Honda CR-V првпат добива хибриден погон

Honda CR-V Geneva

Honda ќе ја претстави европската верзија на новиот CR-V на салонот во Женева. Новата генерација на комфорниот крстосувач пристига со подобрен квалитет во кабината, неколку фини детали и повеќе простор. Првпат во Honda CR-V се нуди и опција за седум седишта во моделските верзии со бензински мотор, а ќе има и хибрид.

Дизајнерите го освежиле изгледот со повпечатливи крила, поостри контури на хаубата и храбро искосен раб на задните прозорци. Динамичниот настап го заокружуваат предните светла и дводелната маска со ефектниот „носач“ на логото на Honda. Многу работа има вложено во аеродинамичноста.

Во стилот на кокпитот е ставен нагласок на хоризонталните линии, што на патниците треба да им обезбеди чувство на просторност. Инструментите се заменети со дисплеј од 7 инчи, а уште еден дисплеј со истата големина е сместен во средишната конзола. Командите за климатизацијата се поедноставени и се поставени директно под средишниот дисплеј.

honda cr-v geneva 2

Димензиите на каросеријата се зголемени незначително во споредба со претходникот, но меѓуоскиното растојание е продолжено и ширината е зголемена, така што во кабината може да се очекува многу повеќе простор. Багажникот исто така е поширок и подлабок, нудејќи ја флексибилноста којашто отсекогаш била силна страна на CR-V. Првпат се нуди верзија со седум седишта, за моделските изведби со бензински мотор.

Honda повторно нуди хибриден погон што се разликува од оној на Toyota, оваа „оригиналност“ досега не им донесе поголем успех на хибридните модели

Првпат во теренец на Honda на европскиот пазар ќе биде достапна и верзија со хибриден погон. Дволитарски i-VTEC со еткинсонов циклус е комбиниран со два електромотора во новиот концепт на хибриден систем што Honda го нарекува i-MMD, кусо од Intelligent Multi Mode Drive. Главната разлика е во тоа што во погонската спрега на i-MMD отсуствува менувач. Тоа овозможува покомпактни димензии на системот, поголема флексибилност во поставувањето на погонската спрега, помалку загуби. Повеќе детали околу хибридниот систем ќе следат откако Honda ќе го претстави новиот CR-V во Женева.

honda cr-v geneva 1

Втора погонска опција е 1,5-литарски турбо бензинец, во комбинација со шестстепен мануелен менувач или по желба со менувач CVT. Обете погонски верзии се достапни во верзија со погон напред или со погон на сите тркала. Растојанието од подлогата е зголемено за 38 милиметри во сите варијанти, односно во случај на моделот со бензински мотор и погон на сите тркала изнесува 208 милиметри.

Испораката на CR-V со 1,5-литарскиот турбо ќе стартува наесен, додека за хибридната верзија треба да се почека до почетокот на следната година.

Honda Accord со титула на автомобил на годината во Детроит

Honda Insight се враќа како голема лимузина

Honda CR-V Hybrid во трка против бестселерот Mitsubishi Outlander PHEV

Хибридната изведба ѝ ја враќа славата на Toyota RAV4

Претходна објаваЦените на дизелите десеткувани по забраните за сообраќај во Германија
Следна објаваОд овој материјал се создадени суперспортските автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here