Renault се покажа вистински специјалист за системска преориентација на „источните“ марки. Тоа што на Французите им успеа одлично со Dacia, сега ѝ претстои на руската Lada. Продажбата на Vesta на локалниот пазар стартува веќе во ноември.
Lada веќе одамна можеше да биде марка замината во историјата. Откако рускиот пазар се отвори за многуте странски производители, Lada повеќе немаше што да бара во новите конкурентски услови на домашниот пазар, со автомобили со техника стара три децении. Доколку не се појавеше Renault-Nissan и не донесеше со себе многу пари, непроценлива експертиза и солидна технологија, заедно со искусен главен дизајнер, производителот Avtovaz ќе живееше само уште во историските записи.

Ситуацијата сега е променета. Renault сигурно управува со кормилото, руската марка конечно ја доживува трансформацијата. И новата лимузина Lada Vesta веќе е реалност. Најголемото достигнување со Vesta сепак е во тоа што од претставувањето на концептниот автомобил до почетокот на производството на Vesta мина само една година, што досега се нема случено во историјата на руската марка. Производството е во тек веќе десетина денови во погоните во Ижевск, каде што се произведуваат и моделите на Nissan за локалните пазари. Околу 70 проценти од компонентите за новиот модел се од руска продукција. Моторот, менувачите, делови од подвозјето, пресуваните панели со средни и големи димензии за каросериската структура, како и надворешните каросериски панели пристигаат од фабриката во Тољати.
Дизајнерот на Volvo и Mercedes сега создава автомобили за Lada
Дизајнерот Стив Матин успеа тоа што на времето го правеше со моделите на Volvo и Mercedes да го пренесе и на руската марка. Lada Vesta го привлекува вниманието, но не како реликт од минатото, туку како автомобил што не треба да се срами да паркира и покрај марки што му даваат приоритетно значење на дизајнот. Тоа важи особено кога новата лимузина ќе се спореди со претходничката Priora.

Vesta е прв модел на Lada со новиот дизајнерски говор на марката, најавен со студијата Xray уште во 2012 година. Формата на „иксот“ е основна ориентација во печатот на новиот дизајн и истата се забележува во носот на возилото, каде што дополнително е нагласена со карактеристично изведените хромирани лајсни во долната половина од браникот. Отстрана се впечатливи двете релјефни вдлабнатини, кои што исто така формираат „X“. Високата странична линија, издолжената хауба и косиот покрив внесуваат динамика во изгледот, и според дизајнерот Матин, влеваат чувство на безбедност и надежност. Темата на „иксот“ продолжува и назад, во формата на светлата.
Руска подготовка: Беспрекорно палење до -30, голем резервоар, солиден клиренс
Просторноста во кабината е еден од главните белези на лимузината од компакт класата и произлегува од платформата на Renault-Nissan, која што меѓу другото се користи за Dacia Logan, Nissan Micra и Nissan Juke, како и за Datsun Go. Својствено за автомобил од руска продукција, француско-јапонско-романската техника на Vesta е „надградена“ со голем клиренс, долна заштита на кошот на моторот од оштетување и валкање, поцинкувана каросерија, заштита на праговите и подот од корозија, посебна калибрација на моторот за руската клима со сигурно стартување и при минус 30 oC, голем резервоар со зафатнина од 55 литри. Натаму, „руската“ обработка опфаќа заштита на бравите од замрзнување, како и мерки за спречување снегот од покривот да падне врз седиштата при отворање на вратите или можност за сигурно ракување со сите прекинувачи без потреба од вадење на ракавиците.
Контрола на стабилноста во стандардниот пакет безбедносна опрема во Vesta
Од безбедносната опрема, стандардно следуваат контрола на стабилност, воздушна перница за возачот, електронски систем за дојава при итен случај Ера-Глонас и три потпирачи за глава на задната клупа. Во зависност од нивото на опрема и изведбата се достапни и воздушна перница за совозачот, странични воздушни перници, контрола на тракција, предзатегнувачи за предните безбедносни ремени со лимитери на затегање или автоматско отклучување на вратите и вклучување аларм во случај на активирање на воздушните перници.

Во почетокот се нуди само еден погонски агрегат, 1,6-литарски мотор ВАЗ-21129 со 16 вентили, со моќност од 106 КС и променлива должина на вшмукувачката гранка. Менувачот е мануелен со пет степени, а достапен е и роботизиран менувач развиен во заедно со германскиот специјалист ZF. Расположливите технички податоци пред почетокот на продажбата се исклучително сиромашни и достапни се само податоците за димензиите: Должина 4410 mm, ширина 1764 mm, висина 1497 mm, меѓуоскино растојание 2635 mm, ширина на трага напред/назад 1510 mm, багажник 480 литри, резервоар 55 литри.
Продажбата на рускиот пазар стартува на 25-ти ноември, за повеќе податоци околу цените и опременоста ќе треба да се почека дотогаш. Најскапата верзија на актуелната Priora, со мотор со 106 КС, автоматски менувач и врвно ниво на опрема во моментов чини 532.000 рубљи или окоилу 7.600 евра – вклучувајќи греење на предни седишта и ветробран, клима уред, мултимедиски систем со екран на допир од 7 инчи и алуминиумски бандажи од 14 инчи. Мала е веројатноста дека ова ниво на цени ќе го држи наследничката Vesta.
















