за

Германската фабрика на Тесла ќе мирува пет дена

Тесла ќе направи прекин во производството во фабриката близу Берлин поради слабеењето на продажбата на Модел Ипсилон и забавувањето на европскиот пазар на ЕВ.

Фабриката на Тесла во Гринхајде, во близина на Берлин.

Тесла месецов ќе го запре производството во својата фабрика во Германија во времетраење од пет денови, со цел да ги подобри процесите во фабриката што се наоѓа во близина на Берлин.

Фабриката во Гринхајде нема да работи во делот на монтажата на возила и на погонската спрега на 7-ми, 14-ти, 17-ти, 27-ми и 28-ми јуни, соопштија претставници на Тесла во четвртокот.

Тесла третпат годинава го прекинува редовното производство во германската фабрика.

Фабриката во Гринхајде еднаш направи еднодневен планиран прекин на производството во мај, а претходно во март, фабриката беше запрена неколку денови, поради подметнување пожар.

Во фабриката се произведува Модел Ипсилон за европските пазари.

Продажбата на Модел Ипсилон во април опадна за 11 проценти, на 9.329 возила. За четири месеци, продажбата е намалена за 17 проценти, на 67.975 возила.

Компанијата има намера да скуси околу 400 работни места во Гринхајде, што претставува околу 3 проценти од работната сила во фабриката, поради забавувањето на европскиот пазар на ЕВ.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

DHL го отвора првиот центар за електрични возила во Европа

Тојота Јарис Крос најпродаван Б-СУВ до април, хибридите ја влечат продажбата