Смена во теренското поглавје на Mercedes. При пристигањето на секој нов СУВ-модел во понудата, Mercedes долги години наназад се повикуваше на имиџот и способноста на G-Class, на легендарниот Geländewagen. Сега има мала измена во пристапот. Со пристигањето на GLA, на моделот што сега прикажува повеќе теренски гени од порано, Mercedes по ново објаснува дека GLA е моделот со кого што почнува неговата СУВ-понуда.
Мак Аутостар го објави почетокот на продажбата на GLA, на почетниот модел во СУВ-понудата на Mercedes. Оваа понуда денес брои дури осум моделски изведби. По ред: GLA, GLB, GLC, GLC Coupe, GLE, GLE Coupe, G-Class и GLS – не сметајќи ги AMG-изведбите, електричниот EQC и Maybach GLS.
Новиот GLA во споредба со својот претходник, нуди многу новини, како во однос на технологијата, така и во однос на димензиите. Висина на возилото сега изнесува 1611 mm, што значи дека е за повеќе од 10-тина см повисок од стариот модел. Со ова се добива поголем простор во кабината на возилото.
Предниот и задниот каросериски превис се покуси, што е од корист при возење по терен. Моделите со погон на 4 тркала поседуваат off-road инженерски пакет како стандардна опција. Пакетот опфаќа и дополнителен програм за возење, помошен систем за движење по надолнини, off-road анимација на дисплејот, а во комбинација со предни светла MULTIBEAM LED се добива и специјално осветлување при off-road возење.

Новиот GLA располага и со унапреден систем Driving Assistance, кој вклучува предупредување за возило одлево при скршнување на крстосница и алармирање при пешак на премин. Новиот GLA самостојно реагира кога возачот не е во можност да го стори тоа.
Новиот GLA има исклучителен коефициент на аеродинамичност, Cd 0,28. Подоцна ќе се нуди и моделска изведба со третата генерација на хибридниот погон, како и електричен модел EQA.
„Големата побарувачка за нашите SUV возила докажува дека ги нудиме вистинските модели во овој сегмент. За да излеземе во пресрет на желбите на купувачите, достапни се моделите GLB и GLA, две off-road возила кои совршено се надополнуваат меѓусебно. GLB се истакнува со својата функционалност и просторност, додека новиот GLA е позициониран како спортски и лајфстајл SUV“, изјави шефот на одделот за дизајн во Дајмлер, Горден Вагенер.
Внатрешноста е модерна, изработена од материјали со висок квалитет. Централно внимание заземаат екраните, кои се достапни во 3 варијанти, односно 2 екрана од 7 инча, или еден екран од 7, а другиот од 10,25 инчи и третата комбинација е кога секој од 2 екрана е со големина од 10,25 инчи.
Новиот GLA нуди повеќе простор во кабината во однос на својот претходник, особено во должината на просторот за нозе, како и во багажникот. Седењето на возачот и совозачот е повеќе исправено и за 97 mm е повисоко во споредба со претходниот модел, што е типично за SUV возилата. Споредено со А-Class, разликата е 140 mm, додека со B-Class е 52 mm. Исто така, значително е подобрена видливоста. Како опција, задната клупа може да се лизга надолжно за 14 cm, со што може да се добие или повеќе место за седење назад или да се зголеми багажниот простор.

Последната верзија на пакетот Driving Assistance опфаќа помошно осветлување во свиоци, следење на коловозната лента, предупредување ако наидува велосипедист кога се отвора врата, предупредување при пешак на пат и др. Опции за овој пакет се DISTRONIC со целосно запирање, автоматско паркирање, автоматско движење наназад, активна помош преклу системот управување, активно одржување на брзината на движење и слично.
Новиот GLA располага и со опцијата ENERGIZING, која користи звучни и светлосни ефекти, како и разни опции за масажа, за возачот да добие врвна удобност при патувањето. Доколку се користи паметен часовник Mercedes-Benz vivoactive или уред компатибилен на Garmin, може да се добијат и податоци за возачот, како што е нивото на квалитет на спиењето или на стрес, за состојбата понатаму да се подобри преку опцијата ENERGIZING.
Новиот GLA може да биде опремен и со постојан погон на сите тркала, со целосна варијабилна дистрибуција на вртежниот момент. Секој модел со 4MATIC стандардно доаѓа и со автоматски менувач со двојна спојка. На располагање е и функцијата DYNAMIC SELECT, кој нуди неколку режими на возење, од “Eco/Comfort” (сооднос 80:20%), “Sport” (70:30%) и „off-road“ со дистрибуција на вртежен момент во сооднос 50:50.
Цените за Mercedes GLA на македонскиот пазар
Моделска изведба |
Зафатнина (ccm) |
Моќност (КС) |
Цена (евра) |
GLA 180 |
1332 |
136 |
36990 |
GLA 200 |
1332 |
163 |
38890 |
GLA 250 |
1991 |
224 |
45000 |
GLA 250 4M |
1991 |
224 |
47990 |
GLA 35 AMG 4M+ |
1991 |
306 |
59990 |
GLA 45 AMG 4M+ |
1991 |
387 |
69990 |
GLA 45s AMG 4M+ |
1991 |
421 |
76990 |
GLA 200 d |
1950 |
150 |
40000 |
GLA 200 d 4M |
1950 |
150 |
42980 |
GLA 220 d |
1950 |
190 |
43990 |
GLA 220 d 4M |
1950 |
190 |
46990 |