
Кинеската автомобилска индустрија во изминатите години изгради огромни капацитети за производство во земјата. Тоа сега станува проблем, затоа што голем дел од производсвените погони останува неискористен.
Во вкупно 169 фабрики за производство на патнички автомобили може секоја година да се произведуваат по близу 30 милиони возила.
Според податоците од кинеските институции, во 2023 година од фабричките ленти во земјата се симнале 26,1 милиони патнички автомобили. Така покажува пазарното истражување на германската консултантска куќа анп Менаџмент Консалтинг од Есен, во коешто има увид Аутомобилвохе. Од кинеските пристаништа лани за извоз заминале околу пет милиони возила.
За споредба, во Германија во минатата година биле произведени 4,1 милиони автомобили, од коишто за извоз заминале 3,1 милиони возила.
Во Кина работат 169 фабрики
Според студијата на консултантската куќа, производствениот капацитет на сите 169 фабрики изнесува 28,9 милиони возила. Просечниот капацитет на една фабрика изнесува 173.000 возила, додека средната вредност – а тоа е вредноста ако 50 проценти од фабриките работат над и останатите 50 проценти под просекот – изнесува 150.000 возила.
Џили располага со најголеми капацитети
Петер Нагел, директор во анп, вели: „Нашата анализа јасно ја покажува сложеноста и динамиката на кинескиот автомобилски пазар. Преголемите капацитети, заедно со големата концентрација во регионот, ја поставува индустријата пред огромни предизвици.“
Според анализата, најголеми производствени капацитети во Кина има Џили, со 13 фабрики и годишна продукција до 2,7 милиони возила. Потоа следи Грејт Вол Моторс (14 фабрики, два милиони возила), трет е БИД со осум фабрики во коишто може да се постигне годишна продукција до 1,8 милион возила.
Нов распоред на силите во светската автомобилска индустрија
„Забележуваме дека кинеските производители сé повеќе ги искористуваат овие капацитети, за да го зајакнат своето присуство на светските пазари и да вложуваат во технологии од иднината. Следните години ќе бидат пресудни за новиот распоред на силите во светската автомобилска индустрија, а Кина притоа ќе има клучна улога“, вели Петер Нагел.
Петнаесетте најголеми ОЕМ во Кина, според анализата на германскиот тим на анп, што го следи пазарот подолго од 20 години, располагаат со 102 од вкупно 169 фабрики за автомобили во земјата и со тоа јасно доминираат во браншата. Останатите 67 фабрики им припаѓаат на 46 помали производители, од кои повеќето имаат само една фабрика во земјата.
Гуандонг е царството на автомобилите
Анализата на распределеноста на фабриките по територијата на земјата исто така донесува интересни сознанија. Провинцијата Гуандонг на истокот на Кина, со 22 фабрики е средиштето на кинеското производство на автомобили.
Втор регион со најголема густина на фабрики е Џангсу, што исто така се наоѓа на источниот брег и располага со 17 фабрики. На третото место е Џеѓанг, јужно од Џангсу и исто така на источиот брег на Кина, со 16 фабрики.
Источниот брег доминира
Според тоа, 32,5 проценти од кинеските фабрики за автомобили се наоѓаат на источниот брег, во трите провинции Гуандонг, Џангсу и Џеѓанг. Наспроти тоа, во сиромашниот северозапад на земјата се одомаќени само неколку производители.
Во метрополите Пекинг и Шангај се наоѓаат осум, односно три фабрики.















