Новата електрична погонска спрега од Bosch ги соединува електромоторот, преносниот механизам и електрониката во заедничко куќиште, со што се намалуваат и димензиите и цената на електричниот погон. Германскиот добавувач предвидува дека главнината од електричните возила по 2020 година ќе го користат eAxle.
Во развојот на електричната погонска спрега останува уште многу простор за напредок. Bosch го докажува тоа со новата електричната погонска оска наречена eAxle. Погонската спрега кај електричните и хибридните возила моментно се состои од одделни компоненти. Новиот систем на германскиот добавувач ги соединува менувачот, електромоторот и електрониката во заедничко компактно куќиште. Со тоа се поедноставува електричниот погон, се намалуваат цената и димензиите, ефикасноста расте. Се намалува и бројот од приклучоци, кабли, заптивки и лежишта.
Системот на Bosch може да се зголемува скалесто, за моќност во дијапазон од 50 до 300 киловати (68 до 408 КС), за вградување и во градски возила и во луксузни крстосувачи. Производителите што ќе го вградуваат овој систем ќе можат да ги понудат возилата по пониска цена.
250 компоненти на електричниот погон наспроти 2500 кај обичен мотор
Дополнително им се отвора и повеќе простор на техничарите, затоа што eAxle е трипати помал од мотор со внатрешно согорување со споредлива моќност, а покрај тоа е околу 20% покомпактен одошто кај постоечките електрични автомобили. Овој податок говори најмногу за издржливоста на електричниот погон: Наспроти 2.500 одделни компоненти на конвенционален мотор со внатрешно согорување, електричниот погон се состои од само 250 компоненти.
Електричната погонска оска може да се вградува и кај модели со хибриден погон, во комбинација со мал мотор со внатрешно согорување. Bosch предвидува дека eAxle ќе постигне значаен удел кај електричните возила на преодот во следната декада.
Инженерите на Bosch работат паралелно и на усовршување на термоменаџментот, со што досегот на електричните автомобили ќе се зголеми за една четвртина при возење во зимски услови, односно за исто толку и при вклучувањето на климатизацијата во лето.

















