купер Ц во М Кар чини 33.190 евра. Понатаму се избира изведувањето на внатрешноста, односно Есеншл Трим, Класик Тим, Фејврд и Џон Купер Воркс Трим. На тоа следат уште пакети на опременост во коишто имате од пет до 25 ставки, што така во пакет се поевтини отколку да се нарачуват посебно. Цената секако дека не може да се сведе на „евра по метар“, меѓутоа за Мини да го понуди ова чувство, автомобилот не може да биде евтин. Пазарот го сака Мини вакво и го купува повеќе од кој било друг малечок премиум модел. Не се плаќа за шарениот дисплеј или за „играчките“ во кокпитот, туку се плаќа за техниката. Меѓу другото, назад работи мултилинк.
Од Минстер Бин до Чарли Крокер
Мини е кола за обожување. На британската марка ѝ се посреќи тоа што се најде токму под покривот на БМВ. Маркетингот и инженерингот на БМВ, го донесоа Мини на ново рамниште – и продолжуваат да го качуваат. Меѓутоа овој автомобил пак не е сменет, култот се држи жив. Без многу објаснувања и раскажувања, еден список на филмови во коишто се појавува Мини, во музејот на БМВ во Минхен, ја покажува целата суштина на колава и маркава. Мини вози и Мистер Бин и Остин Пауерс, но и Џејсон Борн и Чарли Крокер.















