за

Мерцедес-АМГ ГТ со четири цилиндри чини двојно помалку отколку со 8 цилиндри

Спортската марка од Афалтербах почнува со нарачки за новиот Мерцедес-АМГ ГТ 43 Купе, со дволитарец – цената е многу слична со Порше 911.

Богата опременост, изглед на автомобилска суперѕвезда и целосно сменети возни својства благодарение на полесниот мотор, ветува Мерцедес-АМГ за четвртата погонска изведба за својот ГТ Купе, со којашто го спушта влезот во благородниот модел за уште еден степен подолу.

Цените на Мерцедес-АМГ Купе досега беа „неинтересни“. Моделот со 476 КС и 4-литарски Ве-8 како ГТ 55 4Матик почнуваше од околу 170.000 евра во Германија, а завршуваше со цена од најмалку 217.770 евра за врвната изведба ГТ 63 С Е Перформанс, со хибридни 612 + 204 КС. Меѓу нив се наоѓа ГТ 63, без хибрид, но пак со 585 КС.

Сега свири друга музика, со доаѓањето на ГТ 43. Афалтербах за своето купе сега наплаќа најмалку 118.399,05 евра според германскиот ценовник. Ако четворката за бројот на цилиндри буни, четворката за моќноста не буни: Сепак стојат на располагање 421 КС + 14 КС од стартер-генераторот. Тоа е истиот мотор како во А 45 АМГ, најсилниот сериски 4-цилиндарец во светот.

Со оваа цена, Мерцедес-АМГ цели директно кон Порше 911 Карера, за коjшто Цуфенхаузен бара 122.493 евра.

Освен тоа што носот е полесен, затоа што моторот е двапати помал, и по зафатнината, и по бројот на цилиндри, од Ве-8 во ГТ 55 и ГТ 63, возните својства и чувството во возење се менуваат во ГТ 43 и поради тоа што најмалиот модел вози со погон само назад. А тоа е веќе голема разлика.

Спринтот до темпо сто трае 4,6 секунди, највисоката брзина е 280 км/ч.

Како вистински гран-туризмо, најновиот АМГ нуди просторна кабина, а има и место за багажот. Опција се две седишта назад, на коишто е мошне ограничен просторот. Во Мерцедес мислеле многу на талентите за секојдневието, па ГТ има и електрична помош за задниот капак, со самостојно отворање, а исто и задната клупа може да се соборува одделно.

Стандард е 9-степен автоматик со влажна спојка за поаѓање и комбинирани композитни сопирачки АМГ. Од комфорната и практична опрема следат сензори со задна камера, спортски волан, спортски кожени седишта, автоматска клима, изобилство од системи за асистенција.

Тркалата се АМГ од 19 инчи со ширина 9,5 инчи и гуми 255/45 напред, и 11 инчи и гуми 285/40 назад. Неколку металик бои се достапни без доплата.

Внатре секако дека е главен инфо-забавниот систем Мбукс со дисплеј од 11,9 инчи, што вообичаено за ГТ е поставен исправено.

Отмената клиентела не ги остава автомобилите од овој ков во „фабричка состојба“, односно обично следат доплати што неретко достигаат вредност на градски автомобил.

Од опциите:

  • Пакет АМГ Динамик Плус по цена од 4.819,50 евра во Германија, содржи посебни држачи на моторот, електронски управувана блокада на задниот диференцијал, програма за трки, активен спојлер што е невидлив однадвор и се наоѓа долу пред моторот. Сопирачките клешти се лакирани жолто.
  • Овој пакет се надоградува со фиксен заден спојлер за 2.380,00 евра.
  • Задни седишта, преклопливи: 1.904,00 евра
  • Панорамски покрив: 1.071,00 евра
  • Проекциски дисплеј: 1.178,10 евра
  • Греење на волан: 309,40 евра
  • АМГ Ноќен пакет: 1.130,50 евра
  • АМГ Хром пакет за надворешност: 1.130,50 евра
  • АМГ Седишта перформанс: 2.558,50 евра
  • Седишта во кожа напа / микрофибер: 1.785,00 евра
  • АМГ украсни плочки од алуминиум: 357,00 евра
  • Аудио систем Бурместер: 1.511,30 евра

Врвната изведба на АМГ ГТ веќе ја имаше својата премиера во Мак Аутостар

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Нова Опел Фронтера имаше премиера во Истанбул, цената е многу фер

Шкода Октавиа: Освежување на бестселерот