за

Преку субвенции и привилегии, држави вложуваат во возниот парк, една не

салон автомобили данок за возила
салон автомобили данок за возила

Со секој автомобил што ќе ја мине границата, државата вложува во сопствениот возен парк. Тоа првично се чини како спореден аспект, меѓутоа преку македонскиот пример се докажува дека тој е исто толку важен при кроењето на автомобилската политика, колку што е важно на граѓаните да им се овозможи средство за индивидуален превоз. Следното прашање во нашата тематска серија, по воведувањето на новиот данок за возила: Дали хибридите и плагин-хибридите мораше да го „носат“ данокот?

Еден аспект што досега сигурно не бил разгледуван при сите стратешки планирања поврзани со автомобилизмот во Македонија. Колку препродавачите ширум „светот“ заработиле од старите автомобили за македонските возачки и возачи? Во текот на целата претходна декада, од самиот почеток, па комплетно до завршетокот, во Македонија биле увезени точно 308.942 користени автомобили. Недостигаат само податоците за декември 2019, веројатно околу три илјади возила. Заокружено на 310.000 автомобили и под претпоставка дека просечната цена на целата таа увезена маса изнесува 2.000 евра по возило, се доаѓа до збир од 620.000.000 евра. Тоа се во просек по 62 милиони евра за увоз на стари автомобили секоја година. Заокружено, 60 милиони.

Заработката на дилерите на користени автомобили, и тоа под „претпоставка“, изнесува околу една четвртина од продажната цена. Реално, заработката кога старите коли поаѓаат од Германија и заминуваат за Македонија е многу повисока од четвртина од цената. Тие не можат да бидат доволно „евтини“ според германските пазарни услови, затоа што од една страна се погодени од високиот данок при регистрација, поради високата емисија на штетни материи, а потоа се погодени и од строгите контроли при технички преглед – зборуваме за TUV, чијшто печат ужива респект во светски рамки.

Принципот купи евтино – продади скапо, никогаш не важел повеќе отколку при увозот на стари коли во Македонија

Истите тие автомобили, не можат да бидат доволно „скапи“ според македонските услови, затоа што тука ниту се земаше превид нивната еколошка компонента при увозот, ниту пак тие беа подложувани на строг технички преглед при регистрацијата. Просторот за заработка, огромен! Паралелно со тоа, максимално задоволени и бизнис интересите. Германските дилери презадоволни што се наоѓа купувач за нивните коли со лош издув, задоволни и тукашните дилери на кои уште им останува простор за заработка.

Вклучувајќи враќање на километражата, најмалку двојна заработка. Како инаку можеше да се постигне феноменот, старите автомобили во Германија да покажуваат по четиристотини или петстотини илјади километри, додека истите тие автомобили по доаѓањето во Македонија одненадеж имаат изминато само стотина или најмногу двестотини илјади километри? Големите дилерски мрежи во Германија, што ги продаваат користените автомобили со реална километража, како еден од темелите врз коишто почива довербата на купувачите, се откажуваат од „маратонците“. Тие доспеваат кај анонимни дилери со еден единствен плац, кои главно имаат конекции со Балканот. Уште таму се случува првото враќање на километражата. Уште колку враќања следат…

Политиката мораше да го предвиди масовниот одлив на пари од државата, паралелно со масовниот увоз на автомобили; Со мали интервенции, можеше да се постигне во државата да се увезуваат помали и понови возила, воедно и почисти, со што ќе се зголемеше и „квалитетот“ на увозот

Четвртина заработка од 60 милиони евра, изнесува 15 милиони евра. Тоа значи дека некоја „трета страна“ заработувала по 15 милиони евра од препродажбата на користени автомобили за нашите возачки и возачи, секоја година. За десет години, вкупно 150 милиони евра. Препродавачите на користени автомобили, во најголем дел Бугари и „Германци“, во изминативе 10 години инкасирале 150 милиони евра од македонските возачки и возачи. Вистинската сума може да биде и 50 милиони евра, но и 300 милиони евра. Тоа, сепак, претставува калкулација којашто македонските институции мораше да ја извршат уште пред долги години.

Проблемот е уште порадикален, затоа што главнината од автомобилите, за коишто Германија и останатите западноевропски држави исплаќаа субвенции, место во топилница, завршија на плацеви во Бугарија, Полска, Унгарија, Чешка, сé до Украина. Кога стока со вредност нула, наменета како суровина за железарниците, нели, се враќа назад во промет, тоа претставува криминал. Македонија, на еден сосем наивен начин, учествуваше во криминалот на ЕУ со препродажбата на старите коли, кои сега од разбирливи причини, не завршија во челична ламарина.

Државата не се грижеше околу увозот, важно беше возниот парк да расте, а паралелно со тоа да расте и потрошувачката на гориво, што на крај носеше и носи десетици милиони евра во буџетот секој месец, на име на акциза на гориво

Во што македонските граѓани ги вложија своите мачно заработени пари? Во автомобили со криминална заднина, со најмалку три трансфери и соодветно на тоа со три заработки, пред да пристигнат до нашите возачки или возачи. Но, тоа не промени ништо во вредноста на автомобилот, во вистинската вредност. Од увозот на стари коли, со нагласок на дилетантизмот во севкупниот процес, најмногу „профитираа“ отпадите. Тоа што е очигледно на периферијата на сите поголеми македонски градови, може да се евидентира уште поверно, доколку се прегледаат сателитски снимки на гугл.

Конечниот ефект е тој, македонските институции дозволија во државата буквално да се натрупаат автомобили со кус преостанат рок на експлоатација, по што се исцрпува секаква економска смисла за нивна натамошна поправка. Место во автомобили што ќе се експлоатираат уште долги години, а воедно ќе се испочитува и апсолутниот приоритет на заштитата на животната средина, Македонија вложи во автомобилски отпади.

Новиот данок ветуваше дека поставува основа за возилата со ниска емисија да бидат помалку оптоварени со даноци и дека соодветно го регулира увозот, повикувајќи се на релевантни податоци, место само на еуро-нормата

Со новиот данок за возила, којшто во принцип претставува варијација на стариот систем со акцизи, базиран врз цената на возилото, со додавањето на еколошката компонента, конечно се воведува одбранбен систем што ќе ги поштеди македонските граѓани од вложување во ништо – плус, ќе ја поштеди животната средина од штетна емисија, поради којашто фамозните евтини „луксузни“ коли од Германија се евтини.

Во поглед на рестриктивноста при увозот на автомобили со висока емисија на штетни гасови, новиот данок го постигнува ефектот, иако е сосем извесно дека ќе биде неопходно да се воведе уште повисок степен на „одбрана“ за возилата во највисоките категории на емисија на СО2, кадешто спаѓаат големите (и најстари) теренци и лимузини. Таму воедно се постигнува најголемиот профит во синџирот на препродажба според системот купи евтино, продади скапо.

Во продолжение зборуваме за начините на коишто можеше да се поттикне правилното вложување на државата во сопствениот возен парк, место во автомобили што издржуваат уште само неколку години, за на крајот пак да завршат во отпад.

Во претходните две анализи во тематската целина за новиот данок за возила:

Симулација на цени со новиот данок за возила

Користените автомобили поскапуваат меѓу 250 и 1.500 евра со новиот данок

Тоа што во данокот произлегува како отстапка од идентичните системи кои со децении важат во земјите во ЕУ, има „локална природа“. Факт е дека во поставувањето на целата „шасија“ за новиот автомобилски данок учествуваа врвни истражувачи и научници од МАНУ. Но, исто така е факт, дека несомнено совршениот систем, по излегувањето од научната институција бил, благо кажано дотеран, а реално масакриран, преку додавањето на факторот власт и на коефициентот политички интерес.

Во третото продолжение на нашата тематска целина посветена на воведувањето на новиот данок за возила, правиме анализа на влијанието на новиот систем врз хибридните и плагин-хибридните автомобили

Месеци наназад, се препознаваа обиди да се извлече и последниот преостанат промил од продажбата на нови автомобили. Прво беа погодени таканаречените благи хибриди, како основна форма на електрификација на погонската спрега. Тоа е нов тренд, кој штотуку ќе добива на масовност, пред стапувањето на новите лимити за СО2, на 95 грами на километар. Во основа се работи за стартер-генератор, кој произведува струја при забавување и запирање, ја акумулира истата во малечка батерија и потоа ја оддава при поаѓање и забрзување, дејствувајќи кусо како погонски електромотор и растоварувајќи го самиот мотор. Потрошувачката се смалува, а со тоа и емисијата, особено при возење во град – во истите тие градови што ни се загадени до ниво на ударна вест на дневник во Азербејџан.

Овие возила постигнуваат добар еколошки биланс, но уште поважно, достапни се. Благиот хибрид е ефективен во поглед на смалувањето на емисијата, а кога на тоа ќе се додаде и фактот дека овие модели со основна форма на електрификација се воедно и најдостапни, секако дека треба да уживаат одредена даночна привилегија. Тоа беше случај порано.

Правилото е дека секоја среќа на купувачите е на несреќа на даночниците

Врз основа на фабричката хомологациска документација, моделите со благ хибриден погон беа ослободени од плаќање акциза, обично во висина од двесте до 300 евра. Тоа беше малечок спас и поетска трошка надеж за овој автомобилски пазар, што не видел добро уште од средината на 2000-те години наваму. Купувачите беа задоволни што добиваа и подостапни и поштедливи возила. Но, правилото е дека среќата на купувачите, обично е на „несреќа“ на политичарите.

Автомобилските власти не само што ја открија и таа минимална привилегија, туку не пропуштија и да „казнат“, наплаќајќи од увозниците ретроградно за сите автомобили со благ хибрид што во претходните години биле продадени без акциза. Новиот данок само минимално зема предвид дали автомобилот има благ хибриден погон, преку емисијата на СО2. Привилегијата е неколку стотини – денари.

За овие возила, што уште годинава ќе станат присутни во многу поголем обем во понудата на производителите, да бидат соодветно опфатени со новиот данок, потребно е да се примени систем по пример на австрискиот. По пресметувањето на данокот, се врши дедукција, односно одземање одредена сума од пресметаната висина на данокот, за модели што испуштаат СО2 под одреден лимит.

Конкретно, во Австрија, процентната стапка се одредува:

% стапка на данок = (СО2 – 90 ) / 5 – Дедукција (300 евра за хибриди, за Е85, автогас, метан).

На пример, за автомобил што испушта 100 g CO2/km, данокот ќе изнесува 95 минус 90, поделено со пет, односно се пресметува стапка од 1 процент. Откако ќе се пресмета 1% на даночната основа на возилото, се одземаат 300 евра. За имплементација на оваа привилегија е потребна вешта калкулација, којашто ќе доведе до ефект, место да служи само како алиби дека нешто е преземено. Тоа би било специфика од локален карактер, имајќи предвид дека станува збор за најдостапна категорија на возила со напреден еколошкки концепт, што е особено важно за македонскиот стандард. Законите од земјите ЕУ сепак не може да се копираат стопроцентно, без земање предвид на локалните услови.

Новиот данок за возила им наштетува на 137 моделски изведби со хибриден погон и 185 моделски изведби со плагин-хибриден погон, коишто претходно беа ослободени од дополнителни давачки, односно од акцизи

Тоа што остава голема дамка околу вистинските цели и воопшто околу ефективноста на новиот данок за возила, претставува укинувањето на привилегијата за хибридните возила. Можеби тоа и не претставува проблем, затоа што привилегијата досега ја уживаа „единствено“ возилата на Toyota и на нејзината престижна марка Lexus. Но, дали тоа е вистина?

Пример за субвенции во Романија:

а) Бонус 1.500 евра за предавање во отпад на возило постаро од осум години и замена со нов автомобил со емисија на СО2 под 130 g/km
b) Бонус 1.500 евра плус бонус 250 евра предавање во отпад на за возило постаро од осум години и замена со нов автомобил со емисија на СО2 под 98 g/km
c) Субвенција 10.000 евра за купување нов електричен автомобил, плус 1.500 евра за а) или b).
d) Субвенција 4.500 евра за купување нов хибриден автомобил.

Од почетокот на минатата година, во салонот на Ford исто така се нуди хибриден Mondeo. За кусо време, нови „фул“ хибриди ќе добие и Suzuki. Францускиот електро-шампион Renault, пред неколку денови ги претстави хибридните изведби на Clio и Captur. Сосем е извесно дека Kia ќе стартува на македонскиот пазар со хибриден Niro, исто како и Hyundai. Свежо пристигната на пазарот е Honda CR-V Hybrid. Вкупно 137 моделски изведби, вклучувајќи ги различните каросериски изведби, нивоа на опрема, опција на погон на сите тркала, сите до еден автомобили со беспрекорен еколошки биланс, за новиот закон за данок на возила не важат.

За да се надминат пропустите во начинот на пресметување на новиот данок, една од можностите е пресметаниот данок за возилата со хибриден или плагин-хибриден погон на крајот да се намали за одреден износ, на пример, за 1.000 или 1.500 евра, со што ќе се воспостави вистинска еколошка компонента

Toyota Corolla, семејна лимузина што понатаму низ својата историја ќе служи сосем примерно барем уште две децении во експлоатација, можеби кај едно, две, три или десет македонски семејства, млади двојки, згодни девојки и вредни момци, според новите „автомобилски закони“ во државата, се мери на иста вага со дваесетгодишен дизел со Еуро 4 или малку понов дизел со Еуро 5, што ЕУ подеднакво строго сака да го протера од своја територија.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Каде е разликата: За дизел со 5.000 евра царинска основа и 100 g CO2/km, еколошката компонента во данокот изнесува 98 евра, додека за хибрид со 13.500 евра царинска основа и исто така 100 g CO2/km, еколошката компонента изнесува „само“ 49 евра, но затоа возилото подлежи и на данок на вредност во висина од уште 567 евра. Место да ја поттикне продажбата на нови возила со реално чиста емисија, државата повторно им дава предимство на старите автомобили со емисија што е чиста само во лабораториите. Истото, со друга формулација: Место да се „вложи“ во нов автомобил што ќе остане уште долги години во експлоатација и самиот ќе се најде на пазарот за користени автомобили по одреден број години, се поттикнува внесувањето стар дизел што е пред крајот на својот век.

Возачите реагираат на привилегиите што им се нудат, врз тој принцип се базира и глобалниот продажен бум на електричните автомобили

Не е тешко да се насети дилетантизмот во намерата хибридите да ја изгубат привлегијата. Тие, патем, не се единствените што останаа „кусо“ со новиот данок, затоа што и за плагин-хибридите од 1-ви јануари се плаќа повисок данок, но само половина од пресметаната вредност. Логиката веројатно била да се оптоварат со дополнителни давачки автомобилите што постигнале добра продажба на македонскиот пазар. Тојота Авто Центар, на пример, половина од вкупната продажба од близу 900 возила лани, ја реализирала со хибридни модели.

Даночниците гледаат единствено да наплатат каде што може. До нив не допира прашањето, дали хибридните модели постигнале добра продажба првенствено поради тоа што уживале привилегии, преку нивното ослободување од акцизите. Електричните автомобили, инаку, постигнуваат фантастичен продажен бум во светски рамки, само и единствено поради фактот што се субвенционираат и уживаат уште цела низа други привилегии при експлоатацијата.

Хибридниот погон е најдостапната форма на електрификација на погонската спрега, тоа е фактор што не смееше да се превиди при кроењето на новиот данок за возила; Секој пазар има свои специфики, законите не може да се препишуваат слепо

Тоа што Toyota дваесет години наназад вложуваше во имиџот на еколошките автомобили, вклучувајќи го и настапот на марката на македонскиот пазар, даночниците го избришаа од историјата со испуштање на еден член во законот, со којшто ќе се задржеше привилегијата на автомобилите со две срца. Купувачите стекнаа доверба во хибридите на оваа марка, а преку неа и за хибридите на останатите марки, и сосем е извесно дека таа доверба ќе остане и натаму, откако ќе почнат да пристигаат електричните автомобили. Меѓутоа, тоа е манирот на непризнавање на македонските власти, кога сé што е постигнато пред актуелните гарнитури, не важи, па макар тоа било и единственото позитивно.

Јавната свест веќе одамна научи да ја препознава врската меѓу воведувањето повисоки даноци и задоволувањето на државната администрација, којашто меѓу другото претставува и најверниот и најсигурен гласачки апарат – без разлика дали станува збор за претходните, за актуелните или за идните власти. Затоа и прашањето: Дали македонските возачки и возачи ќе плаќаа помалку даноци за автомобилите, доколку администрацијата се скусеше за стотина илјади места?

Привилегија е кога државата нема целосно да им го испразни џебот на возачите, туку само до половина?

Под поимот привилегирање на автомобилите со примерен еколошки биланс, македонските даночници не подразбираат субвенции, туку намалување на данокот, на арачот. Значи, народски, привилегија е кога некој нема да ти ги собере сите пари од џебовите. Дали плагин-хибридите излегоа привилегирани, со тоа што според новиот закон плаќаат само половина од пресметаниот данок, место како претходно, да бидат целосно ослободени од дополнително даночење?

На 137-те моделски изведби што браншата ги нуди моментно, им се придружуваат уште 63 посебни модели, односно 185 моделски изведби со плагин-хибриден погон, за коишто купувачите од 1-ви јануари 2020 година треба да плаќаат дополнителен данок. Вкупно 322 моделски изведби, за кои даночниците се надеваат дека ќе им донесат огромен прилив во државната каса, токму во периодот кога тоа им е најнеопходно, пред априлските избори.

Лани се случуваше вистинска револуција во поглед на хибридните автомобили на македонскиот пазар; Даночниците тоа не го гледаат, за нив е најважно да се наплати колку е можно повеќе – дури и во случај кога корист од тоа имаат само државните јасли

Mini Cooper S E Countryman со плагин-хибриден погон, кој го внесува духот на традиционалната британска марка и кај старо и кај младо, Volkswagen Passat GTE со когошто секој ќе доживее „автомобилско препородување“ откако ќе извози релација од Велес до Скопје само на батерија, или Toyota Corolla Hybrid со којашто ја извозевме 800-километарската тура низ Македонија со 30 литри гориво, сите тие автомобили што лани внесуваа нова надеж за македонскиот автомобилски пазар, даночниците од годинава повеќе не ги „признаваат“.

Светската индустрија сепак не произведува автомобили посебно за законите во Македонија. Државата е таа што треба да се приспособи според актуелната производствена матрица на автомобилските марки.

Ефектот од новите даноци: Toyota Yaris, најдостапниот хибрид чини исто, но затоа цената на Toyota Camry порасна за 2.000 евра; Бензинските изведби на RAV4 поевтинеа за 1.800 евра

Тојота Авто Центар прва ги објави новите цени со данок за возило, за целосната моделска понуда на македонскиот пазар. Сé што претходно само се шпекулираше околу влијанието на новиот данок, сега добива и конкретен пример. Уште еднаш за потсетување, новиот закон за данок за возила беше донесен со цел да се поттикне продажбата на возила со ниска емисија на штетни гасови и воедно да се демотивира увозот на стари автомобили со лош издув. Такви биле барем намерите.

Точно осум моделски серии на Toyota се достапни со хибриден погон, со таа напомена што во Corolla и C-HR се нудат во две хибридни варијанти, со различна моќност. Со воведувањето на еколошката компонента во новиот данок, Toyota Yaris, воедно најдостапен класичен хибрид на пазарот, чини исто. Првата дубиоза се јавува кај еден од бестселерите на јапонската марка лани, кај Corolla.

Во хибридната изведба со 1,8-литарец и со емисија од 76 грами СО2 на километар, Corolla со пет врати сега чини 750 евра повеќе. Тоа е „данок“ на данокот, односно акцизата, од којашто моделот претходно беше ослободен. Овие 750 евра беа повеќе од доволни, за македонските купувачи да доживеат сатисфакцијата за тоа што избираат еколошки чист, модерен, издржан, докажан, секаков можен автомобил во позитивна смисла.

Хибридната Toyota Corolla со добрата емисија трпи штета од лошите закони; За тоа што државата бара 750 евра повеќе, не постои шанса да се најде разумен аргумент што ќе почива врз еколошка или каква било друга основа

Поскапувањето од 750 евра секако дека не е големина што може да се квалификува како дубиоза, туку може да биде протолкува единствено како штета. Најточниот збор е дилетантизам. Corolla со добрата емисија трпи штета од лошите закони. Пример за тоа колку новиот данок ја утнува смислата, следи кај посилната изведба на Corolla, со „дволитарски“ хибрид. Вклучувајќи ги највисоките нивоа на опрема со коишто е достапен 2.0 Hybrid, компактот што имаше најголем раст во продажбата на европскиот пазар лани, поскапува за 2.500 евра, односно место 28.990 евра, сега чини 31.490 евра.

Најголемата дубиоза, според новиот данок со неговата еколошка компонента: Хибридите поскапеа до 2.500 евра, додека бензинците поевтинеа за 1.800 евра

Модел

Нова цена, од (евра)

Претходна цена, од (евра)

Разлика (евра)

Yaris 1.5 Hybrid

17290

17290

0

Corolla 1.8 Hybrid (5 врати)

21740

20990

750

Corolla 2.0 Hybrid (5 врати)

31490

28990

2500

Corolla 1.8 Hybrid Sedan

24490

23490

1000

Corolla 1.8 Hybrid Touring Sports

23290

22490

800

C-HR 1.8 Hybrid

26890

25390

1500

C-HR 2.0 Hybrid

31690

29690

2000

Camry 2.5 Hybrid

32190

30190

2000

RAV4 2.5 Hybrid FWD

34490

31990

2500

RAV4 2.5 Hybrid AWD

36990

34490

2500

Споредба на претходните цени и новите цени со вклучен данок за возило, во замена за акциза, преку пример со моделите на Toyota со класичен погон

Модел

Нова цена, од (евра)

Претходна цена, од (евра)

Разлика

Corolla 1.2 Turbo Comfort

18209

17990

219

Corolla 1.2 Turbo Business

19549

19490

59

Corolla 1.2 Executive

20990

20990

0

Corolla 1.2 Executive CVT

22490

22490

0

Corolla 1.6 Business Sedan

18990

18990

0

RAV4 2.0 Active FWD

30190

30990

-800

RAV4 2.0 Dynamic AWD

34690

36490

-1800

RAV4 2.0 Dynamic AWD CVT

36190

37990

-1800

RAV4 2.0 Lounge AWD CVT

43490

44990

-1500

Со првото објавување на новите цени, неминовно е да се постави прашањето. Дали даночниците вооошто извршиле барем најосновна симулација на промената на цените на автомобилите со новиот данок? Хибриди и плагин хибриди поскапуваат, престижни модели со обичен погон поевтинуваат за неколку илјади евра.

Наопаку: Тоа што досега било подостапно поскапува, тоа што било недостапно поевтинува

Елементарни пропусти во ранг на цени во кои „грешките“ можат да ги чинат возачките и возачите повеќе илјади евра, упатуваат на незериозност, неупатеност, неодговорност во целиот тој апарат што учествувал во создавањето на новиот закон. Станува збор за сфера во којашто не може да се воведуваат промени на секои два или три месеци, без да се предизвика општ хаос.

Македонија имаше шанса со воведувањето на новиот данок за возила да постави издржана автомобилска политика, којашто со ситни измени без навлегување во логиката, можеше низ текот на годините да ја донесе државата во стадуим на менаџирање на возниот парк, над државите во ЕУ. Македонија нема сопствено производство на автомобили, а уште помалку има нафтени полиња. Место тоа да биде искористено како привилегија и да се постават строги правила во поглед на емисијата на штетни материи на автомобилите што ја минуваат границата, државата го дозволи спротивното, нé претвори во отпад на Европа.

Сферата на автомобилизмот не спаѓа во општа култура

Автомобилската политика бара стручност, искуство и пред сé одговорност. Препишувањето системи за даночење на автомобили од држави во ЕУ, со соодветно масакрирање според принципот „јас-знам-најдобро“, нé донесе до овој закон, што како да се однесува на некоја друга држава со други услови, во некое минато време. Нестручното постапување во автомобилската сфера е исто толку неразумно и штетно, како ИТ-експерт да земе да изврши операција на отворено срце или обезбедувач пред диско да биде врховен судија. Познавањата од подрачјето на автомобилизмот не спаѓаат во општа култура.

Тоа што им е потребно на македонските возачки и возачи се подостапни автомобили со почиста емисија, но првенствено е неопходна политика којашто ќе го спроведува тоа во подолга временска рамка, независно од ликовите на билбордите пред избори. Доколку Македонија имаше правилна политика и се одбранеше навреме од увозот на стари автомобили со лош издув, можеше да се задржи динамиката на продажба до 2009 година, кога во државата беа регистрирани повеќе од 15.000 нови автомобили. Но, тоа не беа дваесетгодишни лимузини од престижни марки, пристигнати да испуштат душа, туку беа нови автомобили од градската и компакт класата.

Доколку возниот парк останеше на помали и поскромни возила, првпат регистрирани во Македонија, како до 2009 година, место да се префрли на увоз на големи и луксузни лимузини од минатиот милениум, денес во државата ќе имавме возен парк со 150.000 возила стари до 10 години

Со таква динамика на продажба и задржување на рампата за увозот на стари автомобили од бугарските плацеви, денес возниот парк во Македонија ќе располагаше со 150.000 возила стари до 10 години, односно аналогно на тоа со 75.000 возила стари до 5 години, 30.000 возила стари две години итн. Место тоа, возниот парк ни е постар од 19 години, со повеќе од 300.000 автомобили постари од десет години.

Секој здрав автомобилски пазар нема потреба да увезува користени автомобили – туку сам го создава пазарот на користени. Нов автомобил што ќе се купи денес, по пет, шест, десет години, ќе се појави на пазарот на користени возила. Едниот пазар не може да опстојува без другиот. Тоа е веќе нова тема.

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

ford mustang bullitt original 1968 aukcija

Оригиналниот Ford Mustang од „Булит“ продаден за 3,4 милиони долари

Porsche Taycan продажба рекорд

Porsche лани испорачал близу 300.000 возила, нов рекорд