Новиот Мерцедес ГЛЦ доаѓа прво во електрична изведба, стартува од 70.000 евра во Германија

Новиот ГЛЦ е продолжение на најголемата моделска офанзива во историјата на Мерцедес-Бенц, по ЦЛА. По истиот пример, прва поаѓа во продажба електричната изведба, потоа сите останати.

Мерцедес-Бенц соопшти дека на 29-ти октомври почнува да прима нарачки за новиот ГЛЦ, електричната изведба во Германија почнува од 71.281 евра.

Со отворањето на книгата со нарачки, Мерцедес-Бенц го соопшти и следниот новитет околу новата генерација на ГЛЦ, на својата најпродавана моделска серија. Штутгарт првпат соопшти дека СУВ-то од средна класа во електричната изведба ќе чини слично колку моделите со бензинец или дизел. Во Мерцедес секако дека се сериозни околу таквите објави, меѓутоа мора да се има предвид дека единствената достапна изведба во моментов, целосно електричната ГЛЦ 400 4Матик Е-Ку, располага со моќност од 360 киловати, односно 489 КС, така што цената од 71.281 евра секако дека е далеку од цена за основен модел.

Цената всушност ја објаснува големата самодоверба на Штутгарт со новиот електричен модел. Во споредба со претходничката Е-Ку-Ц што се произведуваше до 2023 година, новиот ГЛЦ 400 4Матик Е-Ку чини околу 5.000 евра повеќе, но притоа има и поголема моќност, и уште поважно, далеку подолг досег: 408 КС наспроти 489 КС, и 432 километри досег, наспроти 568 километри. Тоа се два различни света.

Мерцедес-Бенц најави уште четири изведби на ГЛЦ со електричен погон, од коишто две ќе стартуваат со продажба подоцна во текот на 2026 година.

Со новиот бран модели од Штутгарт, доаѓа и нов дизајн. ГЛЦ прави голема отстапка од досегашниот стил, па дури зафаќа и во најчувствителниот дел на еден Мерцедес, во маската. Формата е толкувана модернистички, во стилот на маската кај легендарните С-Класи од генерациите В 116 и 126. Промената е голема, јавноста веќе го виде ГЛЦ во живо, за време на салонот ИАА во Михнен, меѓутоа во отсуство на какви било реакции околу „новата маска“, јасно е дека дизајнов им се допаѓа на луѓе.

Технологијата денес овозможува маската да свети и да комуницира со средината преку анимации, меѓутоа главната технологија е под железото. Мерцедес-Бенц го проследува пуштањето во продажба на новиот ГЛЦ со мотото „Дојредојдовте дома“.

Директорот за продажба и маркетинг, Матијас Гајсен, ја потврдува главната вест кај елеткричниот ГЛЦ: „Нашата цел е да го олесниме преоѓањето кон електромобилноста и поради тоа го нудиме целосно електричниот ГЛЦ по споредлива цена со моделите со мотор со внатрешно согорување.“

Повеќе простор од кој било ГЛЦ досега и поголем багажник

Во споредба со тековниот модел со бензинци и дизели, електричниот ГЛЦ има меѓуоскино растојание подолго за 84 милиметри. Од тоа, 13 милиметри одат во корист на должината на просторот за нозе напред и 47 милиметри за патниците назад. Има и половина палец екстра висина до таванот.

Багажникот располага со 570 литри, односно 1.740 литри со соборена клупа. Под предната хауба има дополнителен багажник со зафатнина од 128 литри. Тој се отвора со електрична помош. Кој се надева дека со ГЛЦ ќе патува со приколка, секако ќе се охрабри од податокот дека електричниов Мерцедес влече до 2,4 тони.

Пневматската суспензија Ерматик и управуваната задна оска со свртување до 4,5 степени комбинираат комфор и возна динамика. Во сериската опременост спаѓаат приспособлив темпомат, десетина камери, пет радарски и дванаесет ултразвучни сензори, па дури и цел суперкомпјутер со водено ладење.

Целосно сменето доживување во внатрешноста

Главен во кокпитот е хајперскринот, дисплејот со три екрани по целата ширина на кабината. Со 99,3 сантиметри, тоа е најдолгиот дисплеј што досега е вграден во модел со сребрената ѕвезда. Освен големината, импресионира и графиката, придружена со театрални светлосн ефекти во кабината.

Мерцедес-Бенц ветува и уште поквалитетни материјали, и на допир и на изглед. Опција е целосно веганска внатрешност. Мерцедес е прв што нуди сертифициран вегански автомобил.

Околу полнењето, Мерцедес не соопштува многу, единствено се наведува податок дека со 800-волтната техника, енергија за 303 километри пат се полни за десет минути. Големината на батеријата не се соопштува, Штутгарт веројатно ја чува таа тема за подоцна.

 

Претходна објаваOсвежувач со мирис на бензин за купувачите на електрична Киа во Финска
Следна објаваМини Купер · Тест · Зипуван Гран Туризмо

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here