Honda HR-V го познаваме одлично на македонскиот пазар уште од првата генерација од крајот на 1990-те години. Купувачите ги привлекуваше дизајнот и спортскиот имиџ на јапонската марка. На сето тоа, во третата генерација им се придружува хибриден погон.
Кај овој автомобил не може да се погреши. Тоа е Honda, тоа е новиот HR-V. Изгледот несомнено ќе биде силен магнет што ќе го привлекува вниманието кон еден од клучните модели на Honda, што ќе води кон повторно зголемување на пазарниот удел на јапонската марка во Европа.
Во изгледот јасно се препознава новиот дизајнерски правец на Honda, со којшто наскоро ќе ја видиме и новата генерација на Civic. Впечатокот од појавата на компактниот СУВ во голема мера доаѓа од класичните елементи во изгледот, како што е големата маска со правилни форми и рамните рабови, од коишто е најмногу воочлив оној под страничните прозорци. Целината од тие класични елементи и модерно заоблени површини создава еден од најсвежите и најоригинални дизајни на сцената.
Колку што е посебен изгледот, толку е посебна и техниката. Хонда Центар на Макпетрол го потврди пристигањето на моделот на нашиот пазар напролет. Новата Honda HR-V ќе биде достапна исклучиво во изведба со целосно хибриден погон. Значи, не станува збор за стартер-алтернатор и благ хибриден погон, или за каква било „маркетиншка“ форма на хибрид, туку за солиден и примерен хибриден погон, што Honda го означува со e:HEV.
Новиот дизајнерски правец на Honda влече црти од електричната Honda-e, што предизвика големо внимание на сцената; HR-V долго го познаваме на нашиот пазар
https://photos.app.goo.gl/5JWX66GvGEm9faLx5
HR-V е трет модел со ознаката e:HEV во понудата на Јапонците, по CR-V и по Jazz / Jazz Crosstar. Хибридот на техно-специјалистот работи на посебен начин: Бензинецот при нормални услови на возење служи практично како генератор, односно произведува електрична енергија, што во најголемиот дел се користи директно за погон, а одреден дел, во одредени услови, може да се складира во компактната батерија. Начинот на работа го објаснивме мошне детално неодамна и може да се погледне на следниот линк.
Honda го најавува новиот HR-V како модел со најдобра просторна понуда во класата, благодарение на компактната погонска спрега (нема менувач) и на средишно постравениот резервоар. Секако дека прочуените „волшебни седишта“ се одлика и кај новиот модел. Задната клупа се соборува или подигнува во само еден потег.
Комбинацијата од класични елементи и модерно заоблени површини го создава шармот на новата Honda HR-V
https://photos.app.goo.gl/aJvA9XUu6XwRo4Jr5
Погонот се состои од 1,5-литарски i-VTEC, литиум јон батерија, два електромотори и едноставен преносен механизам со еден преносен однос. Техничарите објаснуваат дека во погонот се применуваат искуствата стекнати низ 20-те години примена на хибридниот погон во Формула 1 и во сериските модели.
Системската моќност изнесува 131 КС, додека вртежниот момент постигнува максимум на 254 њутнметри. Бројот на батериски ќелии е зголемен за 25% во споредба со Jazz, односно зголемен е капацитетот на батеријата. Просечната потрошувачка изнесува 5,4 литри, спринтот од место до 100 km/h трае 10,6 секунди.
Во внатрешноста уште повеќе се забележува спојот на класичното со напредното
https://photos.app.goo.gl/tMUpDV65wCdMdksu7
Повеќе детали за моделот ќе објавиме по неговата премиера во Хонда Центар. Засега е објавен ценовникот со трите различни нивоа на опрема за HR-V. Вообичаено за Honda и за постојаноста на марката во одржувањето на премиум имиџот, новата HR-V доаѓа со исклучително богата опременост уште во основното ниво што се води под името Elegance.
Својствено за новите генерации модели, за безбедноста и комфорот се грижат десетина системи за асистенција: Самостојно запирање при опасност од судир, со препознавање пешак (и ноќе) или велосипедист на пат, систем за задржување во лента и за следење лента, камера за сообраќајни знаци, темпомат што самостојно подзабавува кога напред има побавно возило, сето тоа HR-V го поседува уште во првото понудено ниво на опрема.
Волшебната клупа останува специјалитет на Honda
https://photos.app.goo.gl/As5feRpGr4unsm529
Автоматски клима-уред, пристап и старт без клуч, електрична паркирна сопирачка, контрола на силата на забавување преку рачки зад воланот, автоматски долги светла, па дури и грејачи во предните седишта, по четири паркинг сензори напред и назад, заедно со камера – повеќе има вишок, отколку кусок. Средишниот дисплеј има пречник од 9 инчи, навигација и поврзување со мобилен телефон се стандард.
Модел со хибриден погон во оваа класа секако дека нуди и Toyota, во одличниот C-HR. Побогата е понудата од модели со приклучен хибриден погон, но тоа се воедно и модели што спаѓаат во друга категорија на моќност, со околу 200 КС. Во таа категорија се Jeep Compass PHEV 190 eAWD (од 39.100€), Citroen C5 AirCross Hybrid (од 41.990€), Mercedes GLA 250 e (од 47.000€) и Peugeot 3008 Hybrid 225 (од 52.610€). Таму се очекува и новиот Kia Sportage во изведба со приклучен хибриден погон, што се очекува во втората половина од годината.
https://photos.app.goo.gl/KepjhE84j8k7LqMW9
















