50 години Голф: И неговата иднина е електрична

Новото моделско годиште на Голф 8 почна да се произведува на 12-ти април

Поминаа 50 години откако Фолксваген почна да го произведува својот бестселер Голф. Од 1974 година, монтажните ленти ги напуштија 37 милиони возила, од кои 20 милиони се излезени од матичната фабрика во Волфсбург.

Компактниот СУВ-модел Тигуан во меѓувреме го претрка Голф, како модел од којшто марката Фолксваген на годишно ниво продава најмногу примероци. Голф сепак останува клучен дел од понудата на германската марка.

„Голф мора да остане“, кажа Томас Шефер, извршен директор на огранокот за патнички возила на Фолксваген, за време на свеченото одбележување на јубилејот на Голф на 3-ти јуни, во Волфсбург. „Такво докажано име не може едноставно да се заборави.“ Типичниот ДНК сепак мора биде присутен во секоја следна генерација на Голф.

Додека дојде новата генерација, тековната, осма генерација на Голф, мора да издржи уште неколку години. Следниот Голф ќе биде со целосно електричен погон и ќе биде конструиран врз платформата ССП. Фолксваген првпат ќе го прикаже серискиот модел веројатно уште во 2028 година. Но, електричниот Голф е планирано да биде пуштен во продажба дуру во почетокот на 2030-те години. Тоа ќе биде долг животен циклус на производствените линии за тековниот Голф 8: Тој првпат беше покажан во јавноста кон завршетокот на 2019 година, што значи дека при неговата смена тој ќе биде постар од десет години.

Надежи за уште една успешна историја на Голф

Шефицата на работничкиот совет на концернот, Даниела Кавало, исто така ја нагласи важноста на Голф за марката и за фабриката за време на свеченоста. „Волфсбург едноставно не може да функционира без Голф“, вели Кавало. „Се надевам дека и со идниот електричен Голф ќе можеме да продолжиме да пишуваме успешна историја.“

Таа повлече паралели меѓу тековното преоѓање кон електричен погон и преодот од Бубата на Голф, пред пет десетлетија: Тогаш исто така постоеше двоумење меѓу вработените, дали новиот компакт ќе може да го продолжи успехот на Буба.

Слична таква мешавина од страв и надеж за успех постои и денес, кажува Кавало.

„За центарот на општеството“

Премиерот на сојузната покраина Долна Саксонија, Штефан Вајл, кој во својство на застапник на државата е воедно и член на надзорниот одбор на концернот Фолксваген, исто така зборуваше за важноста на Голф. Политичарот кажа во Волфсбург дека, „Голфот е автомобил за центарот на општеството.“

Иднината на Голф не беше секогаш извесна, кажува Вајл алудирајќи на продолжувањето на името Голф што во одредени времиња беше под знак на прашање: „Благодарем сум им на Оливер Блуме и на неговиот тим, за тоа што дискусијата заврши со правилен исход.“

Во две смени се произведуваат по 1.500 примероци на ден

На Фолксваген во Волфсбург му се потребни 20 часови за да произведе по еден Голф. Популарноста на компактот сепак се менува како што се менуваат и пазарните трендови. ФВ во меѓувреме продава повеќе примероци од својот СУВ-модел Тигуан, отколку од Голф.

Голф досега се произведувал во 13 различни фабрики.

Денес целосната монтажа се врши исклучиво во Волфсбург. Фолксваген таму го произведува Голф, почнувајќи од пресување на каросериските панели, до завршна монтажа.

Волфсбург во моментов може да произведува по 1.500 примероци од Голф на ден, на две монтажни линии – тоа се по 750 возила по линија. Сегашното ниво на продукција сепак се движи околу 1.200 примероци.

Според Фолксваген, тоа не е знак дека побарувачката е недоволна. Многу повеќе сопираат добавувачите, што не можат да испорачаат доволно делови за Волфсбург да произведува под полна пареа, кажуваат од Волфсбург.

Тигуан, Туран и Тајрон исто така се произведуваат во Волфсбург

Освен Голф, покрај Средногерманскиот Канал се произведуваат и компактниот СУВ-модел Тигуан и компактниот ван Туран. Во четвртото чтромесечје годинава се очекува да отпочне производството на Тајрон, со седум седишта. Тој го наследува Тигуан Алспејс, како модел меѓу Тигуан и Туарег.

Тигуан во меѓувреме се произведува во Волфсбург на уште две монтажни линии. Едната монтажна линија нуди потенцијал за 700 возила дневно, во три смени. Во посебен социјален модел на работа во ограничено време, таму во моментов се произведуваат само по 230 возила дневно, во една смена.

На 4-та монтажна линија во Волфсбург, СУВ-моделот се произведува заедно со Туран. Во три смени може да се произведуваат 1.050 возила, во моментов продукцијата е на ниво од 1.000 возила секој ден.

Претходна објаваТојота Јарис Крос најпродаван Б-СУВ до април, хибридите ја влечат продажбата
Следна објаваШефот си замина од Форд Европа, новиот работодавец е Фолксваген

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here