за

Како вози хибридот на Honda без потреба од менувач?

Во тековните модели на Honda со хибриден погон не постои менувачка кутија. Моторот директно ги движи погонските тркала дури над 100 km/h.

Honda отсекогаш одела по сопствен пат, кога станува збор за хибридите. Од првиот Insight од 1999 година, преку актуелните CR-V и Jazz со погон i-MMD, до новиот HR-V, што во февруари стартува со испорака во Европа, Honda ниту еднаш нема користено ист вид на хибриден погон како останатите производители, секако вклучувајќи го и шампионот Toyota.

Во време на масовна електрификација во мобилноста во светски рамки, вистинско време е за хибридниот погон. Тоа можеби ќе звучи контрадикторно, но е сосем издржано. Со хибридниот погон денес едноставно не може да се „погреши“. Човек треба повеќе да се двоуми околу изборот на возило со бензински или дизел мотор, отколку меѓу возило со обичен бензински или хибриден погон.

Toyota одработе многу за целата бранша и зборот хибрид во салоните на марката се подразбира како поздрав за добар ден. Но, во меѓувреме и Honda го нуди погонот со електромотор во погонската спрега како стандард во својата гама. Jazz, неговата кросовер изведба Jazz Crosstar, CR-V, исто како и новите Civic и HR-V, што ги чекаме годинава, сите носат ознака e:HEV, што значи дека возат со хибридниот погон на Honda. Покрај сите нив, секако вози и чисто електричната Honda-e.

Две глобално моќни јапонски марки што масовно ја применуваат технологијата, се најдоброто што можеше да му се случи на хибридниот погон, по хибридниот погон – чиешто време допрва доаѓа

Honda разликува три видови хибриден погон. Сите се водат како Sport Hybrid, разликата е во фините детали: SH-AWD е ексклузива, наменет за суперспортскиот NSX, за Acura RLX и за Acura MDX, вториот е i-MMD, третиот е i-DCD (intelligent dual clutch drive, интелигентен погон со две спојки), користен во Fit (Jazz), Shuttle, Grace и Јade, модели за Јапонија.

Honda HR-V во нова генерација пристига годинава, хибридниот погон е стандард, нема обичен бензинец, а дизелот е веќе минато

New item by Automedia MK / Google Photos

Тоа што нé интересира нас, на европскиот пазар, тоа е втората варијанта i-MMD. Кратенката доаѓа од inteliigent multi mode drive. Погонот работи во Jazz, CR-V, HR-V, Civic, Accord (во САД), Oddysey, StepWGN и други модели за најразлични пазари. Основата на погонот се состои од бензински мотор што работи во еткинсонов циклус. Тоа е истиот принцип што го користи и Toyota во своите хибриди. Предноста е во тоа што главно преку задоцнето затворање на вшмукувачките вентили се постигнува повисока ефикасност.

New item by Automedia MK / Google Photos

На бензинецот му се придружуваат електромотор, генератор, инвертер, батерија со литиум-јон технологија и погонска интелигенција, односно контролен модул за целата погонска спрега. Нешто недостига? Ништо не недостига, сé што е потребно за технологијата на Honda е тука. Менувач е непотребен, место менувачка кутија се користи едноставна спојка. Нема автоматски менувач, нема безстепен менувач, мануелен менувач. Како тогаш функционира погонот?

При секое поаѓање, Honda со погон i-MMD, односно со технологија e:HEV, поаѓа чисто на струја. Капацитетот на литиум-јон батеријата сепак е мал и се исцрпува по најмногу два километри. Но, нема потреба од поголема батерија, а тоа значи и дека не треба да се плаќа за неа при купувањето на автомобилот. При поаѓање и при возење во секојдневни услови, што значи во град, со умерена брзина и разумно забрзување, бензинскиот мотор го „врти“ генераторот, којшто произведува електрична енергија и со тоа директно го снабдува погонскиот електромотор.

Вртежниот момент што го произведува електромоторот уште при најниски вртежи е сосем доволен да обезбеди и повеќе од пристојна динамика на возење – тоа е исто како со автомобил со обичен бензински мотор да се поаѓа во 6-от степен, затоа што вртежниот момент на моторот е толку висок при „мали“ вртежи, што може без проблем да го покрене возилото. Електричните автомобили, патем, исто така поседуваат само еден преносен однос.

Електричен режим

New item by Automedia MK / Google Photos

Хибриден режим

New item by Automedia MK / Google Photos

Погон од бензинскиот мотор

New item by Automedia MK / Google Photos

При одредена брзина и при одредено забрзување е повеќе енергетски ефикасно, ако место електромоторот, задачата за погон на возилото ја преземе само бензинскиот мотор. Тоа се случува при околу 100 километри на час. Во тој случај се активира спојката, со што се постигнува моторот да испорачува вртежен момент директно до тркалата, односно сам да го движи возилото. Во игра влегуваат и комбинации од запченици, што активираат различен преносен однос при возење во електричен и хибриден режим, и при возење во чисто бензински режим.

New item by Automedia MK / Google Photos

Во хибридната Honda CR-V што е во редовна понуда на македонскиот пазар, погонската комбинација ја сочинуваат 2,0-литарски бензинец со 145 КС и електромотор со 135 kW (184 КС) и 315 њутнметри. Во варијантата со погон напред, забрзувањето до темпо сто трае 8,6 секунди, а крајната брзина е ограничена на 180 km/h. Постои и верзија со погон на сите тркала, на којашто единствено ѝ требаат три десетинки повеќе време до темпо сто. Потрошувачката според норма WLTP изнесува 6,6 литри, односно 7,1 литри кај верзијата со погон на сите тркала.

Кокпитот на новата Honda HR-V

New item by Automedia MK / Google Photos

Honda не би била Honda, ако не додаде уште нешто екстра. Тоа во случајов се двете дополнителни рачки зад воланот, со коишто се одредува силината на „моторно“ запирање при отпуштање на гасот. Со повлекување на десната рачка се намалува силината на забавувањето, со левата рачка се постигнува посилно забавување, до степен во којшто нема потреба да се притиска врз сопирачката.

New item by Automedia MK / Google Photos

„Состојките“ се исти кај Honda HR-V, што секако дека со нетрпение ја очекуваме да доживее македонска премиера. Погонот тука го сочинуваат 1,5-литарски бензинец со моќност од 79 kW (107 КС) и 131 Nm при 4500/min, електромотор со 96 kW (131 КС) и вртежен момент од 253 Nm, литиум-јон батерија 25% поголем број ќелии во споредба со Jazz и соодветно подолг досег. Спринтот на HR-V трае 10,6 секунди, крајната брзина изнесува 170 km/h. Просечната потрошувачка на гориво изнесува 5,5 литри.

Тоа е само делот што се однесува на посебната погонска техника на Honda.

Американски професор објаснува на генијален начин, како во детали работи техниката. Уживајте. Ова се веројатно најдобро потрошените 25 минути на тема автомобили.

>>> Два важни новитети на Honda доаѓаат во 2022 година

HONDA CIVIC e:HEV

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Kia шампионски во Унгарија: Ceed најпродаван компакт, e-Niro прв електричар

Opel го зголеми пазарниот удел во Западна Европа