за

Нова Опел Фронтера имаше премиера во Истанбул, цената е многу фер

Фронтера ќе се продава и во изведба со благ хибриден погон и со погон само на батерија. Новите модели на Опел што ќе следат во иднина, ќе возат само на струја.

Светска премиера во Истамбул: Шефот Флориан Хуетл (средина), директор за производи и цени Тобиас А. Губиц (лево) и заменик шеф за дизајн Марк Адамс, покрај Опел Фронтера

Опел не се откажува од намерата да стане целосно електрична марка и покрај забавувањето на продажбата на електрични автомобили.

Новите Грандленд и Фронтера ќе се произведуваат и со бензинци и со 100% електричен погон и го заокружија првиот чекор од патот на Опел кон целосно електрична марка.

Единствената германска марка во коцнернот Стелантис не се откажува од планот, почнувајќи од следната година, секоја следна нова моделска серија на Опел, да се произведува исклучиво со батериски електричен погон. Риселсхајм и шефот Флориан Хуетл не ги колеба ниту тоа што продажбата на батериски електрични автомобили во Европа забавува. Тоа дури важи уште повеќе за германскиот пазар, откако канцеларот Олаф Шолц остави длабока дупка во државната каса и не останаа пари да се продолжи со субвенционирање на ЕВ.

Извршниот директор Флориан Хуетл вели дека производителот е „цврсто уверен“ оти електромобилноста е најдобриот начин да се продолжи патот напред и мобилноста без емисија на штетни материи да се направи достапна колку е можно повеќе.

„Навистина сме посветени на тоа, да ги направиме овие автомобили да бидат достапни до поширок круг купувачи,“ кажа Хуетл при важната премиера.

Хуетл зборуваше со новинарите во понеделникот, на настанот што се одржа во Истанбул во чест на премиерата на целосно електричната изведба на компактниот СУВ-модел Фронтера.

Цената за електричниот модел со досег од 300 километри во Германија ќе изнесува 29.000 евра за основната изведба. Во понуда ќе се најде и поскапа изведба со досег продолжен на 400 километри. За споредба, помалата, но стилски повеќе самоуверената Мока, во електричната изведба почнува од 35.000 евра на германскиот пазар.

 

Фронтера доаѓа во понудата на Опел на местото на Кросленд. За македонскиот пазар и општо за целиот регион, поважна е изведбата со благ хибриден погон, со преработена изведба на 1,2-литарскиот бензинец со 100 КС и електромотор од 21 кВ, што е вграден во ѕвоното на 6-степениот менувач со двојна спојка. Во Германија, таа изведба ќе стартува од 24.000 евра. Во план е и посилна изведба, со верзија на моторот од 136 КС.

Иако на Опел ќе му стојат на располагање платформите на концернот Стелантис, што овозможуваат и користење на бензински мотори, каква што е платформата СТЛА Медиум, германската марка за своите идни нови модели останува на планот, по 2025 година да продава само целосно електрични автомобили, нагласи Хуетл.

Фронтера располага со багажник од 450 литри, а посебност е носивоста на покривот од 240 килограми, што дозволува да се постави шатор врз кровните шини и да се кампува

„Со Фронтера и со новата Грандленд, го заокружуваме првиот чекор од електрификацијата во Опел, во којшто коегзистираат електричниот и бензинскиот погон,“ додаде директорот.

Опел сега има мошне млада, свежа понуда од модели, со платформи што нудат избор од повеќе видови погон. Според Хуетл, електричните изведби на моделите нудат доволно долг досег и дозволуваат да се патува и по автопат.

Има место и за седум седишта

„Продолжуваме со следната генерација на модели на Опел, што ќе бидат целосно електрични. Имаме добар пример со концептот Експериментал,“ кажа Хуетл. Опел го прикажа електричниот концептен автомобил Експериментал за време на салонот за мобилност ИАА во Минхен, што се одржа во септември во 2023 година.

„Опел сака да работи со концептни автомобили и да ги претвора во стварност. Експериментал го прикаќува следниот чекор во нашите намери да преминеме на целосно електричен погон со идните модели,“ објаснува Хуетл.

Германците лани ја зголемија продажбата во светски рамки за 15 проценти, со продадени 670.000 возила. Продажбата на електричните модели порасна за 22 проценти. Тие учествуваат со 15 проценти во вкупната продажба на Опел.

Малечкиот СУВ-модел Мока има најголем удел во продажбата на електрични возила, со близу 30 проценти. По неа следи Корса, со удел од 20 проценти. Опел штотуку почна со продажба на целосно електричната изведба на Астра и уште не може да се оценува како компактот на струја ќе се вмеша во продажбата на ЕВ на Опел.

Новата Грандленд, што беше претставена пред три седмици во Германија, се произведува во изведба со бензински, благ хибриден и целосно електричен погон. Моделите Грандленд и Кросленд што си заминуваат од понудата на Опел, беа достапни само со мотори со внатрешно согорување и со хибрид.

Прв модел со новото лого на Опел

Хуетл е убеден дека Опел ќе постигне зголемување на учеството на електричните модели во продажбата на марката, благодарение на проширувањето на понудата од ЕВ модели.

Во напорите, електромобилноста да се направи достапна за поширок круг купшувачи, Опел работи на нов модел со погон на струја, што ќе чини 25.000 евра, вели Хуетл. Најмалиот БЕВ-модел на Опел, електричната Корса, во моментов се продава во Германија за помалку од 30.000 евра.

Фронтера повеќе има коцкеста форма во споредба со спортската Мока, вториот малечок СУВ на Опел.

 

Хуетл не откри подробности околу достапниот е-модел што ќе се наоѓа под Корса. Се очекува дека тоа ќе биде изведба на база на Фронтера, со комбилимузинска каросерија, место СУВ, и ќе се базира врз платформата Смарт Кар на Стелантис. Тоа е истата техника што се користи за Ситроен е-Ц3. Французите лани го лансираа достапниот е-модел, со цена од 24.300 евра. Во почетокот на 2025 година следи изведба со скусен досег и цена од 19.990 евра.

Со Мока пред три години тестиравме колкава е разликата во времето на пристигање, ако се вози бавно, и ако се вози побрзо, и како тоа влијае врз потрошувачката

Тест на Аутомедиа: Колку корист од брзото возење?

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

САД им ставија 100 проценти царина на кинеските електрични автомобили

Мерцедес-АМГ ГТ со четири цилиндри чини двојно помалку отколку со 8 цилиндри