за

Колку се „краде“ со возењето под бугарски регистарски ознаки

Повторно омасовува возењето автомобили во Македонија под регистарски ознаки од соседството. Целта е да се избегнат давачките што државата нормално ги предвидува за автомобилите што имаат отровен издув.

Подолго од десет години, македонскиот возен парк трпи штетно влијание од панаѓурските стандарди за возење автомобили во бугарија. Не е прегрубо, ако се каже јасно: Старите и ислужени автомобили од Западна Европа, со висока штетна емисија, доспеваат масовно во регионот, главно на бугарска територија. Македонија своевремено се обиде да го ограничи штетниот увоз и воведе т.н. данок за возила. Со возењето под бугарски таблици се избегнува данокот, односно се избегнува неговата заштитна функција, да се спречи довлечкување стари автомобили со штетна емисија.

Многу нешта во македонската држава деновиве се премолчуваат, додека се продолжува со погазувањето на суштествените начела на државата Македонија. Тоа што постојано останува во „втор план“ е масовното возење автомобили под регистарски ознаки од соседството. Но, зошто воопшто се возат автомобили под немакедонски бои? Затоа што наши сожители сакаат да возат големи автомобили, што некогаш, пред дваесетина години, во Германија им припаѓале на директори, на лекари, инженери, професори, уметници, луѓе што си заработиле да возат скап и претставителен автомобил.

Масовната мобилност во Западна Европа, односно постојаното зголемување на бројот на возила по улиците, доведе до неопходноста да се воведуваат сé построги ограничувања за штетната емисија од тие автомобили. Како што нормите стануваа построги и емисијата на штетни материи од новите автомобили се намалуваше сé повеќе, така цената на старите автомобили со висока емисија на штетни материи паѓаше. Секако дека еколошки свесната и совесна Европа уште одамна воведе и високи давачки за „валканите“ автомобили, за општеството да се префрли на почисти и поздрави возила.

Како што Европа се чистеше од валканите автомобили, така во бугарската земја се трупаа тие автомобили. Манијата за возење луксузни автомобили од европскиот отпад доведе до тоа, пред 2010 година, во Македонија да се движат над 50.000 кршови со немакедонски таблици. Тоа беше грозна слика, недржавна слика. Под силен притисок од таа маса терачи на автомобили во последните километри до отпад, тогашните власти дозволија во Македонија да се увезува сé што дотогаш не смееше. Македонскиот возен парк се испогани, се побугарчи.

Колку се оштетува државата со возењето автомобили под немакедоснки регистерски ознаки?

Данокот на моторни возила, што се применува од 1-ви јануари 2020 година, и патем, во во дел ја има напуштено првичната замисла, се состои од давачка што се пресметува според вредноста на автомобилот и од давачка што се пресметува според емисијата на штетни материи од автомбилот. Значи, тоа се т.н. вредносна и еколошка компонента. За пример, земаме стар автомобил што на автоплац-отпадите чини 3.000 евра. Истиот тој автомобил, што со цената 3.000 евра ги исполнува сите автомобилски соништа, има еден голем проблем – реално се илјада проблеми, но еден е најголем – силниот и народнозастражувачки дизел мотор на тој автомобил во нашиот пример, испушта 250 грами СО2 на секој километар. Тоа е, патем, вредност според каталог.

Кога тој автомобил ќе треба да се регистрира во Македонија, за него ќе треба да се плати 0 (нула) данок за возило што се пресметува според вредноста, но затоа ќе треба да се платат и 1.135 евра, за данокот на возило што се пресметува според емисијата на штетни материи, односно СО2.

Значи, голема лимузина од пет метри, за народот да се чуди кој е тој благородник што ја тера лимузината, во Македонија нема да чини 3.000 евра, како што била првичната намисла, туку ќе чини 3.000 евра + 1.135 евра за СО2. Тоа е единствената причина, за автомобили во Македонија да се возат под немакедонски таблици. На државата не ѝ се плаќаат тие 1.135 евра, народот нека дише отровен воздух.

Секако дека постојат и автомобили од нормална категорија, со чист издув, за коишто еколошката компонента изнесува околу 200 до 300 евра

Нормално дека за секој приговор околу штетноста и дисфункцијата на тие луксузни автомобили од 3.000 евра, следи оправдување дека „стандардот ни е толку“. Тоа тврдење е веродостојно исто колку што е веродостојно дека компанијата на Илон Маск заработува од продажба на електрични автомобили Tesla. Сé e до изборот. Доколку место петметарски „џип бемве“ од пред дваесет години, на нормален господски автоплац за користени автомобили се избере нормален автомобил од компакт класа, со нормален и чист бензински мотор, тој автомобил исто така ќе чини 3.000 евра, но и ќе испушта 150 грами СО2 на километар. Соодветно на тоа, автомобилот во Македонија ќе се даночи со разумни 243 евра данок за емисија на СО2, место со 1.135 евра.

Вината за ова нерегулирање на автомобилската сцена и на тој начин погазување на македонското достоинство, лежи во институции што се погодило да бидат именувани исто како институциите во нормалните државни средини. Ако се погледне подобро, не се само бугарски таблици, туку има и маса албански и други ознаки во нашата улична слика. Кога веќе нема да биде подносливо да се гледа таа ужасна слика, од институциите спокојно ќе реагираат со 50% намалување на данокот.

Но, тоа се „само“ автомобили. Прво да ги „решиме“ другите проблеми. Многу наводници, такви дојдоа времињата.

Студија во САД: Загадениот воздух ја смалува интелигенцијата

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Американци плаќаат двојно за електричен Hummer

Honda најавува нов СУВ-модел меѓу HR-V и CR-V