Производителите на автомобили мораат значително да ја зголемат продажбата на целосно електрични и хибридни автомобили и покрај „пазарниот скептицизам“ кон електричните автомобили. Тоа е единствениот начин за производителите в година да останат под лимитот за емисијата на ЦО2, што го поставува Европската Унија за 2025 година, заклучува аналитичката куќа Датафорс.
Просечната емисија од сите нови автомобили што ќе се продадат во ЕУ во 2025 година не смее да надмине 93,6 грами ЦО2 по километар. За споредба, лимитот што ЕУ го постави во 2021 година изнесуваше 116 грами ЦО2 на километар.
За секој производител псоебно се одредува различна вредност на таргетот, којашто се заснова врз просечната маса на возилата на тој производител, што значи дека марките како Мерцедес-Бенц и БМВ, што продаваат тешки и луксузни СУВ имаат повисок таргет, во споредба со марки што главно продаваат помали автомобили, со помали мотори и пониска емисија на ЦО2, како Ситроен или Дачиа.
ЕУ ќе ги казни марките што ќе го надминат својот таргет со 95 евра по секој грам над таргетот, по секое продадени возило. Производителите на автомобили платија казна во вкупна висина од 550 милиони евра, поради пропуштање на своите таргети за 2021 година, иако речиси сите марки навреме ги исполнија своите цели, кажуваат од Датафорс.
Од поголемите автомобилски групации во Европа, единствено Џили и Тесла во моментов се под своите таргети за 2025 година. Тојота, што продава главно хибриди и помал удел од електрични возила, најблиску е до својата цел за 2025 година. Најголем е јазот кај Форд и кај концернот Фолксваген, открива Датафорс.
Извршниот директор на Фолксваген, Оливер Блуме, во почетокот на годината објави дека ЕУ треба да ги смени таргетите за ЦО2 поради забавената продажба на електрични автомобили. Тој исто така наведе дека Фолксваген веројатно ќе се придружи во т.н. пул за емисија, со друг производител што има пониска емисија на ЦО2, за да го смали просекот на својот возен парк.
Извршниот директор на БМВ, Оливер Ципсе, исто така побара да се направат измени во таргетите, исто како што во отворено писмо до законодавците наведе и извршниот директор на групацијата Рено, Лука де Мео.
Уште нема поголеми најави дека ќе се склучат нови договори за „пулинг“ меѓу производителите на автомобили за 2025 година.

Најбрзиот начин за производителите да останат под лимитот е да се зголеми продажбата на целосно електрични автомобили, но пазарот во ЕУ значително забави годинава, откако беа повлечени субвенциите на големи пазари, посебно Германија, и купувачите не ги прифаќаат повисоките цени на електричните автомобили.
Пазарниот удел на електричните автомобили во Европа во првото полугодие се намали на 13,3 проценти, наспроти 13,8 проценти во истиот период во 2023 година.
Производителите се подготвуваат за таргетите и преку зголемување на продажбата на целосно хибридни модели, како и со натамошно пробивање на пазарот со приклучните хибриди. ПХЕВ годинава го задржија својот удел во продажбата, иако се ценат како скапа преодна технологија.
Во првото полугодие, европскиот пазар на електрични автомобили порасна за 4,3 проценти, односно се продадени 234.000 возила повеќе од истиот период лани. Половината од зголемената продажба доаѓа од целосните хибриди, главно Тојота.
„БЕВ и ПХЕВ нудат најголем потенцијал за смалување, но скусувањата на субвенциите спречија тие да прераснат во пазарна главнина“, наведува Датарфорс.
Се очекува дека продажбата на ПХЕВ ќе се намали значително, посебно откако ЕУ притиска да се провери искористеноста на погонот, односно временскиот удел кога приклучниот хибрид работи во целосно електричен режим. Надгледувањето во реално време покажа дека ПХЕВ се користат со активен мотор со внатрешно согорување во многу поголем удел отколку што тоа се предвидува во тестовите за хомологирање.
Анализата во април од страна на групацијата Транспорт и Животна средина откри дека врз основа на составот од возилата продаден во 2023 година, производителите мора да го зголемат уделот на пазарот на електричните автомобили на 24 проценти. Доколку се зголеми продажбата на хибридите, таа вредност ќе се смали на 18 проценти.
Датафорс наведува дека производителите што немаат целосно хибриди во својата понуда од модели ќе мораат да ја зголемат продажбата на БЕВ и ПХЕВ на 37 проценти. Производител што 55 проценти од продажбата постигнува со целосни хибриди, може да го смали уделот на БЕВ и ПХЕВ на 23 проценти.

Покрај менаџирање со својата понуда од видови погон (на пр. со повлекување на моделите со висока емисија од пазарот), производителите на автомобили можат да се сосредоточат на смалување на цената на своите ЕВ, преку користење евтина ЛФП-батериска технологија и преку зголемувањето на продажбата. Тој предизвик стана уште покомплициран откако ЕУ воведе дополнителни царини за ЕВ што се произведени во Кина, а традиционалните европски производители ги продаваат во Унијата. Годинава пристига нов бран електрични модели со основна цена од 25.000 евра или повеќе, како што се Ситроен е-Ц3 или Рено 5.
Тоа ќе влијае врз цената на автомобилите со мотор со внатрешно согорување, се наведува во извештајот на Датафорс. „Купувачите на автомобили мора да се подготват за ценовен спок кај бензинските и дизел моделите, додека БЕВ ќе стануваат подостапни, откако ќе се воведат новите модели.“
















