за

HR-V е нова генерација Honda и тоа се покажува насекаде

Уште еден голем моделски новитет за годинава доживеа македонска премиера во овие чудни времиња за светот. Honda HR-V е автомобил што го задржува вниманието.

Нешто убаво се случува со новите генерации модели. Извесно време се чувствуваше безидејност и резервираност во конструирањето и дизајнирањето на новите автомобили. Тоа време заврши и секој вистински нов модел што доживува премиера по преоѓањето во новата деценија предизвикува одушевеност како во најдобрите времиња.

Неколку важни модели доживеаја македонска премиера од почетокот на годинава. Peugeot 308, Kia Sportage се само некои од нив. Електричниот луксузен крстосувач Audi e-tron Sportback и Lexus NX со првиот приклучен хибриден погон за марката, тие покажаа како изгледа гламурот во овие години. Сега и Honda HR-V докажува дека нешто навистина се случува со новите генерации.

Браншата навистина како да се чуваше во резерва во овие неколку години. Објаснувањето за тоа може да биде само едно. Производителите вложуваа масивно во електромобилноста, затоа што европските и светските власти го бараа тоа и условуваа со скапи казни при надминувањето на лимитите. Единствено беше неизвесно како ќе реагира пазарот, како возачките и возачите ќе ја прифатат електромобилноста како масовно движење. Околу тоа веќе нема сомневање. Светот е одушевен од возењето на струја, електричните автомобили се продаваат, буквално се бара примерок повеќе. Само уште да не беше пандемијата, менаџерската неодговорност околу снабдувањето со чипови, па сега и Украина.

Тоа е само еден кус преглед, зошто сцената повторно е заинтересирана активно, па и еуфорично околу новите генерации автомобили. Различни се овие автомобили, свежи, интересни, воопшто не се далеку од генијални.

При првото соочување со Honda HR-V, нема да се пропушти впечатокот дека новиот модел е помалечок и понизок отколку што се очекува од еден компактен СУВ. Дизајнот со потезите што ја одушевија сцената, прво кај електричната Honda-E, постигнува полн ефект и кај HighRider-Vehicle. Овој повеќе кросовер отколку СУВ во појавата, изгледа фантастично, и тоа не е претерано.

Но, пак останува таа помисла. Зошто Honda HR-V во својата трета генерација, по претходничката којашто има масивна појава, изгледа пониско и не оддава впечаток како да е надуван балон, односно не изгледа како СУВ, како што сцената со децении нé учеше дека треба да изгледа еден СУВ?

Honda HR-V очигледно е направен со различна идеја. Ова е автомобил за возачки и возачи што го сакаат својот автомобил поради неговите својства и квалитети, а не за возачки и возачи што го сакаат својот СУВ затоа што се убедени дека насекаде го привлекуваат вниманието со него. Новава Honda е пониска, затоа што инженерите сакаа да постигнат динамични возни својства, лесна управливост. Тоа, пак, води и до главната водечка идеја при развојот, а тоа е ефикасноста, односно ниска потрошувачка и чист издув.

Honda HR-V е наменета за возачки и возачи со активен животен стил што сакаат да имаат доверба во својот автомобил и кога ќе треба да се напушти асфалтот

Долу остануваат 188 милиметри клиренс, што е повеќе отколку што имаат и повеќето СУВ. HR-V дефинитивно нема да закачува по теренот при куси излети надвор од асфалтот, посебно кога ќе се земат предвид и кусите каросериски превиси напред и назад. Автомобилов е замислен за луѓе со активен животен стил, што со убаво друштво или во семејна постава ќе посакаат со своето возило да истражуваат наоколу, без грижа околу способноста на HR-V.

Багажникот е сосем пристоен со своите 319 литри, односно 335 литри ако се вклучи и длабокиот простор под подот. Импресионира правилната форма на багажникот, што е гаранција дека целиот простор ќе може да се искористи за багажот или товарот. Салонскиот примерок е во највисокото ниво Advance Style, па располага и со електрично затворање на багажникот.

Просторноста во кабината всушност е сосем в ред. На предните седишта се добива солидно просторно чувство, за што придонесува и самата форма на арматурната табла. Стилот повеќе потсеќа на некој модел од 1970-те, има многу шарм и душа во HR-V. Бројни детали се симпатични, со јапонски печат, материјалите се квалитетни, изработката е врвна. Honda сепак е премиум марка, иако Јапонците не додеваат премногу со тоа.

Различно од првичниот впечаток, по седнувањето се потврдува дека HR-V нуди солидна просторност во кабината; Ова е сепак кросовер што ги користи радионално своите 4,34 метри должина

Дизајнот на надворешноста, а уште повеќе дизајнот во кабината, го привлекува вниманието и постојано открива по некој нов детал. Дури кога ќе се седне назад и ќе се потврди дека и таму се добива повеќе од солидна просторност, почнува да бледее првичниот впечаток дека HR-V е „мал“. Далеку од тоа. Автомобилов е долг 4,34 метри, широк 1,79 метар и висок 1,58 метар. Меѓуоскиното растојание изнесува 2,61 метри.

Ценовникот почнува од 32.990 евра. Вистина е дека во класата постојат модели чијашто цена на основниот модел се движи околу 25.000 евра, меѓутоа Honda HR-V има нешто екстра, што го немаат модели што ги ловат клиентите со дампинг цена. Јапонската марка го нуди својот нов HR-V само во изведба со хибриден погон. Моторот од 1,5-литар постигнува 107 КС и 131 Nm при 4.500-5.000 вртежи во минута, додека електромоторот парира со максимални 96 kW (131 КС) и 253 Nm. Спринтот до темпо сто трае 10,6 секунди, крајната брзина е ограничена на 170 km/h.

Просечната потрошувачка при возење во град изнесува 4,6 L/100 km, a истата вредност е декларирана и при возење по отворен пат. На автопат при постојано возење со брзина од околу 130 km/h, моторот ќе потроши 7,1 литри бензин според фабрика. Начинот на работа на e:HEV погонот на Honda се разликува од познатиот начин кај Toyota и го имаме детално објаснето на следниот линк.

Секако дека посебно ќе нé радува Хонда Македонија да обезбеди демо возило за тест-возење, овој автомобил мора да се открие во возење.

Honda HR-V е следниот голем новитет годинава, стартува од 32.990€

Линкот до ценовникот на Хонда Македонија:

HR-V Hybrid ценовник

Сите модели на Honda што се во понуда на македонскиот пазар, со цени и детални технички податоци, како и можност за споредба, можете да ги погледнете на нашиот онлaјн-каталог Автосалон МК, на следниот линк https://avtosalon.mk/inventory/?marka=honda

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

One Comment

Одговори

One Ping

  1. Pingback:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Mercedes-AMG SL 43 е прв автомобил со електричен турбополнач

Новата Honda Civic Type R постави рекорд на Сузука