за

Тојота Јарис Крос најпродаван Б-СУВ до април, хибридите ја влечат продажбата

Големата побарувачка за хибридните изведби на Тојота Јарис придонесе овој модел да стане најпродаван малечок СУВ на пазарот во Европа.

Тојота Јарис Крос: Првпат хибриден модел предводи во најпродаваниот сегмент на европскиот пазар.

Тојота Јарис Крос го престигна Фолксваген Т-Рок во категоријата на малечки СУВ модели во досегашниот тек на годината. Првпат се случува модел што главно се бара во хибридна изведба да стане водечки модел во најпродаваниот сегмент на европскиот автомобилски пазар.

Сегментот на малечките СУВ во првите четири месеци го зголеми предимството пред компактните СУВ. Нивната продажба порасна за 9,4 проценти на 802.944 возила.

Продажбата на Јарис Крос е смалена незначително во споредба со истиот период лани, меѓутоа тој пад е помал отколку кај Т-Рок. Тоа придонесе Тојота да го престигне моделот на Фолскваген и да го преземе водството со продадени 66.171 примероци.

Најпродавани модели во Б-СУВ сегментот до април во Европа

  Модел Јан-Апр ’24 % ’23
1 Toyota Yaris Cross 66174 −1.6%
2 VW T-Roc 65590 −3.4%
3 Peugeot 2008 60666 14.00%
4 Ford Puma 59259 28.00%
5 Dacia Duster 56631 −3.9%
6 Renault Captur 49778 6.80%
7 VW T-Cross 38837 −2.2%
8 Nissan Juke 36652 44.00%
9 Skoda Kamiq 34176 4.00%
10 MG ZS 33960 81.00%

Хибридните модели учествуваат со 94 проценти во продажбата на Јарис Крос. Тоа е најпродаваниот хибрид воопшто на пазарот, до април.

Продажбата на хибридните модели во сегментот на малечките СУВ порасна за 16 проценти во споредба со првите четири месеци лани, на 118.580 возила. Во тоа има голем удел и хибридната изведба на Рено Каптур, чијашто продажба порасна за 38 проценти. Истото важи и за техничкиот сродник Нисан Џук. Двата модели заедно ја зголемија продажбата за 10.000 примероци.

Во клучниот сегмент наскоро пристигаат нови хибридни модели, да ѝ се спротивстават на Тојота. Во тековното тромесечје доаѓа целосно хибридна изведба на новата Дачиа Дастер. Подоцна годинава се очекува и хибридна изведба на кинескиот МГ ЗС.

Хибридите учествуваа со 15 проценти во вкупната продажба на малечки СУВ. Тоа е далеку повеќе од дизелите, чијшто удел се сведе на 6,5 проценти и од целосно електричните модели, со удел од 5,4 проценти. Бензинците и натаму се најбарана погонска изведба, со 68 проценти од пазарот во овој сегмент.

Удел на видовите погон во сегментот јан-апр. ’24

Продажба Удел % ’23
Бензин 549627 68.00% 10.00%
Хибрид 118580 15.00% 16.00%
Дизел 51902 6.50% −13%
ЕВ 43204 5.40% 40.00%
ЛПГ / ЦНГ 34561 4.30% 0.00%
Плагин хибрид 2775 0.40% −53%

Најголемиот раст во продажбата што го има постигнато одреден модел доаѓа од новиот Џип Авенџер. Неговата продажба до април е зголемена за 22.799 возила во споредба со лани, кога моделот уште ја почнуваше својата кариера. Од јануари до април, Џип продаде 25.820 примероци од Авенџер, што направи моделот да биде 15-ти најпродаван автомобил во сегментот.

Авенџер се произведува во фабриката на Стелантис во Тихи, Полска, и беше замислен да се продава главно како електричен модел, меѓутоа главниот двигател на продажбата излезе верзијата со 1,2-литарски бензинец, што учествува со три четвртини во продажбата на моделот.

Џип Авенџер придонесе за големиот раст во продажбата на малечките СУВ-модели.

Авенџер е посебно популарен во Италија, каде што е најпродаван малечок СУВ во првите четири месеци од годината.

Италија е воедно најголем пазар за малечки СУВ во периодот од јануари до април, пред ОК и Франција, каде што оваа категорија возила сочинува 27 проценти од пазарот. На целиот европски пазар, малечките СУВ постигнаа учество од 18 проценти до април.

Успехот на Авенџер доаѓа на грбот на поголемиот Џип Ренегејд, чијашто продажба во периодот се смали за близу 9.000 примероци и тоа е најголем пад што го има доживеано одреден модел од сегментот.

Ренегејд се произведува во Италија. Нов Ренегејд се очекува во 2026 и тоа ќе биде првиот модел на Џип што е конструиран врз новата платформа СТЛА Смол (Стела Смол) на Стелантис, развиена главно за целосно електричен погон.

По Авенџер, втор најголем раст во продажбата на ниво на еден модел доаѓа од кинескиот МГ ЗС, на 10-то место. Неговата продажба пораснала за 81 проценти, на 33.960 возила. Меѓу останатите големи добитници се четвртиот најпродаван модел Форд Пума (+28 проценти) и осмопласираниот Нисан Џук (+44 проценти).

Фолксваген Т-Рок беше лидер во продажбата на малечки СУВ во 2023 година, но во првите четири месеци од годинава, неговото место го презеде Тојота Јарис Крос.

Покрај Авенџер, друг важен нов модел што почнува со продажба во сегментот е Фиат 600, којшто користи иста техника со Џип, и се нуди во целосно електрична и бензинска изведба. Верзијата на струја, 600е, произведувана во фабриката во Тихи, заедно со Џип, за четири месеци се продаде во 3.526 примероци.

На лансирната рампа се наоѓаат повеќе електрични модели, што најавуваат дека уделот на електричниот погон во продажбата на Б-СУВ ќе се зголеми од сегашните 5,4 проценти.

Производителите сепак продолжуваат да играат повнимателно во овој сегмент и нудат бројни варијанти со мотор со внатрешно согорување, кои им се придружуваат на електричните изведби, во време кога преоѓањето на електрични возила во овој сегмент напредува побавно од очелувањата.

Фиат 600е се вбројува меѓу моделите со електричен погон во сегментот на малечки СУВ, чијшто број постојано се зголемува.

Освен од новите Дастер, Авенџер и 600, растот во продажбата во овој сегмент се очекува да дојде главно од фејслифтираните модели, вклучувајќи го освежениот Рено Каптур.

Рено се откажа од изведбата со приклучен хибриден погон, но затоа ја подобри ефикасноста на класичната хибридна изведба и го унапреди инфо-забавниот систем, со новиот интерфејс на Гугл.

Веќе е во продажба освежената изведба на Шкода Камик, на 9-то место, којашто сега располага со двоен дисплеј.

Нисан Џук исто така доби освежување годинава, меѓу другото со нов средишен дисплеј од 12,3 инчи и со нови материјали во кабината.

Видеото од тестот на Џили Кулреј

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Германската фабрика на Тесла ќе мирува пет дена

50 години Голф: И неговата иднина е електрична