за

Honda најавува нов СУВ-модел меѓу HR-V и CR-V

Нов модел пристига во понудата на Honda, сместен меѓу симпатичната и малечка HR-V, и луксузната CR-V. Познато е името и стартот на продажбата: ZR-V доаѓа веќе в година.

Honda ZR-V ќе стартува со продажба во 2023 година, како припадничка на компакт класата, значи модел со големина и зрелост на Kia Sportage или Peugeot 3008. Во јапонската марка повеќе нема место за прашање околу погонот: ZR-V ќе го користи посебниот хибриден погон на Honda, познат како e:HEV.

Јапонската марка со големото и значајно „H“ во маската добива нов модел в година, којшто се најавува како „сигнал за важна еволуција во моделската понуда“. Податоци околу техниката на возилото во моментов не се откриваат. Единствено е потврдено дека новиот модел меѓу неодамна стартуваниот HR-V и бестселерот CR-V ќе ја носи ознаката ZR-V.

Европската продажба започнува во 2023 година, моделот ќе биде задвижуван од хибриден погон, со два електромотори и со посебен начин на работа. Посебноста на e:HEV на Honda е во тоа што бензинецот при брзини до 100 километри на час го задвижува електромоторот, којшто го презема фактичниот погон на возилото. Над темпо 100, главно работи само бензинецот, затоа што моторот во тоа брзинско подрачје е поефикасен за движење на возилото, место да служи како генератор за погонскиот електромотор.

Со најавата за новиот модел, Honda го означува и почетокот на следната фаза во стратегијата за електрификација на понудата од модели на марката. Многу простор за шпекулации и претпоставки остава сооопштението дека „со следните електрифицирани СУВ модели што ќе доаѓаат, ZR-V означува важна еволуција во моделската понуда на Honda, со којашто марката уште повеќе се посветува на овој брзорастечки сегмент“.

Европската Honda ZR-V е многу веројатно дека ќе биде верзија на американската HR-V, којашто наскоро стартува со продажба

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Што се однесува до претпоставките, погонската спрега и платформата на компактниот СУВ ќе бидат преземени од новата генерација на Honda Civic, којашто стартува наесен, исто така со хибриден погон e:HEV. Судејќи по тоа што и CR-V користи погон на сите тркала во комбинација со e:HEV, може да се очекува дека во гамата на ZR-V исто така ќе се нуди изведба со погон на сите тркала. Најголема е веројатноста дека европската ZR-V ќе биде приспособена изведба на американската HR-V, којашто се базира врз платформата на новиот Civic. Повеќе детали за техниката уште не се познати ниту за моделот за САД, така што останува прво да се дознаат и тие податоци.

Во меѓувреме, новиот HR-V стартуваше со продажба на македонскиот пазар, ние веќе имавме куса средба со моделот.

HR-V е нова генерација Honda и тоа се покажува насекаде

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Колку се „краде“ со возењето под бугарски регистарски ознаки

Volkswagen Group вложува 10 млрд. € за Шпанија да стане центар на електромобилноста