Карбонот е неизоставен материјал во конструкцијата на секој автомобил што тежнее за врвни достигнувања. Кусо се присетуваме на почетоците на карбонот, на McLaren MP4/1, но и на младиот инженер Хорацио Пагани, чијашто идеја за карбонот беше премногу напредна за неговиот работодавец Lamborghini.
Исто како многу други технички новитети, карбонот пристигна во производството на автомобили директно од формула 1. Во кралицата на мотоспортот отсекогаш имало доволно пари, луѓе и поттик за нешто да се направи подобро од конкурентите. Но, пред карбонот да се појави во автомобилите, тој наоѓа примена во аеронаутиката. Британското воено воздухопловство почнува да го користи лесниот и цврст материјал од јаглеродни влакна во 1963 година.
Дури на крајот на следната декада McLaren започнува заеднички експерименти со американскиот производител на авиони Hercules. Во 1981 година се појавува McLaren MP4/1, првиот формула 1 болид со шасија од карбон, како една од најголемите технички револуции во мотоспортот. Болидот на McLaren не само што е полесен и побрз од конкурентите, туку и многу е поцврст. Тоа се покажува по страотниот судир на Џон Вотсон во Монца.
McLaren MP4/1 од 1981 година
Карбонот е темел и на моделите од спортската марка којашто го носи името McLaren. Кон крајот на минатата година беше отворена нова фабрика што е специјализирана за лесниот материјал. Таму годишно ќе се произведуваат до 5.000 шасии за моделите на McLaren, со можност за проширување на капацитетот.
По 1,5 килограм тежина на секоја коњска сила во McLaren Senna
Хиперспортскиот McLaren Senna е само уште еден доказ дека од марката од Вокинг во иднина може да се учекуваат уште многу спектакли. Со моќност од 800 КС и тежина од само 1,2 тон, автомобилот што е именуван по возачката легенда поставува нови стандарди во класата на најбрзите и најсилните.
Следната марка што масовно го користи карбонот се наоѓа во близина на Модена, во гратчето Сан Чесарио сул Панаро. Таму е седиштето на автомобилската компанија на Аргентинецот Хорацио Пагани. Во футуристичката градба се произведуваат едни од најскапите автомобили во светот, рачно, и со многу карбон. Лесниот материјал не само што се наоѓа на фасадата, туку го има и во тоалетите. При обиколката на своето автомобилско царство, Пагани се вози на велосипед од карбон.
Прототипот Countach Evoluzione на Хорацио Пагани пред заминувањето од Lamborghini
Како млад инженер, Пагани се вработува во Lamborghini во средината на 1980-те години, кадешто ги истражува можностите на новиот материјал со јаглеродни влакна. Бидејќи никој не верува во неговите визии, тој приватно купува автоклава, во којашто изработува делови од карбон. Набрзо светот го здогледува и првиот резултат од оваа работа. Аргентинецот првпат изработува комплетна структура од јаглеродни влакна. Дотогаш материјалот се користи само за каросериски додатоци.
Менаџерите во Сант Агата немаат разбирање за револуционерната техника на Пагани
Резултатот од работата на Пагани се вика Lamborghini Countach Evoluzione. Овој зачетник на модерните суперспортски автомобили е за дури половина тон полесен од Countach QV 5000 S, којшто се користи како појдовна основа. Со моќност зголемена на 490 КС и тежина од само 980 килограми, Evoluzione постигнува спектакуларни перформанси, коишто не се далеку од оние на денешните ултраспортски автомобили.
Инженерот од Јужна Америка ја изведе целата кабина како едноделен монокок со саќеста структура. Карбонот беше комбиниран со елементи од алуминиум, заради уште пониска тежина, а поголема цврстина. Капаците, каналите за воздух и аеродинамичните додатоци беа од карбон. Единствено вратите и крилата и натаму беа од алуминиум, затоа што кај нив уште не можеше да се постигне доволна заштеда во тежината.
Карбонот е суштината на суперспортските автомобили од Сан Чесарио
Прототипот на Пагани постигнуваше крајна брзина од 330 километри на час. За крај, Evoluzione доби и приспособлива амортизација, којашто освен дотерување на каросеријата по висина, овозможуваше и многу поголем комфор во возењето. И уште ова: Погон на сите тркала со варијабилна распределба меѓу обете оски. Сето тоа пред повеќе од триесет години.
Менаџерите во Сант Агата немаа доволно слух за револуционерната техника на Пагани. Тие стравуваа дека новиот материјал не може да се поправи по оштетување во судир и дека возилото е прескапо за сериско производство. Хорацио Пагани си замина од Lamborghini и во 1981 година ја основаше сопствената компанија Modena Design. Аргентинецот изработуваше карбонски делови за тимовите во формула 1, за Ferrari, Mercedes, Aprilia. Една година подоцна беше основана и Pagani Automobili Modena.
Во Lamborghini секако дека беа во право околу неможноста за поправка на оштетените карбонски делови. Материјалот од јаглеродни влакна е неверојатно цврст, но кога ќе се преоптовари, тој не се деформира, туку пука. Во тој случај помага само замена. Рециклирањето исто така е мисловна именка за карбонот, а и самата обработка повлекува неколку здравствени ризици. Но, овие проблеми не ја спречија денешната „масовна“ примена на лесниот и цврст материјал. Јаглеродните влакна ќе имаат уште поголема примена во иднина. Намалувањето на тежината е важно и за новите генерации електрични автомобили.
Во Lamborghini денес се работи на големо со карбонот
Назад во седиштето на Lamborghini, во Сант Агата, на само неколку километри од фабриката на Pagani. Со финансиска помош на мајчинската фирма Audi, денес таму е изграден голем и скап центар, којшто им е посветен на лесните конструкции, односно на карбонот. За разлика од McLaren и Pagani, коишто работат со јаглеродни влакна што се поставуваат во матрица од вештачка смола и потоа се печат на високи температури, Lamborghini применува еден вид каша. Нивниот пристап овозможува добивање многу посложени форми од карбон.
Во постапката на Lamborghini се избегнува рачното преклопување на платна од јаглеродни влакна, коешто бара врвна вештина и мачна доработка. Деловите практично се изработуваат индустриски. Последен пример за тоа е Huracan Performante. Иднината сосема извесно им припаѓа на овие лесни и екстремно издржливи материјали.
McLaren отвори фабрика специјализирана за карбонски композити
Ford GT ќе вози со бандажи од карбон
Скапоцена алка на рака место клуч в џеб: Фирма од Лондон со „генијална“ идеја






















